Македонија
Бранко Тричковски повикан на распит во обвинителството
Новинарот Бранко Тричковски добил покана од скопското обвинителство да се јави на распит како осомничен за повеќе кривични дела. Како што самиот објави на Фејсбук, тој не знае за што точно е повикан да се јави во обвнителството на 20 ноември.
„Лицето се повикува во својство на осомничен, а во врска со постапка што се води по поднесена кривична пријава за повеќе кривични дела од Кривичниот законик“, пишува во поканата од скопското обвинителство.
„Отидов во Адвокатската комора, но таму ми рекоа дека немаат слободни адвокати, илјада се ангажирани за 27 април, другата илјадарка работи за Никола Груевски и третата е ангажирана во одбраната на унијата на вмровските жени со мали деца. Ај, си реков, сам ќе се бранам. Што дело си сторил, бре, суртук, се прашував, бидејки во дописот нема членови-менови и други тракатанци, според кои сум осомничен. Се сетив дека на времето јас и моето друштво здипливме три милијарди евра од трезорот на Народна банка, ама тоа беше одамна и сигурно е позастарено од некои дела на Груевски. Што друго си направил, стоко стокосана! Некои неплатени сметки за пијачка во ‘Корзо’!? Друго, друго!? Пишував како го убивам Груевски со ‘Хеклер и Кох’ и ‘Леопулд’ окулар, дека народот има природно право да го обеси лудакот од Водно. Дека Мицковски би можел да се убие на општо задоволство, а не само на задоволство на вмороните. Ќе видиме, драги мои, на 20 ноември“, напиша Тричковски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Таткото на Вања од притвор ќе оди во куќен притвор, Врховниот суд му ја уважи жалбата
Врховниот суд ја уважи жалбата на таткото на убиената Вања Ѓорчевска. Со тоа, укинат му е притворот и определена е мерка куќен притвор и мерка на претпазливост.
„Врховниот суд ја извести јавноста дека по одржаната јавна седница, Советот за казниви дела донесе Решение со кое жалбата на обвинетиот А. Ѓ., изјавена преку неговиот бранител Владимир Туфегџиќ, адвокат од Скопје, ја уважи, a решението на Апелационен суд Скопје КСЖ-320/24 од 02.04.2024 година, го преиначи на начин што определената мерка притвор против обвинетиот А.Ѓ. ја укина и за обвинетиот определи мерка куќен притвор и мерка на претпазливост“, велат од Врховниот суд.
Претходно денес, бранителот на осомничениот Ѓорчевски, адвокатот Владимир Туфегџиќ, на седницата рече дека решението со кое е продолжена мерката притвор е донесено без доволно образложенија во кои не се наведува ниту еден доказ со кој се докажува зошто овој човек би требало да остане во притвор. Дополни дека осомничениот не може да се даде во бегство затоа што важноста на патната исправа му истекла и дека тој активно учествува во истрагата.
Ѓорѓиевски истакна дека е обвинуван за некои работи кои и ден денес не ги разбира.
„Бев прикажувани екстремно спротивно од тоа што сум како родител и татко. Сакам и јас да знам што точно се случува затоа што и јас водев истрага, знам парченца од тие делови. Би сакал да го дочекам моментот кога ќе го дознам идентитетот на тие луѓе, сите се подеднакво криви“, рече тој.
Македонија
Висок функционер од НАТО се сретна со Џафери: „Вие сте ценета членка во Алијансата“
Џафери – Лапсли: Северна Македонија е ценета членка на Алијансата која посветено ги развива одбранбените капацитети
Техничкиот премиер, Талат Џафери, вчера попладне се сретна со помошникот на генералниот секретар на НАТО за одбранбена политика и планирање, Ангус Лапсли во рамки на неговата посета на Скопје.
Џафери му посака срдечно добредојде на помошникот на генералниот секретар Лапсли, и воедно го потврди придонесот на Северна Македонија во НАТО, кој во континуитет се зацврстува. Достигнувањето на 2,05% од БДП во буџетот на одбраната, од кои 30% се за модернизација на Армијата, се силен индикатор за тој придонес.
Воедно, со учеството во колективната безбедност преку мултинационалните сили на Алијансата во Романија, во Бугарија и во Латвија, како и во мисијата на НАТО на Косово, КФОР, и во операцијата на ЕУ во Босна и Херцеговина, АЛТЕА, земјата дополнително се позиционираше и како еден од столбовите на регионалната стабилност.
На средбата, двете делегации имаа можност да поразговараат за Самитот на НАТО во Вашингтон во духот на 75-годишнината на Алијансата, како и за актуелните одбранбени планови, имајќи ја предвид глобалната безбедносна состојба во Европа и светот.
Воедно, двете делегации ја потврдија и поддршката која земјите-членки, вклучително и Северна Македонија, ја даваат за Украина.
Од страна на помошникот на генералниот секретар Лапсли, беше истакнато дека Северна Македонија е ценета членка во Алијансата, имајќи го предвид целокупниот придонес кој досега го има дадено. Алијансата е по обединета и посилна од кога било во нејзината историја, а со зачленувањето на Финска и Шведска, НАТО станува гарант на безбедноста на над 1 милијарда граѓани од демократскиот свет.
Македонија
Ангелов за ДУИ: Со пушка дојдоа на власт, со пенкало да ги отераме на буништето на историјата
Колку и да е убедлива, победата нема да биде комплетна доколку ДУИ не биде срушена од власт, вели претседателот на Достоинство, Стојанче Ангелов по првиот круг од претседателските избори.
„Затоа е потребна општа мобилизација за уште посилна победа на коалицијата “Твоја Македонија” предводена од ВМРО ДПМНЕ. Граѓаните ги отпишаа СДСМ, да запнеме сите заедно да ги отпишеме и ДУИ. Овојпат ДУИ мора да падне! Со пушка дојдоа на власт, со пенкало да ги отераме на буништето на историјата!“, порача Анеглов.
Ангелов пред еден месец соопшти дека неговата партија излегува од коалицијата предводена од СДСМ.
Тој со години се залагаше воените инвалиди и семејства на загинатите бранители да бидат обештетени, но немаше слух од своите коалициони партнери. Како што самиот рече, добивал поддршка од премиерот Димитар Ковачевски и министерката за одбрана Славјанка Петровска, но поради противењето на ДУИ тоа не се случило.