Македонија
(Видео) Давидовиќ за случајот „Еразмус“: Обвинителството нема никакви докази
Адвокатот Ѕвонко Давидовиќ, кој ги застапува професорот Стојан Дебарлиев и вработениот Драган Денковски, кој во предметот „Еразмус“ беше посочен како демонстратор, по завршувањето на рочиштето, изјави дека Обвинителството за неговите клиенти нема никакви докази. Давидовиќ тврди дека Обвинителството за гонење организиран криминал прави преседан бидејќи си дозволува во иднина секој да биде обвинет за нешто што ним не им се допаѓа.
„Гледајќи го доказниот материјал, овој предмет е многу чуден бидејќи Обвинителството си дозволува да утврдува како и на кој начин професорите оценувале. Не гледајќи поткуп и она што Обвинителството тврди дека го има кај некои, особено кај моите клиенти, Обвинителството тврди дека оценувањето не било во согласност со законот. Прво, Обвинителството нема такви познавања, не се професори, нема такви јавни овластувања и навлегуваат во многу опасни води, односно утре секој да биде обвинет за нешто што не му се допаѓа на Обвинителството за гонење организиран криминал. На пример, ако не проектира зграда која би му се допаднала, инженерот може да одговара зашто не ја проектирал, а јас како адвокат зашто не сум дал одбрана што му се допаѓа на Обвинителството. Ова е опасен преседан. Апсолутно, за моите клиенти нема докази. Дури ни прикриените сведоци ниту ги посочија ниту ги познаваат“, вели Давидовиќ.
Адвокатот на Дебарлиев и Денковски смета дека процесот трае премногу долго, а тие заедно со Обвинителството сакаат да заврши што побргу во интерес на клиентите.
„Обвинителството и одбраната дадоа согласност сите докази да се изведат одново, но со читање, не со нивно изведување. Еден од судиите поротници ќе ги види доказите според ветувањето на претседателот на советот. Премногу долго трае овој предмет, одбраната и Обвинителството навистина сакаат да завршат – а во интерес на клиентите“, посочи Давидовиќ.
Промена на судечкиот совет, односно заминување поротник на работа во Германија, го врати случајот „Еразмус“ на почеток. Заминувањето на поротникот ќе влијае врз процесот, посочи судијата Владимир Туфегџиќ, и побара согласност од обвинетите на следното рочиште да бидат исчитани сите докази, а да не се изведуваат. „Еразмус“ требаше да има пресуда на почетокот од февруари, а сега на тој датум ќе почне од почеток.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Притвор од 48 часа за две лица кои се задржани по убиството на лекарот во Железара
Со оглед на тоа што се уште се преземаат дејствија за обезбедување докази, јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје синоќа до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка краткотраен куќен притвор во траење од 48 часа за две од лицата кои беа задржани во врска со убиството на лекар во скопската населба Железара, извести Обвинителството.
Како што велат од Обвинителството, предлогот е прифатен и бараната мерка е определена.
Македонија
„Мицковски е ист како Груевски, злоупотребени децата во Гевгелија“, вели СДСМ
„Христијан Мицкоски е ист како неговиот претходник и ментор Никола Груевски. За врме на посетата на Мицкоски на Гевгелија беа злоупотребени млади лица и ученици, исто како што правеше Груевски, кога се редеа деца за да го поздравуваат“, соопшти СДСМ.
„На ист начин вчера, под палка на локалната власт на ДПМНЕ во Гевгелија беа поставени ученици да му аплаудираат, овој пат на Мицкоски.
Мицкоски е ист како Груевски. Во ДПМНЕ нема никакви промени. Тоа се истите методи на ДПМНЕ и истите ликови.
Мицкоски сака да продолжи каде застана Груевски.
Граѓаните не забораваат како изгледаше кога менторот на Мицкоски, Груевски нѐ заглави и не донесе до дното“, се наведува во соопштението на СДСМ.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Нашата идна Влада ќе спроведе ограничување на маржите на лековите и проширување на позитивната листа за бесплатни лекови
„Владата на ВМРО-ДПМНЕ ќе спроведе ограничување на маржите на лековите и проширување на позитивната листа за бесплатни лекови“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Идната влада ќе имплементира модел за намалување на цените и ограничување на маржите на лековите и медицинската опрема. Народот не смее да го преплаќа лекот.
Ќе се спроведе ревидирање и модернизирање на позитивната листа на лекови со вклучување на најголем дел од основните лекарства кои граѓаните ги користат.
Лековите мора да се издаваат согласно потребите на пациентот, со персонализирана и индивидуализирана терапија. ВМРО-ДПМНЕ има за цел да го крене здравството на сосема ново ниво“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.