Македонија
Бесконечна е глупоста на Владата, вели Мицкоски по најавите за увезување работници од странство за 200 евра плата
Живееме во време кога имаме Владата на ДУИ поддржана од СДСМ, која секојдневно се труди да го понижи граѓанинот на Македонија и свесни сме дека разочарувањето кај нашите сограѓани е огромно, не само кај Македонците туку и кај Албанците, Турците, Власите, Србите, Ромите, Бошњаците. Ова 1 го порача лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ на бизнис-заедницата во Битола.
На прашањето како го коментира тоа дека Владата најави дека за 200 евра ќе донесе работници од други држави кога кај нас луѓе и за 30.000 денари месечно не работат, туку одат во странство и секој ден сме сведоци кога по најмалку 30 лица вадат бугарски државјанства и ја напуштаат државата, тој вели дека ваков тип егзибиционизам е недозволен.
„Мислам дека е беспредметно да ја коментираме Владата бидејќи од ден на ден потврдува дека само една работа е бесконечна кај неа, а тоа е, за жал, глупоста што секојдневно ја прави. Сè што би коментирал повеќе од ова би било комплимент за оваа Влада на ДУИ поддржана од СДСМ.
Во врска со коментарот за изградба на коридорите дека една од фирмите што е вклучена во надзорот е велешка, која се занимава со производство на долна облека, Мицкоски посочи дека овој скандал има епски размери не само во обем на криминалот од 22 милиона евра туку од лошиот пристап на Владата да објасни како прави криминал на отворена сцена.
„Не очекувам дека Обвинителството ќе отвори случај, но ветувам дека следната влада на ВМРО-ДПМЕ сигурно ќе се позанимава со тендерот за супервизија и надзор. Ние сме тука и стоиме на располагање да се сузбијат криминалите.
Мицкоски потенцира дека ВМРО-ДПМНЕ е спремно да оди на предвремени парламентарни избори и без техничка влада.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Сервисни информации
Променливо облачно со повремени врнежи од дожд, а на планините повремен снег
Времето денеска ќе биде, променливо облачно со повремени врнежи од дожд, а на планините со повремен снег.
Локално, врнежите ќе бидат поројни, проследени со појава на ретки грмежи. Ќе дува слаб до умерен ветер од северозападен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 5 до 10, а максималната ќе достигне од 11 до 18 степени.
Во Скопје променливо облачно со повремени врнежи од дожд. Кон крајот на денот врнежите ќе престанат. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 8, а максималната ќе достигне до 15 степени.
Од петок следува период на претежно стабилно и потопло време со пораст на температурите на воздухот.
Скопје
Осум скопски општини денеска без струја
Според добиеното известување од ЕВН Македонија АД, Регионалниот центар за управување со кризи-Град Скопје, информира дека, поради планирани технички зафати во електро дистрибутивната мрежа, денеска без електрична енергија ќе останат неколку скопски општини.
· Во периодот од 08:30 до 14:00 часот, дел од корисниците на ул.Максим Горки, реон Дом на градежници (општина Центар).
· Во периодот од 09:00 до 14:00 часот, поголемиот дел од потрошувачите на ул.Ринхини.(општина Ѓорче Петров)
· Во периодот од 09:00 до 10:30 часот, корисниците од с.Визбегово, дел од с.Мирковци, Бразда, Глуво, Чардак, Оризари.(општините Бутел, Шуто Оризари и Чучер Сандево)
· Во периодот од 09:00 до 15:00 часот, корисниците од ул.Кавалска.(општина Кисела Вода)
· Во периодот од 09:00 до 12:00 часот, корисниците на пат за Долно Лисиче, од Кодакопласт, кон Паци Петрол до реката, од Св.Петар и Павле по патот кон Долно Лисиче.(Аеродром)
· Во периодот од 09:00 до 10:00 часот, корисниците од дел од ул. 4031, село Марино.(општина Илинден)
· Во периодот од 09:00 до 13:00 часот, корисниците на дел од бул.Борис Трајковски (од Техноскоп до кружниот тек пред Драчево).(општина Кисела Вода)
· Во периодот од 10:30 до 12:00 часот, корисниците од с.Сандево, Бањане, Горњане, Дел од с.Мирковци.(општина Чучер Сандево)
· Во периодот од 13:00 до 15:00 часот, дел од корисниците на ул. Исаија Мажовски и Воин Драшкоци.(општина Ѓорче Петров)
Македонија
Димитриевски до Пендаровски: Разликата е огромна, откажете се од оваа битка и оставете нè да победиме во вториот круг
Денеска, ЗНАМ заедно со сите свои пддржувачи ја испишува новата политичка историја на македонската политичка сцена, рече вечерва претседателскиот кандидат Максим Димитриевски. Иако е јасно дека не влегува во вториот круг, Димитриевски првиот круг од изборите го смета за голем успех.
„Можам да потврдам дека се роди третата политичка сила во македонскиот политички блок во државата, која во следниот период имаме намера дополнително да ја потврдиме и надградиме, со цел еден ден граѓаните да имаат можност да изберат нешто ново“, рече Димитриевски.
На противкандидатите им честита за успехот и се заблагодари на можноста да води кампања за која рече дека не била еднаква за сите оти законот што е во сила не дава еднаква можност за медиумско претставување на сите партии.
Рече дека се гордее на секој глас што го добиле како партија регистрирана пред само три месеци.
„Факт е дека јас како кандидат и ЗНАМ освоив повеќе од 80.000 гласа. Регистриравме субјект што постои нешто повеќе од три месеци и со граѓанската поддршка се етаблира на трето место во политичкиот блок. Сметам дека тоа е одличен појдовен резултат за понатамошна борба. Јас не се сеќавам дека во историјата на плурална Македонија имало вакви примери, да имате партија со некаде три и пол илјади члена, а да освоите над 80.000 гласа. Искрено, се гордеам на секој глас што дојде како поддршка за мене и ЗНАМ. И покрај тоа што трендовите се тие, десницата добива, а левицата губи, единствено десницата доживеа пораз во бастионот на асномска Македонија, а тоа е Куманово“, рече Димитриевски.
Им порача на сите политичари дека треба да учат од овие избори оти граѓаните дале јасна насока каде сакаат да се движи државата, а посебна порака упати до Стево Пендаровски, кој има 100.000 гласа помалку од Гордана Силјановска-Давкова.
„Почитуван мој претседателе, разликата е огромна. Доколку сакате да опстанат централната и левата идеја во државата, откажете се од оваа битка и оставете нѐ да победиме во име на граѓаните во вториот круг“, порача Димитриевски.
Кога ќе завршат парламентарните избори, Димитриевски е уверен дека ЗНАМ ќе биде политички фактор за стабилност во државата, без кој нема да може да се формира идната влада. Најави дека кога ќе ги почнат преговорите за формирање парламентарно мнозинство, на сите политички партии ќе им ги испорачаат нивните предлози за црвените линии на македонскиот народ.