Македонија
(Видео) ВМРО-ДПМНЕ бара од владата ослободување од партиципација на студентите, бесплатни градинки и оброк во училиштата
Веќе очигледно е дека Владата нема стратегија за почетокот на образованието и на образовниот процес во основното, средното и високото образование, ниту пак план за работата на градинките. На удар е здравјето на младите и нервите на родителите кои се загрижени поради тоталниот хаос во факултетите, училиштата и градинките, велат од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.
Според нив, Министерството за образование нема соодветен план за он лајн настава ниту пак обезбедени доволно добри просторни услови за децата кои физички ќе посетуваат настава, а градинките се со исполнети капацитети со што постои реална опасност дека голем дел од родителите нема да имаат можност да ги згрижат своите деца во градинки.
„ Имајќи во предвид дека згора на овој хаос се става и тешкиот финансиски товар на родителите и младите во едни вакви економски услови и сиромаштија, како опозиција предлагаме план и мерки со кои владата мора да настапи веднаш. Како пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „За обнова на Македонија“, предлагаме:
1.Владата веднаш да донесе одлука со која ќе се ослободат од партиципација сите редовни студенти запишани во државните универзитети за учебната 2020/2021 година, без разлика во која година од студирањето се наоѓаат. Со оваа мерка се опфаќаат околу 20 илјади студенти. Што значи дека на околу 20 илјади семејства ќе им се помогне да не трпат егзистенцијални штети и да можат нивните деца да го продолжат образованието.
2.Втората мерка е предлог за донесување одлука за обезбедување на бесплатна храна во училиштата и за сите ученици. Со оваа мерка ќе се опфатат сите ученици кои посетуваат настава во училиштата, а станува збор повторно за неколку десетици илјади.
3.Третата мерка се однесува на децата кои посетуваат градинка, бројка од околу 30 илјади дечиња, чии родители немаат услови да ги чуваат дома, а од таа причина е потребно да ги пратат во градинка. Со цел да се помогне на голем број на семејства, во кои имаме и голем број на родители кои го изгубиле своето работно место, бараме бесплатно згрижување на децата во градинките.
Ја повикуваме власта да ја надмине суетата и да пристапи кон итна реализација на овие предложени мерки, кои ќе значат помош за околу 100.000 семејства во Македонија. Владата, криминалот и мафијата кои за жал во овој момент се исто во Македонија, не смеат да ја водат во пропаст целата држава“ порачаа од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Скопје
Герасимовски: Центар со стратешки план ќе ги дефинира приоритетите за енергетска транзиција
Потребна е стратегија и патоказ за да имаме одржлив процес за енергетска транзиција во Општина Центар, ова е заклучокот од денешната работилница што се одржа во Енергетската канцеларија во локалната самоуправа. На работилницата на која учествуваа експерти, претставници на невладини организации, преставници на Општината и општинското претпријатие Енергија центар, соговорниците дискутираа за актуелните проекти во доменот на енергетиката, зелената агенда, животна средина и др.
Градоначалникот Герасимовски презентираше до каде е Општината во процесот на енергетска трансформација и транзиција. Тој потенцираше дека фотоволтаичната централа поставена на градинката Пепелашка минатото лето дава одлични резултати во намалување на трошоците за електрична енергија, а следно е поставување на централа врз покривот на ООУ ,,Киро Глигоров”. Наша цел е да поставиме фотоволтаични системи на сите основни училишта, но засега почнуваме прво со ООУ „Киро Глигоров“. Мораме да бидеме претпазливи и внимаваме на секој детаљ. Засега сме во процес на јавен тендер и фирмите учесници треба да ги исполнат критериумите.
Вангел Андрески, директор на Енергија Центар ја потенцираше улогата на првото вакво претпријатие во државата за производство и продажба на електрична енергија од обновливи извори.
„Со поддршка на Фондацијата „Фридрих Еберт“ успеавме да формираме вакво претпријатие, а процесот беше макотрпен и понекогаш фрустрирачки, со многу докуменатција, барања за куп дозволи по разни институции. Сега кога веќе започнавме со работа се соочивме со нов проблем, а тоа е потреба од едукација и подигање на свеста на граѓаните за придобивките на фотоволтаиците и нивната безбедност за корисниците, истакна Андрески, зборувајки за проектот кој се планира за ООУ ,,Киро Глигоров”.
Експерите се согласија дека иднината е токму во енергетската транзиција и трансформација која треба да почне од локално за да се прошири на национално ниво. Заштедите, но и бенефитите за животната средина се од непроценлива важност за воведување на вакви „зелени“ енергетски системи, но за разлика од другите држави во ЕУ и регионот, ние сме се уште во пионерска фаза.
Сите заштедени средства, велат експерите, по теркот на европските држави, понатаму треба да се влеваат во проектите од доменот на животната средина, преку субвенции за здрав и еколошки начин на живот на граѓаните.
Денешната работилница ,,Патоказ за енергетска транзиција – дефинирање на стратешки пристап кон одржлива иднина на Општина Центар” се организираше под покровителство и соработка со Фондација Фридрих Еберт, невладината Гринер и Општина Центар.
Македонија
Бојмацалиев во ЕВР Карпош: МВР е подготвено да обезбеди мирен, фер и демократски изборен процес
Денеска, дополнителниот заменик-министер за внатрешни работи, Митко Бојмацалиев, оствари работна посета на Единицата за внатрешни работи Карпош, каде што оствари средби со раководството на оваа организациска единица во склоп на СВР Скопје, а во рамките на серијата посети во секторите за внатрешни работи во државата со цел увид во резултати и планирање на идните активности.
Фокусот на средбата беа претстојните двојни избори што ќе се одржат периодов за што дополнителниот заменик-министер, Митко Бојмацалиев, пред раководството на ЕВР Карпош констатира дека МВР во рамките на своите надлежности од досегашните средби и разговори со раководствата во секторите е подготвено да обезбеди мирен, фер и демократски изборен процес како што беа претходните.
Притоа тој ги сподели резултати за првото тримесечје од 2024 година.
„Бев информиран за резултатите во областа на криминалитетот, каде што во првото тримесечје од 2024 година безбедносната состојба на подрачјето може да се оцени како поволна со намалување на кривичните дела по службена должност од 40 %. Од областа на криминалитетот на подрачјето на ЕВР Карпош, според статистиката за горенаведениот период, бележиме намалување за 30 % во делот на кривичните дела од имотни деликти, како што се тешките кражби, кражби и џепни кражби“, истакна Бојмацалиев додавајќи дека раководството го информира дека ова се најдобрите резултати во последните 10 години постигнати во 2023 година.
Во однос на условите за работа во оваа единица Бојмацалиев истакна дека станицата беше реконструирана во 2022 година во насока на создавање подобри услови за работа на полициските службеници, со вложени 21 милион денари обезбедени од буџетот на МВР.
„Динамично тргнавме во процесот на надминување на претходните негативни состојби на овој план со јасно одредена цел – да воспоставиме модерни инфраструктурни стандарди на функционирање како на полициските службеници така и на нивните средства за работа, на објектите и на нивната опременост“, рече Бојмацалиев при посетата на ЕВР Карпош.
Македонија
„Вреди“: ДУИ во руско сценарио бара лек за изборниот пораз
Навреме предупредивме дека очајниот ДУИ смислил сценарио за предизвикување политичка криза после првиот круг на претседателските избори со цел да избегне чесно признавање на извесниот пораз. Нивен сон е техничката Влада на Талат Џафери да опстои повеќе од предвидените 100 дена, велат од коалицијата „Вреди“.
„Бујар Османи избегнува одговор на многу логичното прашање што правел како претседавач со ОБСЕ во текот на 2023 за оваа меѓународна институција да оцени дека постои потенцијал за нарушувањето на безбедноста во изборниот процес и го зголеми бројот на набљудувачи. Исто така молчи дали Османи како домаќин на Лавров го прашал за рецептот за суспендирање на демократската волја на граѓаните.
Но, контурите на ова руско сценарио полека излегуваат на виделина. Владата на Талат Џафери незаконски спречува поставување на началник и дополнителен началник на СВР Тетово за да може да ги злоупотребува партиските војници на ДУИ инсталирани во полицијата во кампањата. Потврда за ова е последниот скандал со училиштето во Житоша кое не само што е претворено во штаб на ДУИ, туку во него полицајци отворено агитираат за Али Ахмети, се фотографираат и објавуваат на социјалните мрежи“, реагираат од коалицијата.
Очекуваат како што велат, дека раководството на МВР соодветно ќе ги евидентира и санкционира овие девијации од страна на полициски службеници.
„Јасно им порачуваме на полициските службеници и останати кадри на ДУИ во државните институции, добро да размислат какви партиски задачи прифаќаат и спроведуваат. Ништо не може да ја смени реалноста. ДУИ после осми мај преминува во опозиција и за секој нивен кадар кој се огрешил пред законите ќе следи соодветна правосудна постапка. Добро е секој партиски активист на ДУИ да размислува трезвено и да не се впушта во незаконски авантури лажно верувајќи дека ќе продолжат кариерите на Али Ахмети, Бујар Османи и Артан Груби.
Знаеме дека исплашеното раководство на ДУИ и нивните коалициони другарчиња се подготвени на различни предизборни далавери, но треба да земат предвид дека на секој обид за спречување на слободно, фер и демократско гласање на Албанскиот народ, жестоко ќе одговориме“, додаваат во партиското соопштение.
Нагласуваат дека ништо не може да ги спречи промените. Гласачите, како што оценуваат, уште повеќе се мотивираат да гласаат против ДУИ кога ги гледаат овие нивни очајнички потези.
„Бранот е тргнат и тој секојдневно ќе расте додека не се претвори во цунами за ДУИ на изборите“, се потенцира во напишаното од коалицијата „Вреди“.