Македонија
Богојески: Ми се закануваат и ме уценуваат
Промоторот на Македонски концепт, Петар Богојески преку својот фејсбук профил информира дека е подолг временски период предмет на уцени и добива закани од претставници на ВМРО-ДПМНЕ и блиски приврзаници на Каракачанов.
„Тие се координирани од страна на еден македонски олигарх, кој плаќа бугарски и македонски политичари, со цел да биде заштитен од политички прогон во Македонија“, нагласува Богојески.
Богојески пишува дека до него се упатени повеќе барања, меѓу кои да ја поддржи официјалната позиција на Бугарија по македонското прашање, со која ќе се уценува и спречи влезот на Македонија во ЕУ, да се откаже од тврдењето дека македонско – бугарските односи се заложник на мафијата, да се откаже од барањето да се заштити ВМРО-ДПМНЕ од политичка злоупотреба и во Македонија и во Бугарија, преку заклучок на историската комисија на двете земји,да се повлече од барањето за реформи, а сега и за редефинирање на ВМРО ДПМНЕ и да го поддржи Мицкоски да остане лидер на партијата, и да престане да постои Македонски концепт, а во понатамошното политичко дејствување да му даде поддршка на Мицкоски.
Тој истакна дека после тврдењето дека македонско – бугарските односи се во заложништо од мафијата, е повторно предмет на уцени и закани со истите барања до него и со најава дека е нарачана негова ликвидација во македонската јавност, која треба да започне денес.
„Од моја страна беа отфрлени сите нивни барања! Кажано е дека продолжувам да се борам за мојата Македонија и дека никогаш, ама баш никогаш нема да се откажам од таа борба, без разлика на се што ме очекува во иднина, на сите закани и уцени. Заканата започна да се реализира, токму како што беше најавено, денес во 12.11 мин добив полициски прашања од страна на ‘интернет медиумот Инфомакс’, за кој знаеме чив перјаник е, со прашања за мој престој и студии во Бугарија, бугарско државјанство, бугарска стипендија за магистерски студии, пријателства со македонски Бугари и сл. со цел платената акција да биде спроведена и да бидам прикажан како бугараш во македонската јавност и ликвидиран од политичка сцена во земјава”, информираше Богојески.
Богојески нагласи дека нема да одговори на нарачаните прашања, но јавноста заслужува одговори, па во текот на следните денови ќе објави дополнителни факти и документи, но и непријатни вистини за координацијта помеѓу ВМРО-ДПМНЕ и БНД.
„Без разлика на сето ова, без разлика на сите закани и уцени, јас останувам посветен на борбата за нашата Македонија“, заклучува тој.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Посебен сообраќаен режим викендов во Скопје поради предизборни митинзи
Поради предизборни митинзи за претседателските избори викендов во централното градско подрачје ќе биде воведен посебен сообраќаен режим.
Како што информира Министерството за внатрешни работи од денеска од 19 часот до утре до 21 часот на улицата „Св. Кирил и Методиј“ ќе биде воведен посебен сообраќаен режим поради одржување на митинг што ќе се одржи утре во 13 часот пред седиштето на Европската унија. За сообраќај ќе биде затворена ул.„Св.Кирил и Методиј“ на потегот од крстосницата со бул.„Кочо Рацин“ до крстосницата со бул.„Св. Климент Охридски“.
Утре во 20 часот на плоштадот „Македонија“, пак, ќе се одржи митинг од изборната кампања за претседателските избори поради што Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе преземе мерки за посебен режим на сообраќај во централното градско подрачје, а сообраќајот времено ќе се запира на сообраќајниците по кои ќе се движат учесниците на настанот.
Од МВР апелираат до граѓаните да ги почитуваат наредбите на полициските службеници.
Македонија
Во вторник предизборен молк, до тогаш продолжува презентацијата на изборните програми
Во рамки на кампањата за парламентарните избори, која почна во четвртокот, и денеска кандидатите за пратеници во шесте изборни единици ќе ги претстават своите платформи пред граѓаните во повеќе делови од државата. Во исто време продолжува и кампањата за претседателските избори, чиј прв круг ќе се одржи в среда, на 24 април, додека вториот круг треба да се одржи заедно со парламентарните избори на 8 мај.
Кандидатот за претседател поддржан од коалицијата на СДСМ Стево Пендаровски во рамки на изборниот караван денеска ќе ги посети жителите на Ново Село, Босилово, Василево, а митинзи ќе одржи во Радовиш и во Струмица.
Кандидатката за претседател на државата поддржана од ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска-Давкова ќе ја презентира програмата пред граѓаните во Македонска Каменица, Пехчево, Берово и Делчево.
Претседателскиот кандидат Стевчо Јакимовски и коалицијата „Храбро за Македонија“ ќе одржат митинг во скопската населба Карпош, а кандидатот за претседател на Движењето ЗНАМ – За наша Македонија Максим Димитриевски ќе ја презентира програмата пред граѓаните во Ресен, Претор, Новаци и во Битола.
Во рамки на третиот ден од кампањата за парламентарни избори, претседателот на СДСМ Димитар Ковачевски ќе биде меѓу граѓаните на Брвеница и на Тетово.
Македонија
Пендаровски: Понудата на Мицкоски за коалицирање е знак на слабост
Кандидатот за претседател Стево Пендаровски синоќа од Бутел рече дека е легитимно и дека е демократски избор секој да коалицира со кого сака. Но, понудата на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски за коалицирање со неговата партија, уште на првиот ден од кампањата за парламентарни избори, покажува дека тој бара помош.
„Ние среде кампања не бараме помош од пријател. Мене ми се чини дека тоа е јасен знак на слабост, затоа што господинот Мицкоски знае што го очекува на 24 април и на 8 мај. Инаку зошто би барал помош од страна?“, рече Пендаровски.