Македонија
Бугарска фондација тврди дека четири куршуми влегле во канцеларијата на клубот во Охрид
Четири куршуми завршиле во просториите на бугарскиот клуб со контроверзно име „Цар Борис III“ во Охрид.
Ова се непотврдени информации кои ги споделија од бугарската фондација „Македонија“. Тие бараат итно апсење на сторителот, а во спротивно, сметаат дека Бугарија треба да прекине со снабдување на Македонија со струја и гас.
„Стрелецот против бугарскиот клуб во Охрид пукал додека светеле светлата во просторијата, односно бил јасно свесен дека може да убие луѓе. 4 куршуми влегле во собата!!! Скопје итно да го уапси напаѓачот или последиците да бидат банкрот на македонската економија, бидејќи ќе ги прекинеме струјата и гасот за Северна Македонија!“, стои во објавата на фондацијата споделена на социјалната мрежа „Фејсбук“.
Засега од МВР не ги коментираат овие информации. Нема потврда дали навистина имало истрели од огнено оружје, дали е намерно пукано, како и дали е откриен сторителот.
МНР уште синоќа го осуди инцидентот, а бугарското МНР ја повика на разговор македонската амбасадорка. Оттука соопштија дека за случајот го известиле и Брисел.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Македонија денеска избира претседател: седум имиња се на гласачкото ливче
Во Северна Македонија се одржуваат седмите претседателски избори.
Евентуалниот втор круг од претседателските избори е закажан за 8 мај, за кога се закажани парламентарните избори.
На претседателските избори учествуваат седум кандидати – пет мажи и две жени.
Кандидати се актуелниот претседател Стево Пендаровски кој е поддржан од СДСМ и коалицијата, Гордана Силјановска Давкова од ВМРО-ДПМНЕ, Билјана Ванковска која е поддржана од Левица, Максим Димитриевски од движењето Знам, Стевчо Јакимовски од партијата Гром, Арбен Таравари од коалицијата Вреди и Бујар Османи кој е поддржан од Европскиот фронт.
Владата го прогласи денот на изборите за неработен.
Во избирачкиот список за претседателските избори се запишани 1.814.317 избирачи, а во странство ќе гласаат 2.569 гласачи со државјанство на Северна Македонија.
Во посебен избирачки список запишани се 2.147 лица кои издржуваат затворска казна или притвор.
Скопје
ЈСП: Јавниот превоз по неделен возен ред, жичницата на Водно нема да работи
Јавното сообраќајно претпријатие Скопје соопшти дека јавниот превоз ќе функционира по неделен возен ред, а жичницата на Водно нема да работи.
Како што се појаснува во соопштението, дежурни од седум до 14 часот ќе бидат билетарниците на Транспортен центар и таа во Ѓорче Петров.
Македонија
Променливо облачно и потопло со сончеви периоди
Времето денеска ќе биде променливо облачно и потопло со сончеви периоди. Кон крајот на денот ќе има локален слаб дожд, краткотрајно пороен, проследен со појава на ретки грмежи. Ќе дува умерен, а во западните делови повремено засилен ветер од југозападен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 4 до 10, а максималната ќе достигне од 16 до 24 степени.
Во Скопје променливо облачно и потопло со сончеви периоди. Во делови од котлината ќе има услови за појава на краткотраен пороен дожд со ретки грмежи. Ќе дува слаб до умерен променлив ветер. Минималната температура ќе се спушти до 6, а максималната ќе достигне до 22 степена.
Во четврток ќе се задржи променливо облачно време со повремени врнежи од дожд. Локално врнежите ќе бидат поројни, проследени со појава на грмежи, а на повисоките планини ќе преминуваат во повремен слаб снег. Од петок следува период на претежно стабилно и потопло време.