Македонија
Богданов: ВМРО-ДПМНЕ е многу далеку од идеалот за демократска и европска партија
ВМРО-ДПМНЕ е далеку, многу далеку од идеалот за модерна, демократска и европска партија. На овој начин Костадин Богданов, кој на вчерашниот состанок на Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ беше разрешен од партиската функција, ја искоментира одлуката на неговиот профил на „Фејсбук“.
Тој оцени дека ВМРО-ДПМНЕ преку синоќешната театрална катарза се реформира во нова антизападна партија.
„Моето политичко дејствување во раководоството на ВМРО ДПМНЕ беше со единствена цел: да изградиме модерна, демократска и европска партија која силно, со конкретни чекори ќе ја поддржи евроатлантската агенда на нашата држава. За жал, раководството на ВМРО ДПМНЕ е далеку, многу далеку од овој идеал. Напротив, раководството на партијата продолжи да биде промотор на антизападна националистичка реторика, која ги топли срцата на краток рок, но на среден и долг рок создава несогледливи последици врз општеството, граѓаните и иднината на државата. Искрено верувам дека еден ден во ВМРО ДПМНЕ ќе дојде раководство кое ќе ја сфати пораката од предците, и суштината на нивната револуционерна борба која ја празнуваме денес“, напиша Богданов.
Истовремено тој упати и честитки по повод денешниот празник Денот на македонската револуционерна борба.
Богданов беше член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, а претхоно беше дел од ‘реформаторите’ кои се залагаа за реформи во партијата. Освен Богданов, на синоќешниот Централен комитет, разрешен од функцијата беше и потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Митко Јанчев, кој е актуелен градоначалник на Кавадарци. Предлог за исклучување од партијата, ВМРО-ДПМНЕ поднесе за ексдиректорот на УБК и поранешен висок функционер во ВМРО-ДПМНЕ, Сашо Мијалков, како и поранешниот министер за здравство, Никола Тодоров. Екс-премиерот, Никола Груевски и понатаму останува почесен претседател на партијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Касами: Добитници на овие избори сме ние, ДУИ има купено гласови
„Влен“ е легитимен претставник на Албанците и ги доби гласовите на Албанците, изјави Билал Касами на прес конференција.
„Добитници на овие избори сме ние, коалицијата „Влен“. ДУИ има купено гласови од загрозените гласачи кои имаат потреби од пари. „Влен“ ги доби гласовите на Албанците, вели Касами.
„ДУИ го загуби последниот легитимитет да зборува во име на Албанците, затоа на 8 мај ние ќе победиме. Овој резултат и во мандати не е голема разлика со ДУИ и на 8 мај овој резултат ќе биде во наша полза. ДУИ успеа да ја загуби последната можност, еден кандидат Албанец да биде избран на директни избори во 2024 година. Тие ќе бидат запишани со црни букви во историјата на албанскиот народ во Македонија. Ако биле заинтересирани Албанец да оди во вториот круг сигурно ќе беа координирани со нас и ќе беше возможно да биде избран Албанец. Затоа мислиме дека вредеше оваа борба“, рече Касами.
Тој се заблагодари на сите што го гласаа кандидатот Арбен Таравари и додаде дека ДУИ има изгубено гласови од помалите етнички заедници и од загрозените граѓани.
Таравари кажа дека коалицијата подоцна ќе разговара за тоа кому ќе ги даде гласовите во вториот круг на претседателските избори.
Македонија
Ванковска: Мојата цел беше не да победам, туку да вознемирам една застојана елита
Кандидатот за претседател на Македонија, Билјана Ванковска упати честитка за победниците, по завршувањето на првиот круг од претседателските избори.
„Јас сум среќна за можноста што ми ја даде Левица да зборувам слободно, чесно, отворено и радикално – да понудам нешто што мнозина не беа спремни да го прифатат како опција. Народот очигледно не е подготвен за тоа. Мојата цел беше не да победам туку да вознемирам една застојана елита. Колку успеав, ќе видите наскоро. Не сакам да бидам пророчица, но новиот претседател ќе се соочи со сето она за што предупредував“, напиша Ванковска на социјалните мрежи.
Македонија
Нема да се откажеме и нема да ги наведнеме главите, порача Ковачевски
Денеска е тежок удар за европската перспектива на Македонија, но не е доцна да се смени правецот, откажувањето не е опција за нас. Нема друга опција за нас освен патот на европска интеграција, порача вечерва лидерот на СДСМ, Димитар Ковачевски.
Додаде дека е задоволен што гласањето поминало во мирна и демократска атмосфера.
„Се надевавме на подобри резулатти, но време е да ги ставиме на страна сите разлики и да се обединиме зад идејата за европска Македонија. Занм дека многу наши поддржувачи се разочарани. Но сега не е време за откажување. Имаме уште две недели, јас ќе бидам на терен секој ден со вас, и ќе работиме за да ја добиеме поддршката за европска Македонија“, рече Ковачевски.
Порача дека нема откажување.
„Ние нема да се откажеме и нема да ги наведнеме главите, ќе продолжиме да се бориме се додека не победиме“, порача лидерот на СДСМ.
Ковачевски му упати порака и на Пендаровски.
„Ова е наша заедничка борба, ќе се бориме заедно рамо до рамо, ова е најважната битка за македонската иднина. Борбата за европска Македонија продолжува и на 8 мај, во вториот круг на претседателските и парламентарните избори. Се гледаме за две недели! Да живее европска Македонија“, рече тој.