Македонија
(Видео) Арсовски: Советник од ДУИ незаконски гради бетонска база во Охрид
Безвластието и самоволието на локалните шерифи во Охрид е само слика и прилика од владеењето на Зоран Заев и СДСМ, изјави портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски.
Тој посочи дека власта ги става политичките, партиските и бизнис-интересите пред интересите на Општина Охрид и сите граѓани што живеат таму.
„Молк владее и кај локалната, а богами и кај централната власт, за нелегалната градба што никна на самото крајбрежје на Охридското Езеро. Овој пат тоа е бетонска база, која без дозвола ја гради добро познатиот советник од Охрид, Нефи Усеини, кој инаку е многу близок со раководството на СДСМ во Охрид и со градоначалникот. СДСМ за оваа бетонска база се прави недоветен, иако ги има сите гранки на системот во свои раце. Да потсетиме дека истиот овој советник е поврзан со изградбата на нелегалната тераса во охридската чаршија покрај Чинарот во самиот центар на чаршијата. Ниту за ова немаше никаква реакција од институциите од проста причина што со истиот Нефи Усеини, СДСМ и градоначалникот имаат направено политички пазар. Сега гледаме дека политичкиот пазар подразбирал и изградба на бетонска база, повторно нелегално, на самиот брег на Охридското Езеро, со цел да се бетонира упропастувањето на целиот Охрид“, рече Арсовски.
Портпаролот додаде дека Охрид се претвора во џунгла од дивоградби и ќе биде тргнат од листата на УНЕСКО бидејќи нелегално се градат хотели, минариња, тераси и бази, а сето тоа оди на душата на Зоран Заев, кој тоа го одобрува и дозволува.
„Бараме надлежните институции, како локални така и централни, да се охрабрат, да не се плашат и покрај притисоците што ги врши Заев и да преземат соодветни мерки и да го санкционираат ваквиот башибозук. Урбаната мафија во Охрид можеби сега се чувствува заштитена од Заев и не се плаши, ама верувајте дека со падот на овој криминален картел на власт сигурно ќе дојде време кога сите тие ќе одговараат за сите постапки што ги прават на нелегален начин бидејќи кривичните дела не застаруваат“, додаде Арсовски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
МВР, ЈО и АНБ комплетно подготвени за претстојните претседателски избори
Во врска со претстојните избори, денеска, во просториите на Министерството за внатрешни работи, министерот Панче Тошковски одржа состанок, на кој присуствуваа дополнителниот заменик-министер Митко Бојмацалиев, директорот на Бирото за јавна безбедност, Сашо Тасевски, директорот на Агенцијата за национална безбедност, Зарко Милошевски, републичкиот јавен обвинител, Љупчо Коцевски, и претседателот на комисијата во Јавното обвинителство на РСМ за следење евентуални изборни нерегуларности, Џељаљ Бајрами.
На состанокот министерот Тошковски најпрвин се заблагодари за одвоеното време и досегашната успешна соработка на сите фактори одговорни за безбедно спроведување на изборниот процес и потенцира дека досега не се констатирани посериозни активности, кои се насочени кон нарушување. Исто така, побара од присутните секој во својот делокруг да сподели информации што се од интерес за спроведувањето на изборите и начинот на кој ќе постапуваат институциите за време на изборниот ден.
Од страна на дополнителниот заменик-министер за внатрешни работи, Бојмацалиев, беше потенцирана тенденцијата од година на година да имаме сè помирни избори, со исто очекување за годинешните изборни процеси, бидејќи МВР е подготвено да биде на висината на задачата да спроведе уште едни фер, слободни и демократски избори по европски терк.
Од страна на директорот на БЈБ беа презентирани информации во врска со оперативната акција претседателски и парламентарни избори 2024 година и во таа насока посочи дека од страна на оперативниот штаб и сите надлежни организациски единици се преземени сите потребни мерки и активности врз основа на претходно изготвен план и притоа не се констатирани никакви позначајни проблеми.
Од страна на АНБ се преземаат организирани и координирани мерки за прибирање сознанија за евентуални изборни нерегуларности, а во насока на безбедно спроведување на изборите.
Републичкиот јавен обвинител, претседателот на комисијата во Јавното обвинителство на РСМ за следење вентуални изборни нерегуларности, Џељаљ Бајрами, јавните обвинители на сите виши јавни обвинителства и основниот јавен обвинител на ОЈО Скопје информираа за активностите во рамките на Обвинителството, каде што определени се зајакнати дежурства за изборниот ден за покривање на целото подрачје на државата и со будно внимание ќе се следи процесот и навремено ќе се известува за сите настани и активности што се од интерес на јавноста, а поврзани со спроведувањето на изборите.
Македонија
ССМ повика на првомајски протест: Бараме враќање на трошоците за храна и превоз и минимална плата од 450 евра во првите 100 дена од новата влада
Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) повика на првомајски протест за враќање на трошоците за храна и превоз и зголемување на платите во првите 100 дена од новата влада. Претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, најави дека пораките испратени од првомајскиот протест треба да бидат црвен аларм за сите оние што ќе го очекуваат гласот на работниците на 8 мај.
„Ние работниците излегуваме на протест и на Први мај ќе побараме враќање на трошоците за храна и превоз, право што го изгубивме во 2009 година поради бруто-системот за пресметка на платите во Македонија. Ќе бараме зголемување на платите, и тоа во првите 100 дена од новата влада, особено зголемување на минималната плата, на најмалку 450 евра, онолку колку што таа изнесува во регионот за да не се доведеме во ситуација нашите граѓани, работниците од Македонија, да градат туѓи економии и да работат за туѓи интереси“, рече претседателот Трендафилов.
Трошоците за храна и превоз што ССМ бара да се вратат во пресметките за плата изнесуваат 20 отсто од просечната плата. Според сегашните пресметки, ако од минималната плата се одбијат овие трошоци и давачките што сега се плаќаат, излегува дека работниците што имаат минимална плата, работат за 14.000 денари.
„Бараме 20 отсто од просечната плата за трошоци за превоз и за храна ако имаме предвид дека секојдневно поскапуваат не само реагенсите туку и трошоците за храна. Ако се има предвид синдикалната кошничка, над 20.000 денари изнесуваат трошоците за прехранување на едно четиричлено домаќинство. Зборуваме за леб и вода, не повеќе. Сметаме дека трошоците за храна и превоз треба да се вратат во платите на работниците ако имаме предвид дека 22.500 е минималната плата од март, доколку ги пресметате трошоците за храна и за превоз, во согласност со даночните ослободувања, ќе видите дека немате плата ниту 14.000 денари. Поради тоа, работниците го очекуваат од нас барањето за враќање на трошоците за храна и превоз“, рече Трендафилов.
Тој потсети на првомајскиот протест од 2018 година организиран со мотото „Гаси скара, касни плата“ за кое рече дека важи и денес оти доцнат платите во „Македонски шуми“, работниците во културата преку протести издејствуваа усогласување и исплата на платите, а повеќе од 20.000 работници, според податоците од Управата за јавни приходи, земаат плати пониски од минималната.
„Да не се лажеме, ако не излезете на протест, нема да добиеме ништо. Колку ќе дојдеме, колку ќе излеземе на протест, толку и ќе добиеме. Доколку очекувате во наредните пет години некој кога ќе ја води државата да ве слушне, сте се излажале. Денеска е моментот кога треба да излезете на улица и да кажете што барате од сите тие што очекувате да ја водат државата“, повика Трендафилов.
Заедно со протестот Трендафилов најави дека работниците ќе го бранат и Работничкиот дом од институциите што го презедоа. „Нека дојдат и нека си ја пробаат среќата“, порача тој.
Протестот ќе почне во 11 часот пред Работничкиот дом, ќе продолжи пред Собранието, пред Стопанската комора и ќе заврши пред Владата, каде што работниците ќе ги упатат пораките, ќе кажат зошто не се задоволни и ќе им кажат на оние што го чекаат гласот од нив дека треба да се погрижат повеќе за работниците.
Македонија
УЈП: До 26 април продолжен рокот за поднесување на ДДВ-04 пријавите
Управата за јавни приходи информира дека пропишаниот рок за поднесување на пријавите за данокот на додадена вредност, ДДВ-04, кој истекува на 25.4.2024 година, се продолжува за еден ден.
Според соопштението од УЈП, краен рок за поднесување на пријавите ДДВ-04, ќе се смета 26.4.2024 година имајќи ја предвид владината одлука, со која 24.4.2024 година (среда) се прогласува за неработен ден за сите граѓани.