Македонија
(Видео) Арсовски: Целта на Заев е да создаде нова Катица Јанева
На дело се случува рушење на правната држава и правниот систем, со цел Зоран Заев да создаде нова Катица на местото на Катица Јанева и на тој начин да продолжи прогонoт против политичките неистомисленици, порача на денешната прес-конференција, портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски.
Како што кажа тој, брзоплети и експериментални решенија по нарачка на Заев наместо право и правна држава може да донесат само нов хаос и правен пазар.
„Не постои одредба во законот со која може предметите да се пренесуваат туку така на Јавното обвинителство, уште помалку кога носителот на претходните надлежности, Специјалната обвинителка Катица Јанева е во притвор и со сомнителни пола куцани, пола рачно пишувани писма, без печат и непотврден потпис, ги предава на некоја друга важна институција од ваков ранг. Вака ни бавча за садење не се пренесува во надлежност, а не пак обвинителски акти“, истакна портпаролот на опозициската партија.
Тој се повика и на членот 60 од законот за Јавното обвинителство според кој е предвидено јавниот обвинител да се оддалечи од вршењето на функцијата за време додека се наоѓа во притвор.
„Не може правните вратоломии на Заев, без ново законско решение, да создаде нова продолжена маша за политички уцени од една страна, но и амнестија на криминалите на оваа власт што во моментов ги прави од друга страна“, посочи Арсовски кој нагласи дека обидите да се создаваат решенија по мерак на Заев се атак директно врз правдата во Република Македонија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сончево и топло време со температура до 27 степени
Времето денес ќе биде сончево и топло со мала локална облачност. Ќе дува слаб ветер од јужен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 9, а максималната ќе достигне од 20 до 27 степени.
Во Скопје сончево и топло со слаб ветер од јужен правец.
Минималната температура ќе се спушти до 5, а максималната ќе достигне до 25 степена, јавува УХМР.
Во наредните денови следува период на сончево и топло време со пораст на температурата кон викендот. Утринските температури ќе бидат постојано над нулата, а поголемо наоблачување со услови за појава на дожд се очекува на почетокот на следната недела и ќе биде проследено со умерено спуштање на температурата.
Македонија
Нема подолги задржувања за влез и излез од државата
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Скопје
Без струја дел од Карпош
Регионалниот центар за управување со кризи на Град Скопје, по добиеното известување од ЕВН, информира дека, поради технички зафати во електродистрибутивната мрежа, без електрична енергија ќе остане дел од Карпош.
Од 9 до 14.30 часот корисниците од улицата Мексичка, улицата Хаванска и дел од улицата Варшавска во општина Карпош ќе бидат без струја.