Македонија
(Видео) Боки 13: Здравјето ми е загрозено, на судењето треба да бидам жив и здрав, а не мртов
„Останувам целосно на искажаното на мојот бранител. Покрај тоа што мојот бранител наведе дека двапати сум неуспешно опериран, би додал дека мојата состојба е животозагрозувачка. Јас повраќам константно во тие услови. Затворскиот лекар има желба да помогне, но не може поради состојбите. Имам органски проблем. Јас сум во добра психичка состојба. Неуспешните операции се поради лекарска грешка. Пресечен ми е нерв од желудникот и затоа повраќам, ова ми го кажа докторот Спировски од Торакална хирургија. Имам проблем со белите дробови и уште четири дијагнози. По многу од укажаните упатства од затворскиот лекар, условите во се наоѓам не го дозволуваат тоа“, изјави Бојан Јовановски познат како Боки 13, кој е осомничен во случајот „Рекет“, на јавната седница во Апелациониот суд по жалбата за притворот.
„Физички изгледам добро, но тоа не ја отсликува мојата здравствена состојба. Во оваа постапка треба да бидам жив и здрав, а не мртов. Во однос на бегството, би сакал да додадам дека мојот лик и дело, семејството, менталниот склоп, не укажуваат на тоа. Кога бев уапсен, не бев даден во бегство, туку имав уплатено седумдневен одмор со пријатели. Јас живеам за докажување на вистината на овој случај, докажување на мојата невиност. Свесно кажувам дека сум тука целосно со сите мои сознанија, факти и докази, да учествувам во фер постапка“, истакна Јовановски.
Боки 13 рече дека секојдневно бара да го носат во болница, но дека тоа го прават кога состојбата драстично ќе му се влоши.
Претходно, и адвокатот на Бојан Јовановски побара укинување на притворот и замена со друга мерка бидејќи неговата здравствена состојба е сериозна влошена и може да има смртна последица. Дуковски до судот достави и медицинска документација, во која доктор Зоран Спировски од Клиниката за торакална хирургија дава мислење дека Јованоски мора итно да биде хоспитализиран.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Таткото на Вања ќе оди во куќен притвор, Врховниот суд му ја уважи жалбата
Врховниот суд ја уважи жалбата на таткото на убиената Вања Ѓорчевска. Со тоа, укинат му е притворот и определена е мерка куќен притвор и мерка на претпазливост.
„Врховниот суд ја извести јавноста дека по одржаната јавна седница, Советот за казниви дела донесе Решение со кое жалбата на обвинетиот А. Ѓ., изјавена преку неговиот бранител Владимир Туфегџиќ, адвокат од Скопје, ја уважи, a решението на Апелационен суд Скопје КСЖ-320/24 од 02.04.2024 година, го преиначи на начин што определената мерка притвор против обвинетиот А.Ѓ. ја укина и за обвинетиот определи мерка куќен притвор и мерка на претпазливост“, велат од Врховниот суд.
Претходно денес, бранителот на осомничениот Ѓорчевски, адвокатот Владимир Туфегџиќ, на седницата рече дека решението со кое е продолжена мерката притвор е донесено без доволно образложенија во кои не се наведува ниту еден доказ со кој се докажува зошто овој човек би требало да остане во притвор. Дополни дека осомничениот не може да се даде во бегство затоа што важноста на патната исправа му истекла и дека тој активно учествува во истрагата.
Ѓорѓиевски истакна дека е обвинуван за некои работи кои и ден денес не ги разбира.
„Бев прикажувани екстремно спротивно од тоа што сум како родител и татко. Сакам и јас да знам што точно се случува затоа што и јас водев истрага, знам парченца од тие делови. Би сакал да го дочекам моментот кога ќе го дознам идентитетот на тие луѓе, сите се подеднакво криви“, рече тој.
Четиринаесетгодишната Вања Ѓорчевска, која беше пријавена за исчезната на 27 ноември, беше пронајдена мртва на 3 декември. За делата „грабнување“ и „убиство на свиреп начин“ првообвинет е Љубомир Палевски Палчо, за кого се чека екстрадиција од Турција. Таткото е осомничен дека помагал во грабнувањето.
Македонија
Висок функционер од НАТО се сретна со Џафери: „Вие сте ценета членка во алијансата“
Џафери – Лапсли: Северна Македонија е ценета членка на алијансата, која посветено ги развива одбранбените капацитети
Техничкиот премиер Талат Џафери вчера попладне се сретна со помошникот на генералниот секретар на НАТО за одбранбена политика и планирање, Ангус Лапсли, во рамките на неговата посета на Скопје.
Џафери му посака срдечно добредојде на помошникот на генералниот секретар Лапсли и воедно го потврди придонесот на Северна Македонија во НАТО, кој во континуитет се зацврстува. Достигнувањето на 2,05 % од БДП во буџетот на одбраната, од кои 30 % се за модернизација на Армијата, се силен индикатор за тој придонес.
Воедно, со учеството во колективната безбедност преку мултинационалните сили на алијансата во Романија, во Бугарија и во Латвија, како и во мисијата на НАТО во Косово, КФОР и во операцијата на ЕУ во Босна и Херцеговина, АЛТЕА, земјата дополнително се позиционира и како еден од столбовите на регионалната стабилност.
На средбата двете делегации имаа можност да разговараат за самитот на НАТО во Вашингтон во духот на 75-годишнината на алијансата, како и за актуелните одбранбени планови имајќи ја предвид глобалната безбедносна состојба во Европа и светот.
Воедно, двете делегации ја потврдија и поддршката што земјите членки, вклучително и Северна Македонија, ја даваат за Украина.
Од страна на помошникот на генералниот секретар Лапсли беше истакнато дека Северна Македонија е ценета членка во алијансата имајќи го предвид целокупниот придонес што досега го има дадено. Алијансата е пообединета и посилна од кога било во својата историја, а со зачленувањето на Финска и Шведска, НАТО станува гарант на безбедноста на над 1 милијарда граѓани од демократскиот свет.
Македонија
Ангелов за ДУИ: Со пушка дојдоа на власт, со пенкало да ги отераме на буништето на историјата
Колку и да е убедлива, победата нема да биде комплетна доколку ДУИ не биде срушена од власт, вели претседателот на Достоинство, Стојанче Ангелов по првиот круг од претседателските избори.
„Затоа е потребна општа мобилизација за уште посилна победа на коалицијата “Твоја Македонија” предводена од ВМРО ДПМНЕ. Граѓаните ги отпишаа СДСМ, да запнеме сите заедно да ги отпишеме и ДУИ. Овојпат ДУИ мора да падне! Со пушка дојдоа на власт, со пенкало да ги отераме на буништето на историјата!“, порача Анеглов.
Ангелов пред еден месец соопшти дека неговата партија излегува од коалицијата предводена од СДСМ.
Тој со години се залагаше воените инвалиди и семејства на загинатите бранители да бидат обештетени, но немаше слух од своите коалициони партнери. Како што самиот рече, добивал поддршка од премиерот Димитар Ковачевски и министерката за одбрана Славјанка Петровска, но поради противењето на ДУИ тоа не се случило.