Македонија
Богојески од Старата скопска чаршија: Старите занаетчиски дуќани се обележјето на Чаршијата, кое треба да се зачува
Чаршијата е единственото автентично нешто што остана од Скопје и старите занаетчиски дуќани се обележјето на Чаршијата, вели Петар Богојески, носител на листа во ИЕ1 за Македонски концепт.
За жал, како што истакна Богојески, сè помалку луѓето го ценат занаетот, а одржувањето на вековните занаети на златари, чевлари, ткајачи, кожари, плетачи се на работ на изумирање. Денес вредните занаетчии можеме да ги изброиме на прсти.
„Старата чаршија е најчестата дестинација за странските туристи што го посетуваат Скопје, како и за локалното население. Потребна е вистинска помош од државата преку субвенционирање на занаетчиството и занаетчиите, како и програми за поттик и поддршка на младите, со што ќе се насочат кон изучување и продолжување на традицијата на овие прекрасни занаети. Занаетчиството е потреба на граѓаните, но и придобивка за македонското стопанство“, вели Богојески.
„Старите мајстори од Чаршијата со кои разговаравме денеска посочија дека не им е доволна поддршката што ја добиваа досега, како и потребата од квалификуван кадар, кој може да ги наследи. Ние од Македонски концепт се бориме да ги насочиме младите кон вистинските вредности на оваа држава, зачувување на Чаршијата и нејзините вековни традиции, задржување на младите кадри овде во Македонија, насочување на нивните таленти и нивно дообразовање. Занаетчиството е една од тие области на кои ќе посветиме особено внимание. Гласот за број 10 е глас за зачувување на историјата на секој агол од Чаршијата и развој на занаетчиската дејност“, додава Богојески.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
МОН: Во училиштата во кои ќе се одвива изборниот процес наставата ќе се реализира со скратени часови
Наставата во учебната 2023/2024 година ќе се реализира целосно како што предвидуваат плановите за организација на работата на основните и средните училишта. Иако гласањето во рамки на првиот и вториот изборен круг е закажано во работни денови, учениците нема да изгубат од наставата и да пропуштат дел од наставниот материјал, велат од МОН.
Министерството за образование и наука информира дека 23 април и 7 мај, односно деновите пред гласањето ќе бидат работни за сите училишта. При тоа, во училиштата во кои ќе се одвива изборниот процес, наставата ќе се реализира од 7:00 до 11:00 часот, со скратени наставни часови за сите одделенија, односно класови. Во останатите училишта каде не се спроведува гласање, наставата се реализира вообичаено и согласно предвидениот дневен распоред.
Потсетуваат дека наставната година за учениците од средните училишта трае до 10 јуни, додека за учениците од основните училишта до 17 јуни.
Македонија
Мицкоски: Во програмата „Платформа 1198“ предвидени се повеќе од 2 милијарди евра во инфраструктура, 250 милиони евра годишно кон општините, завршување на автопатот Кичево – Охрид
„Повеќе од 2 милијарди евра се планирани да се инвестираат во инфраструктурата. Тука е оној проект кој е многу значаен, а тоа се реалоцирање средства од буџетот кон општините во вредност од 250 милиони евра годишно или за еден четиригодишен мандат тоа би било точно 1 милијарда евра“, истакна претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање при денешниот увид на градежни активности во поранешната касарна во Охрид.
„Ги повикувам општините, не само онаму каде имаме градоначалници кои доаѓаат од редот на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата туку и оние општини каде има градоначалници од СДСМ, ДУИ, Алијанса на Албанците, БЕСА, но и независни градоначалници да прават проекти бидејќи првиот оглас откако ребалансот на буџетот ќе се случи во јули месец, првиот оглас ќе биде објавен некаде есента септември, за да може да аплицираат за проекти кои ќе бидат важни за граѓаните“, порача Мицкоски.
Тој истакна дека нема да бидат влада само онаму каде има градоначалници од ВМРО-ДПМНЕ, туку влада за сите граѓани.
„Амбицијата ни е во еден момент да се работи на минимум 500 точки, 500 локации на територијата на цела Македонија со што ќе бидат задоволени потребите на граѓаните. Ние нема да бидеме влада само онаму каде има градоначалници од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, туку сакаме да бидеме влада за сите граѓани и да покажеме дека не се сите политичари исти, да покажеме дека немаме намера да ги делиме граѓаните како тоа што правеше сегашната влада“, вели Мицкоски.
Додаде дека еден од приоритетите е конечното завршување на автопатот Кичево – Охрид.
„Исто така тука се еден од приоритетите и конечно завршување на автопатот Кичево – Охрид. Рековме според нашата анализа тоа би било некаде околу 2026 година, втората половина на 2026 година. Реализација на тековните автопати Тетово – Гостивар, Прилеп – Битола. Многу други проекти поврзани со локалната инфраструктура, железничката инфраструктура, возови, вагони итн., нешто што е дел од програмата „Платформа 1198“, посочи Мицкоски.
Порљача граѓаните детално да ја прочитаат „Платформа 1198“ бидејќи има детално за секого по нешто.
„Цениме дека сето тоа што е таму содржано е возможно да се реализира и ќе го реализираме. Чуда не ветувавме, ние не сме чудотворци, чуда се невозможни, сите оние кои ветуваат чуда не ја говорат вистината. Ве молам прочитајте ја програмата „Платформа 1198“ и ќе го најдете патот како Македонија ќе се развива и ќе биде повторно горда и Македонија ќе биде повторно твоја“, дециден е Мицкоски.
Македонија
Ќе го оставиме срцето на терен за интересот на Македонија, рече Мицкоски и најави позитивна кампања
Ние водиме позитивна кампања, кампања на проекти, кампања на надеж, кампања која ќе ја врати довербата во институциите по шест и половина години многу криминал грабеж на институциите на Македонија, рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски кој денеска е во Охрид, а коментирајќи каква кампања ќе води партијата и каква кампања очекува воопшто.
Мицкоски рече дека идејата е да се води кампања со која ќе им се врати надежта на граѓаните.
„Малкумина се граѓани од прв ред, тука пред се мислам на неколкумина од ДУИ и малкумина измеќари од раководството СДСМ, сите други имаат чувство дека се граѓани од втор ред“, вели Мицкоски.
Според Мицкоски тоа е работа која мора да се смени во наредниот период.
„Тоа мора да се смени и по 8 мај да има и одговорност. Желни сме да го оставиме срцето на терен за интересот на Македонија“, кажа Мицкоски.