Македонија
(Видео) Андоновски: Зошто се рушат спортските терени во СЦ „Борис Трајковски“?
Соочени со реакциите на граѓаните – Петре Шилегов и Стефан Богоев се служеа со лаги, манипулации, навреди и клевети само вистината да не излезе на виделина. Но, џабе им се лагите дека улица можело и не морало да се гради, дека спортските терени немало да се рушат, изјави Стефан Андоновски, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.
Тој додаде дека на јавната презентација признале дека улицата ќе се проширува и продолжува, а со тоа дека ќе ги уништи спортските терени во СЦ Борис Трајковски. Сега само ја префрлаат одговорноста помеѓу градот и општината, рече Андоновски.
„ Јасно е како ден дека регулацискиот план на Петре Шилегов за реонот на СЦ Борис Трајковски предвидува рушење на картинг-патеката, тениските терени, но и терасата на базенот Карпош. Прашањето е ЗОШТО среде одмори во август Стефан Богоев, како еден од своите последни потези како градоначалник на Карпош, реши да донесе ДУП со кој се бетонизира спортскиот центар ‘Борис Трајковски’. Зошто последен потпис пред предвремената пензија на Богоев ќе биде потписот за рушење на дел од спортскиот комплекс ‘Борис Трајковски’?
Одговорот е едноставен. Заради олигархијата која и ден денес го контролира СДСМ. Петре Шилегов со помош на Стефан Богоев сакаат да го уништат најголемиот спортски храм во Македонија, за нивните ментори да градат згради.
Јавно прашуваме, дали е точно дека земјиштето за градба на огромни згради е под контрола на еден од најмоќните бизнисмени на црвената буржоазија на транзициските 90-ти години?
Доколку не го знаете одговорот на некое прашање, видете кој ќе има најголема добивка од тоа. И ниту еден надмен, дрзок и безобразен лажен коментар на СДСМ не можат да избегнат од оваа вистина“, порача Андоновски.
Според него тоа не смее да му се случи на Борис Трајковски, на Карпош и на Скопје. Тој смета дека планот да се срушат тениските терени, картинг-центарот и терасата на базенот за да се добие прометна улица која ќе води до огромни бетонски згради е недопустлив.
„Преку 500 дечиња ќе останат без тенис, картинг и безбедно пливање. Тренерите на сите овие спортови ќе останат без работа и извор на егзистенција. Изборот е или бетонизација или спорт. Драги скопјани, во октомври имаме можност да одговориме на оваа дилема. На изборите имаме шанса да ги казниме овие бетонски политики, и да избереме развој на спортот. А потоа да следи одговорност за криминалот“, истакна Андоновски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Во Куманово не се гласа на три избирачки места, на едното се изгубил печатот
Прекин на гласањето има на три места во Куманово, информираше претседателот на Државната изборна комисија (ДИК), Александар Даштевски.
Како што појасни, на едното бил изгубен печатот. На останатите две, биле направени обиди да се замени уредот за биометриска верификација, пришто гласањето во едниот случај продолжило па прекинало, а во вториот не продолжило.
„Тоа се трите места за коишто имаме добиено писмено известување. Ќе видиме вечер за што точно се работи и ќе одлучиме“, рече Даштевски, одговарајќи на новинарски прашања.
Од ДИК појаснуваат дека се работи за прекин за повеќе од три часа, додека онаму каде што имало помали прекини, гласањето ќе се продолжи за онолку време колку што било прекинато.
На сите останати гласачки места, гласањето тече нормално и мирно, додаваат.
Пред полноќ се очекува да бидат обработени над 50 отсто од гласовите и ДИК да ги објави првичните неофицијани резултати.
Во однос на информациите за починати луѓе на избирачкиот список од ДИК обазложија дека оние коишто ќе починат 30 дена пред гласњето ги има на избирачкиот список, бидејќи тој е веќе заклучен. Велат дека списокот се ажурира неколкупати годишно во координација со Управа за водење на матични книги.
Македонија
Одѕивот до 17 часот изнесува 44,18 отсто – за околу 9 проценти повеќе во споредба со претходните претседателски избори
До 17 часот во првиот круг од претседателските избори, своето право на глас го оствариле 397.612 избирачи, или 44,18 отсто.
Како што соопшти претседателот на Државната изборна комисија (ДИК), Александар Даштевски, засега најголема е излезноста во Новаци, каде гласале 67,19 отсто, а најмала во Пласница – 15,5 отсто.
Засклучокот е дека гласањето се одвива мирно.
Во споредба со првиот круг од претседателските избори во 2019 година, до 17 часот, излезноста е поголема за околу 9 отсто.
Досега до ДИК се доставени 308 приговори, од кои 85 се усвоени, 27 отфрлени како неуредни, а 38 се одбиени. Останатите се во процес на обработка.
Македонија
Петмина си ги фотографирале гласачките ливчиња, полицијата ги фати
Пет лица во периодот од 11 до 14 часот, биле фатени од страна на полицијата оти ги фотографирале своите гласачки ливчиња додека го остварувале своето право на глас, објави МВР.
-Во 11.10 часот е пријавено дека во село Коџалија, општина Радовиш на избирачко место број 1602 С.А. од с.Коџалија го фотографирал гласачкото ливче. Се преземаат мерки за расчистување на случајот, по што ќе биде поднесен соодветен поднесок.
-Околу 12.15 часот е пријавено дека на избирачко место број 2683/1 во Скопје А.С. (40) од Скопје го фотографирал гласачкото ливче. Се преземаат мерки за расчистување на случајот, по што ќе биде поднесен соодветен поднесок.
-Околу 12.15 часот е пријавено дека А.И.(48) од Охрид на избирачко место број 1271 во Охрид го фотографирал гласачкото ливче. А.И. е приведен во полициска станица и по документирање на на случајот ќе биде поднесен соодветен поднесок.
-Во 12.35 часот е пријавено дека на избирачко место бр.0006 во Берово, Д.Т.(42) го фотографирал гласачкото ливче. Д.Т. е приведен во полициска станица и по документирање на на случајот ќе биде поднесен соодветен поднесок.
-Во 13.57 часот е пријавено дека на избирачко место 2555 во Скопје С.С. го фотографирала гласачкото ливче. Се преземаат мерки за расчистување на случајот, по што ќе биде поднесен соодветен поднесок, се наведува во извештајот на МВР.