Македонија
(Видео) Арсовски: Пораката на премиерот за помирување влијае на судиите
Долгогодишниот политички аналитичар Петар Арсовски во изјава за „Макфакс“, за изјавата на премиерот за евентуално помирување помеѓу пратениците за случувањата од 27 април, вели дека пораките што премиерот Заев ги упатил од собраниската говорница влијаат на судиите во смисла на општ политички дискурс.
„Не можам да ви дадам точен одговор дали премиерот влијаел директно на судството бидејќи тие одлуки за ослободување од притвор се подготвуваат малку подолго отколку што би била директна неговата изјава за да влијае. Но, сигурно дека пораките за помирување влијаат на судиите во смисла на општ политички дискурс“, вели Арсовски.
Пратениците за кои судот вчера донесе одлука да бидат ослободени од куќен притвор имаат поднесено барање за тоа уште пред една година. На прашањето зошто токму сега непосредно пред гласањето во Собранието за уставните промени, Арсовски вели дека рочиштата биле закажани пред извесен период и оти не знае кога се напишани тие одлуки.
„Треба да се провери кога се напишани одлуките за да се види дали има некаква поврзаност. Не можам да ви дадам паметен коментар дали премиерот влијаел бидејќи немам увид во документите. Општиот политички дискурс кој е кон помирување влијае и на судиите, ако ништо друго, барем од изјавите што ги гледаат во медиумите. Тоа може да влијае на омекнување на нивната условно речено строгост кон пратениците обвинети за 27 април“, вели Арсовски.
Според него, во смисла на гонење на правдата, доколку има некакво помирување, важно е да нема попречување на борбата со криминалот и на правдатга.
„Ова треба да остане едно некапсулирано помирување, кое е еднаш и само сега, ако продолжи во некакво откажување од борбата за правда, тогаш имаме посериозен проблем“, рече Арсовски.
Во однос на гласањето за потребата за уставни промени, што, најверојатно, ќе биде в петок, Арсовски вели дека одлуката на двајцата пратеници ослободени од притвор не може да влијае на крајниот резултат, туку очекува посериозен пакет за поддршка на договорот или, во спротивно, доколку не се случи тоа, предвремени избори.
„Или ќе се направи посериозен пакет за поддршка на договорот од Преспа или ќе се оди на предвремени парламентарни избори. Не верувам дека одлуката на овие двајца пратеници ќе ја смени вкупната слика или ќе се соберат повеќе пратеници, десетина, кои ќе одлучат дека е важно да се поддржи договорот или ќе се оди на брзи избори“, вели Арсовски.
Виктор Јованов
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Спречени 3.000 вработувања и унапредувања предложени од техничката Влада
Управниот суд ги поништи решенијата за вработување и унапредување на над 3.000 вработени во Министерството за финансии и јавниот сектор бидејќи се прекршил Законот за техничката влада, соопшти заменик-министерката за финансии, Елена Петрова.
Како што вели, иако одлуките морало да бидат одобрени со нејзин потпис, како што предвидува Законот за техничката влада, министерот Бесими ги потпишал сам.
„Незаконити се одлуките на министерот за финансии и државниот секретар во Министерството за финансии по спроведените постапки за вработување и унапредување во Министерството за финансии, како и одлуките на министерот за финансии за давање согласности за вработување во јавниот сектор, сите донесени по формирањето на преодната Влада за организирање на изборите. Ова е потврдено со судски одлуки. Вишиот управен суд донесе две пресуди во моја корист, со кои ги поништи како незаконити одлуките на ДИК, кои беа донесени врз основа на барање на Министерството за финансии“, рече Петрова и додаде:
„Со поништувањето на одлуките на ДИК сите наведени акти поврзани со вработување во Министерството, кои не се потпишани со врзан потпис на министерот за финансии и на дополнителниот заменик-министер, не произведуваат правно дејство. Тоа се однесува и на издадените согласности за вработувања по сите основи во целиот јавен сектор, како и почнатите постапки врз основа на тие согласности“.
Македонија
Македонската армија ѝ се заблагодари на Норвешка со знамето на Исланд
Од Армијата на Македонија ги измешаа знамињата на Норвешка и Исланд.
Во благодарноста на „Фејсбук“ триесетина минути стоеше, наместо норвешкото, знамето на Исланд.
„Моторните возила од Кралството Норвешка веќе се на својата крајна дестинација. По нивното распоредување, армиските единици ќе добијат поголема транспортната способност и мобилност“, напишаа од македонската Армија.
Македонија
Македонката Светлана Мојсов меѓу 100-те највлијателни личности во светот според магазинот „Тајм“
Македонката Светлана Мојсов, светски познат научник, чие истражување за хормоналните предизвикувачи за производство на инсулин доведе до револуционерни третмани за дијабетес и дебелина, е меѓу 100-те највлијателни личности во светот за годинава, според најновиот избор на американскиот магазин „Тајм“.
Таа се најде во овој престижен избор заедно со уште двајца научници, Џоел Хабенер и Ден Дракер, во сегментот „Пионери“, меѓу други влијателни личности, како Америка Ферера, Лесли Локо, Офелија Дал, Кенеди Одеде и други.
Како што пишува Алис Парк, виш дописник на „Тајм“, во образложението за изборот на Мојсов, Хабенер и Дракер, појавата на ефикасни лекови за слабеење, како што е „вегови“ (Wegovy), е кулминација на долгогодишната тимска работа.
Научниците во Европа и во САД, кои први работеа на лековите за дијабетес, направија критична врска помеѓу инсулинот и инкретините, дел од семејството цревни хормони, познати како глукагони, со што им помогнаа да разберат како да управуваат со нивото на шеќерот во крвта и тежината.
Во годинашната листа на магазинот „Тајм“ во категоријата највлијателни лидери се сопругата на починатиот руски опозиционер, Јулија Навални, кинескиот премиер Ли Џијанг, полскиот премиер Доналд Туск, аргентинскиот претседател Хавиер Милеи и италијанската премиерка Џорџа Мелони меѓу лидерите.
Покрај нив, помеѓу највлијателните лидери се и бразилската министерка за животна средина и климатски промени, Марина Силва, директорот на ЦИА, Вилијам Барнс, и шефот на кабинетот на украинскиот претседател, Андриј Јермак.
Во изборот на највлијателните личности на американскиот весник се најдоа и јапонскиот режисер Хајао Мијазаки, британската пејачка со албанско потекло, Дуа Липа, британскиот актер Дев Пател и австралиската пејачка Кајли Миног.