Македонија
(Видео) Арсовски: Сите држави преземаат мерки против енергетската криза, нашата ќе крахира
Енергетската криза ќе ја донесе државата до инфлација и граѓаните ќе ги осиромаши, лично за неа се виновни единствено СДСМ и оваа Влада, обвини на денешната прес-конференција портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски.
„Сведоци сме на бизнис-интереси во ЕЛЕМ на фамилијата Заеви и Васко Ковачевски и тоа се провлекува наназад 3-4 години. Денес ние сме сведоци на криминал, корупција, пресушени езера и сето тоа поради елементарни непознавања во работата и функционирањето на крајно криминален начин во овие области“, нагласи Арсовски.
Партискиот портпарол предупреди дека енергетската криза како домино ефект ќе повлече поскапување на намирниците, поскапување на цените за живот, поскапување на основните работи кои им се потребни на граѓаните да преживеат.
„Сите држави и околу нас, но и пошироко веќе донесоа мерки за граѓаните да не ја почувствуваат кризата, само кај нас најважно беше да се каже дека граѓаните ќе ја платат поскапата струја и товарот ќе падне на граѓаните и стопанството.
Бараме Владата да им даде на граѓаните и компаниите помош, но и второ бараме да им се помогне на општините во новите договори, откако ги раскинаа старите договори за електрична енергија, бидејќи сега во новите им е побарано да плаќаат двојно поскапа струја. И за ова се виновни СДСМ. Еве имаат можност во Собранието, се прави буџетот, имаат можност сето ова да го внесат таму, но нормално нема волја заради криминалот што го прават. Ова мора да се реши, бидејќи државата ќе крахира“, посочи Арсовски.
Тој истакна дека потребно е брзо делување и експертски и професионален пристап, наместо, како што рече, криминал и корупција како до сега.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Ибраимоски и Глигорова: „СТОП за исвршителите, брзите кредити и должничкото ропство“ е еден од главните постулати на програмата „Храбро за Македонија“
Носителот на пратеничката листа на коалицијата „Храбро за Македонија“ во изборната единица пет, Самка Ибраимоски, денеска заедно со активистката и кандидатка за пратеничка Ана Глигорова ја посетија Битола каде се потпишуваше петицијата „СТОП за извршителите и брзите кредити“.
Воедно, Ибраимоски и Глигорова нагласија дека оваа борба за правда, за враќање на извршителите кадешто им е местото и ослободување на народот од должничко ропство е еден од главните приоритети на предизборната програма на коалицијата „Храбро за Македонија“.
– Денеска бевме во Битола, на средба со граѓани. Имавме петиција за „СТОП на извршителите“ и стоп за кеш кредити, успешна петиција. Суштината на нашата кампања во изборна единица пет, ќе биде токму оваа агенда: „СТОП за извршители и СТОП за брзи кредити“. – нагласи Глигорова.
– Ме радува што сите граѓани ја прифатија нашата иницијатива и се потпишаа многу луѓе и тоа е добро, што народот почна поинаку да размислува за разлика од претходно. И очекувам дека и во другите градови, како што се Ресен, Охрид, Струга, Демир Хисар и другите околни места, ќе ни ја дадат поддршката за парламентарните избори, истакна претседателот на ПЦЕР и носител на пратеничката листа, Самка Ибраимоски.
Скопје
Арсовска изврши увид во завршните градежни работи на реконструкција на водоводната мрежа на улицата Антон Попов
Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска заедно со претставници од Секторот за планирање и уредување при Град Скопје и скопското јавно претпријатие „Водовод и канализација“ извршија увид во завршните градежни работи на реконструкција на водоводната мрежа на улицата Антон Попов во општината Гази Баба.
Со изведбата на водоводните приклучоци на овој потег кои се поврзуваат со постојната водоводна мрежа со профил од 150 милиметри, се решава повеќедеценискиот проблем на жителите со честите прекини во водоснабдувањето поради застареноста на системот, а се решаваат загубите на вода и трошоци за поправките на дефектите на водоводната мрежа, велат од Град Скопје.
Изведбата на овој проект претставува дел од програмата на градоначалничката Данела Арсовска за обновување на градската мрежа, во децениски заборавените населени места, што претставуваше и долгогодишно барање на жителите од тој дел на градот, се додава во соопштението на Град Скопје.
Скопје
Скопје викендов со изменет режим на сообраќај поради одржување на предизборни митинзи
Поради одржување митинг од изборната кампања за претседателските избори 2024 година на 21 април (недела) во 13.00 часот пред седиштето на Европската унија на ул.„Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе преземе мерки за посебен режим на сообраќај на оваа улица почнувајќи од 19:00 часот на 20 април (сабота) до 21.00 часот на 21 април (недела), соопштуваат од МВР.
Притоа, за сообраќај ќе биде затворена ул.„Св.Кирил и Методиј“ на потегот од крстосница со булевар „Кочо Рацин“ до крстосница со булевар „Св. Климент Охридски“.
Исто така, на 21 април во 20.00 часот на плоштад „Македонија“ во Скопје ќе се одржи митинг од изборната кампања за претседателските избори 2024 година.
Од тие причини, Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе преземе мерки за посебен режим на сообраќај во централното градско подрачје, а сообраќајот времено ќе се запира на сообраќајниците по кои ќе се движат учесниците на настанот.
За таа цел, МВР апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите што ги издаваат полициските службеници по сообраќајниците каде што ќе се одвиваат настаните