Македонија
(Видео) ВМРО-ДПМНЕ предлага формирање специјална државна комисија против Ковид-19
ВМРО-ДПМНЕ предлага предлог-закон за формирање специјална државна комисија за заштита и борба против пандемии и епидемии. Како што истакна Атонијо Милошоски, тие вчера предлогот го доставиле до министерот за здравство, Венко Филипче, но тој ги одбил.
Опозицијата предлага комисијата да брои 11 члена, меѓу кои министерот за здравство и директорот за Центарот за управување со кризи, а внатре би членувале специјалисти инфектолози 3 члена, епидемиолози 2 члена, микробиолози 2 члена, имунолог еден член и специјалист интернист еден член.
„На наше разочарување, оваа идеја и предлог не беа прифатени од министерот за здравство. Очигледно е дека министерот за здравство за разлика од мнозинството во јавноста сè уште има блиска доверба во неговата советодавна Комисија за Ковид, која ја предводи докторот Караџовски, за која сметаме дека носи дел од одговорноста за многу ненавремени мерки или за несоодветно преземање мерки изминативе пет месеци. Затоа сметаме дека Македонија мора да реагира посериозно, мора некој да преземе одговорност за сегашната ситуација и мора постручни лица да ги заземат местата на оние членови на Комисијата кои одеа на концертот на Владо Георгиев во дискотеката ‘Мош’“, рече Милошоски.
Според ВМРО-ДПМНЕ, актуелниот предлог-закон за заштита на населението од заразни болести не содржи конкретни мерки за борба со пандемијата, нема мерка за зајакнување на капацитетите на институциите коишто вршат ковид-тестови, нема мерка за поевтино тестирање на ризичните групи на население како пензионери или хронично болни, ниту има мерка за пошироко тестирање по однос на бројка во позагрозените општини, како што се Скопје, Прилеп, Струмица, Тетово и други градови.
„Сметаме дека овој закон е повеќе техничка измена и дополнување наместо да биде закон со кој би се спровеле суштински мерки за борба и справување со пандемијата. Морам да напоменам дека на ова ниво на загрозеност од пандемијата, каде што Македонија, за жал, има една од најголемите стапки на смртност по однос на еден милион жители во Европа, дојдовме и како резултат на несоодветните мерки и слабата доверба којашто Комисијата на министерот за здравство ја има кај јавноста. Сметаме дека оваа комисија, којашто уште пред изборите почна да ги политизира мерките, а во последно време видовме дека беше и пасивна кога некои ресторани и дискотеки во Скопје и во Струмица блиски до семејството на власт правеа концерти, забави, журки и не се реагираше соодветно, носи дел од одговорноста за оваа загрижувачка состојба со пандемијата со Ковид“, рече Милошоски.
ВМРО-ДПМНЕ, сепак, ја повикува власта во текот на денешниов ден да закаже собраниска седница, на која тие ќе присуствуваат за да има кворум.
„Знаеме дека немаат кворум, но ние ќе бидеме коректни, ќе го направиме кворумот на собраниската седница. Иако ќе бидеме воздржани, сепак ќе овозможиме овој предлог-закон да помине. Но, предупредуваме уште еднаш, ваков каков што е не очекуваме да донесе преголеми резултати, бидејќи во законот недостигаат суштински мерки за борба со пандемијата“, додаде Милошоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Димитриевски до Пендаровски: Разликата е огромна, откажете се од оваа битка и оставете нè да победиме во вториот круг
Денеска ЗНАМ заедно со сите свои пддржувачи ја испишува новата политичка историја на македонската политичка сцена, рече вечерва претседателскиот кандидат на ЗНАМ, Максим Димитриевски. Иако е јасно дека не влегува во вториот круг, Димитриевски првиот круг од изборите го смета за голем успех.
„Можам да потврдам дека се роди третата политичка сила во македонскиот политички блок во државата која што имаме намера во следниот период дополнително да ја потврдиме и надградиме, со цел еден ден граѓаните да имаат можност да изберат нешто ново“, рече Димитриевски.
На противкандидатите им честиташе за успехот и се заблагодари на можноста да води кампања за која рече дека не била еднаква за сите оти законот кој е во сила не дава еднаква можност за медиумско претставување на сите партии.
Рече дека е горд на секој глас што го добиле како партија регистрирана пред само три месеци.
„Факт е дека јас како кандидат и ЗНАМ освоивме повеќе од 80.000 гласови. Регистриравме субјект кој постои нешто повеќе од три месеци и со граѓанската поддршка се етаблираше на трето место во политичкиот блок. Сметам дека тоа е одличен појдовен резултат за понатамошна борба. Јас не се сеќавам дека во историјата на плурална Македонија имало вакви примери, да имате партија со некаде три и пол илјади членови, а да освоите над 80.000 гласови. Искрено сум горд на секој тој еден глас што дојде, како поддршка за мене и ЗНАМ. И покрај тоа што трендовите се тие, десницата добива, а левицата губи, единствено десницата доживеа пораз во бастионот на асномска Македонија, а тоа е Куманово“, рече Димитриевски.
Порача на сите политичари дека треба да учат од овие избори оти граѓаните дале јасна насока каде сакаат да се движи државата, а посебна порака упати до Стево Пендаровски, кој освои повеќе 100.000 гласови помалку од Гордана Сиљановска-Давкова.
„Почитуван мој претседателе, разликата е огромна. Доколку сакате да опстане централната и левата идеја во државата, откажете се од оваа битка и оставете не да победиме во име на граѓаните во вториот круг“, порача Димитриевски.
Кога ќе завршат парламентарните избори, Димитриевски е уверен дека ЗНАМ ќе биде политички фактор за стабилност во државата без кој нема да може да се формира идната влада. Најави дека кога ќе ги почнат преговорите за формирање парламентарно мнозинство, на сите политички партии ќе им ги испорачаат нивните предлози за црвените линии на македонскиот народ.
Македонија
ДИК: Сиљановска Давкова освои 324 177, Пендаровски 161 393 гласа по обработени 89,97 отсто
Стево Пендаровски освои 161 393 гласа, 19,90 отсто, Гордана Сиљановска Давкова 324 177 односно 39,97 отсто од гласовите, Стевчо Јакимовски освои 7.499 односно 0,92 отсто од вкупниот број на гласовите.
Кандидатот Бујар Османи освои 110 903, односно 13, 68 отсто, Билјана Ванковска 35.949 односно 4,43 отсто од гласовите, Арбен Таравари 78.110 илјади односно 9,63 отсто, Максим Димитриевски 70,996, односно 8,75 отсто од гласовите се резултатите од обработените 89,97 отсто од гласовите, извести претседателот на Државната изборна комисија, Александар Даштевски.
Тој додаде дека изборниот процес поминал мирно и достоинствено и смета дека 99 отсто работите поминале како што треба.
Македонија
Касами: Добитници на овие избори сме ние, ДУИ има купено гласови
„Влен“ е легитимен претставник на Албанците и ги доби гласовите на Албанците, изјави Билал Касами на прес конференција.
„Добитници на овие избори сме ние, коалицијата „Влен“. ДУИ има купено гласови од загрозените гласачи кои имаат потреби од пари. „Влен“ ги доби гласовите на Албанците, вели Касами.
„ДУИ го загуби последниот легитимитет да зборува во име на Албанците, затоа на 8 мај ние ќе победиме. Овој резултат и во мандати не е голема разлика со ДУИ и на 8 мај овој резултат ќе биде во наша полза. ДУИ успеа да ја загуби последната можност, еден кандидат Албанец да биде избран на директни избори во 2024 година. Тие ќе бидат запишани со црни букви во историјата на албанскиот народ во Македонија. Ако биле заинтересирани Албанец да оди во вториот круг сигурно ќе беа координирани со нас и ќе беше возможно да биде избран Албанец. Затоа мислиме дека вредеше оваа борба“, рече Касами.
Тој се заблагодари на сите што го гласаа кандидатот Арбен Таравари и додаде дека ДУИ има изгубено гласови од помалите етнички заедници и од загрозените граѓани.
Таравари кажа дека коалицијата подоцна ќе разговара за тоа кому ќе ги даде гласовите во вториот круг на претседателските избори.