Македонија
(Видео) Арсовски: Ковачевски нема интегритет, со радости аплаудирал на Скопје 2014
Ако досега јавноста можеше да се увери во неспособноста на Димитар Ковачевски, сега виде дека се работи и за крајно лицемерен лик. Имено по насока на неговите политички ментори од СДСМ Ковачевски зборуваше за проектот Скопје 2014 година нарекувајќи го криминален проект, но архивските снимки покажаа дека тој лично се восхитувал на овој проект, учествувал во настаните за отворање на објекти од Скопје 2014-та, и со задоволство аплаудирал, истакна портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски на денешната прес-конференција.
„Само да потврдиме, иако Ковачевски е видно најрадосен и можеби најсреќен за проектот Скопје 2014, како што можеше да се забележи на видеото, а воедно и редовен одобрувач на настаните и политиките на ВМРО-ДПМНЕ, уште еднаш потврдуваме Димитар Ковачевски не е член на ВМРО-ДПМНЕ. Се гледа дека Димитар Ковачевски е видно среќен на отворањето на Македонскиот народен театар во 2013 година, како дел од проектот „Скопје 2014″. И практично ова што го видовте на ова видео тоа е таа дволичност на Ковачевски, кој сега како премиер го критикува проектот „Скопје 2014″, вели Арсовски.
„На кој Ковачевски да му веруваме? На оној од 2013-та кој е видно радосен и е во првите редови и кој аплаудира на проектот Скопје 2014, или на овој денес кој чита напишан текст од неговите политички ментори“, праша Арсовски.
Ковачевски, како што рече, бил во првите редови со аплаузи, со радости, со почести, со сите нишани на тоа што денес го нарекува „криминален проект“, „осудено лице“ и „криминал на ВМРО-ДПМНЕ“.
„Практично Ковачевски со овие две различни ситуации изјави, покажува дека е само киднапирано лице во СДСМ кое нема право на сопствено мислење, туку има единствено право на мислење како неговите ментори од СДСМ кои го поставија за претседател. Човек без сопствено мислење како Ковачевски, гледаме и самите дека не може да води држава. Тоа го видовме изминативе неколку месеци. Очигледно е, Ковачевски нема свој интегритет, воден е за рака од своите политички ментори во СДСМ и беспоговорно чита што тие ќе му напишат. Затоа велиме дека тој човек нема што ново да понуди. Тоа го видовме изминативе неколку месеци. Сега уште полошо, од најлошото на Зоран Заев, а знаеме сите колку беше лошо во времето на Заев“, потенцира портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ.
Му порача на Ковачевски, како што рече, да се охрабри и да го провери својот легитимитет помеѓу граѓаните и да излезе на избори.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Во Куманово не се гласа на три избирачки места, на едното се изгубил печатот
Прекин на гласањето има на три места во Куманово, информираше претседателот на Државната изборна комисија (ДИК), Александар Даштевски.
Како што појасни, на едното бил изгубен печатот. На останатите две, биле направени обиди да се замени уредот за биометриска верификација, пришто гласањето во едниот случај продолжило па прекинало, а во вториот не продолжило.
„Тоа се трите места за коишто имаме добиено писмено известување. Ќе видиме вечер за што точно се работи и ќе одлучиме“, рече Даштевски, одговарајќи на новинарски прашања.
Од ДИК појаснуваат дека се работи за прекин за повеќе од три часа, додека онаму каде што имало помали прекини, гласањето ќе се продолжи за онолку време колку што било прекинато.
На сите останати гласачки места, гласањето тече нормално и мирно, додаваат.
Пред полноќ се очекува да бидат обработени над 50 отсто од гласовите и ДИК да ги објави првичните неофицијани резултати.
Во однос на информациите за починати луѓе на избирачкиот список од ДИК обазложија дека оние коишто ќе починат 30 дена пред гласњето ги има на избирачкиот список, бидејќи тој е веќе заклучен. Велат дека списокот се ажурира неколкупати годишно во координација со Управа за водење на матични книги.
Македонија
Одѕивот до 17 часот изнесува 44,18 отсто – за околу 9 проценти повеќе во споредба со претходните претседателски избори
До 17 часот во првиот круг од претседателските избори, своето право на глас го оствариле 397.612 избирачи, или 44,18 отсто.
Како што соопшти претседателот на Државната изборна комисија (ДИК), Александар Даштевски, засега најголема е излезноста во Новаци, каде гласале 67,19 отсто, а најмала во Пласница – 15,5 отсто.
Засклучокот е дека гласањето се одвива мирно.
Во споредба со првиот круг од претседателските избори во 2019 година, до 17 часот, излезноста е поголема за околу 9 отсто.
Досега до ДИК се доставени 308 приговори, од кои 85 се усвоени, 27 отфрлени како неуредни, а 38 се одбиени. Останатите се во процес на обработка.
Македонија
Петмина си ги фотографирале гласачките ливчиња, полицијата ги фати
Пет лица во периодот од 11 до 14 часот, биле фатени од страна на полицијата оти ги фотографирале своите гласачки ливчиња додека го остварувале своето право на глас, објави МВР.
-Во 11.10 часот е пријавено дека во село Коџалија, општина Радовиш на избирачко место број 1602 С.А. од с.Коџалија го фотографирал гласачкото ливче. Се преземаат мерки за расчистување на случајот, по што ќе биде поднесен соодветен поднесок.
-Околу 12.15 часот е пријавено дека на избирачко место број 2683/1 во Скопје А.С. (40) од Скопје го фотографирал гласачкото ливче. Се преземаат мерки за расчистување на случајот, по што ќе биде поднесен соодветен поднесок.
-Околу 12.15 часот е пријавено дека А.И.(48) од Охрид на избирачко место број 1271 во Охрид го фотографирал гласачкото ливче. А.И. е приведен во полициска станица и по документирање на на случајот ќе биде поднесен соодветен поднесок.
-Во 12.35 часот е пријавено дека на избирачко место бр.0006 во Берово, Д.Т.(42) го фотографирал гласачкото ливче. Д.Т. е приведен во полициска станица и по документирање на на случајот ќе биде поднесен соодветен поднесок.
-Во 13.57 часот е пријавено дека на избирачко место 2555 во Скопје С.С. го фотографирала гласачкото ливче. Се преземаат мерки за расчистување на случајот, по што ќе биде поднесен соодветен поднесок, се наведува во извештајот на МВР.