Македонија
(Видео)„И да гори, не влегувам пак во Собранието“, вели обвинетиот кој призна вина за насилство
Oбвинетиот Стојан Павлевски, кој призна вина за насилствата од крвавиот четврток, вели дека се кае за делото и дека нема да го повтори. Тој во изјава за медиумите рече дека никој не му наложил да влезе во Собранието на 27 април. Очекува условна казна.
„И да гори, нема да влезам. Тогаш ме испровоцира пеењето на албанската химна. Нема да го повторам делото, очекувам условна казна“, рече Павлески. Тој заедно со Цејо Ѓоргиевски ја признаа вината за насилство кога делото беше преквалификувано од обид за убиство во насилство.
Адвокатите побараа судот да ги земе предвид олеснителните околности, односно здравствената состојба и неосудуваноста на обвинетите во изрекувањето на казната.
Обвинителот, пак, во завршните зборови порача дека очекува соодветна казна за делото што го сториле и потсети дека биле свесни што прават кога влегле во Собранието и кога фрлале предмети врз пратениците.
„Било какво алтернативно казнување значи банализизација на тежината на целиот настан. Ако вака се влегува и насилнички се однесуваат во законодавниот дом се поставува прашањето дали било која друга институција или објект е безбеден. Обвинетите биле свесни дека не учествуваат во протест туку во диркетно напаѓање на пратениците“, рече обвинителот Дарко Јакимовски.
За делото за кое им се суди е предвидена казна од 6 месеци до 5 години затвор. В среда се очекува да им биде изречена пресудата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Бојмацалиев: 27 милиони денари вложени во објектот на ЕВР Гази Баба
Денеска, дополнителниот заменик министер за внатрешни работи Митко Бојмацалиев, оствари работна средба со раководството на Единицата за внатрешни работи Гази Баба, каде што беше брифиран за активностите и изготвените планови од СВР Скопје, а по кои постапуваат полициските службеници од оваа организациска единица, во насока на гарантирање на безбедноста на училиштата, јавниот превоз, сузбивање мигранти, обезбедување спортски натпревари, итн.
„Во делокругот на кривичните дела на подрачје на ЕВР Гази Баба случени се 248 кривични дела кои се гонат по службена должност, каде за истите се сочинети 40 кривични пријави против 61 сторител и расчистени се 43 кривични дела”, информираше Бојмацалиев. Притоа, тој истакна дека вработените во ЕВР Гази Баба имаат драстично подобрени работни услови преку реконструираниот објект во вредност од 27 милиони денари.
„Кога станува збор за ЕВР Гази Баба целиот објект е квалитетно решен и просторниот проблем на Отсекот за оружје, експлозивни и опасни материи-Скопје при Одделот за граѓански работи, но и на Единицата за недозволена трговија со дрога и оружје, унапредувајќи го квалитативното ниво на работа на овие организациони единици кои се од исклучителна важност”, рече Бојмацалиев.
Во оваа прилика Бојмацалиев ги посети и раководителите на организациските единици во рамки на СВР Скопје кои во моментот во ЕВР Гази Баба слушаат обука „Улогата на полицијата за време на изборите 2024”, во насока на гарарантирање на безбеден и мирен изборен процес.
„Уверен сум дека колегите на обуката ќе ги утврдат веќе стекнатите знаења кои ги демонстрирале и во претходните изборни циклуси. Можам да кажам дека МВР е целосно подготвено за спроведување на фер, слободни и демократски избори по европски терк”, рече Бојмацалиев.
Македонија
Демири и Баланс МК разговараа за зголемување на опфатот на пациенти со инсулинска пумпа и сензори за мерење на гликемијата
Министерот за здравство д-р Илир Демири вчера оствари средба со претставници на Асоцијацијата за детски дијабетес Баланс МК. На средбата, разговараа за зголемување на опфатот на пациенти со инсулинска пумпа и сензори за континуирано мерење на гликемија.
„Министерството за здравство и Баланс МК имаат успешна соработка која продолжува и во следниот период со цел подобрување на квалитетот на живот на пациентите со дијабетес во земјава“, вели Демири.
Минатата година за првпат се набавија 650 сензори за безболно мерење гликемија во крвата кај деца и млади до 18 години со дијабет тип 1, бремени жени со дијабет тип 1 и слепи лица.
Македонија
ЛДП отвора нов штаб во Центар
Либерално демократската партија денеска ќе отвори нов штаб во центарот на Скопје, каде граѓаните ќе добијат можност да ја разгледаат програмата на партијата за претстојните избори, како и да споделат свои идеи врз основа на кои ќе се креираат политики со цел подобрување на социо-економската состојба во државата.
„Со години наназад докажуваме колку сме посветени да ја оствариме волјата на народот, неуморно го трасираме патот на земјата кон Европската унија и креираме политики со кои го подобруваме животот на граѓаните и ја унапредуваме државата на секое поле и токму во таа насока е отворањето на новиот штаб каде луѓето ќе можат да ги слушнат нашите планови за идното дејствување, да остварат личен контакт со членовите на партијата и да дадат свои предлози и сугестии врз основа на кои ќе ги создаваме идните политики“, посочија од ЛДП.
Оттаму наведоа дека се навистина среќни што имаат уште еден простор, што ќе преставува централно место, од каде што ќе се шират политиките што ги креира партијата.
„Водејќи се од нашето мото „Секој е важен“, упатуваме отворена покана до сите граѓаните до го посетат штабот и лично со нас да зборуваат за предизвиците со кои се соочуваат за заеднички да правиме суштински промени кои ќе ја водат државата напред“, истакнаа од ЛДП.
Од партијата наведоа дека очекуваат голема поддршка од граѓаните на претстојните избори, бидејќи нивните заложби се во вистинска насока.
„Секојдневно сме меѓу граѓаните, ги слушаме нивните мислења, бидејќи навистина ни значи да создаваме политики со кои ќе го подобриме животот во Македонија и ќе ги надминеме сите предизвици на патот кон ЕУ, за да станеме дел од Унијата, а со тоа, последователно, да ја унапредиме државата на секое поле“, наведоа од ЛДП.
Од партијата посочија дека вратите на новиот штаб се отворени за сите граѓани. Штабот е лоциран на улица „Ленинова“, спроти кафе-барот „Локал 45“.