Македонија
(Видео) Деспотовски: За жал, изборите ќе ги пролонгираат грантовите од Фондот за иновации
Изборите ќе ги пролонгираат грантовите што ги доделува Фондот за иновации и технолошки развој, најави Јован Деспотовски во интервју за „Макфакс“. Одложено ќе биде донесувањето на конечните одлуки што ги носи Комитетот за одобрување инвестиции на Фондот за иновации. Повикот за технолошки развој ќе биде распишан следната недела и очекуваат да заврши пред распуштање на Собранието, но постапката за сите останати ќе биде пролонгирана.
„За жал, морам да кажам дека изборите како процес ќе имаат свое влијание врз динамиката на нашето работење. Неодамна Владата ни даде согласност за изменетата среднорочна програма којашто се протега до крајот на 2020 година којашто предвидува неколку нови иницијативи шо ги развиваме по барање и на самите компании. Пред сè ќе ја споменам воведување на посебна скратена постапка за аплицирање којашто досега не беше предвидена како можност. Тоа го воведуваме веќе наредната недела со првиот следен повик за технолошки развој. Очекуваме дека тој повик по скратена постапка ќе бидеме во можност да го реализираме пред одлуката за распуштање на Собранието, но сето она што следи, повикот за технолошки развој во редовна постапка, повикот за стартап-компании што планираме да го објавиме до крајот на годината ќе бидат, за жал, делумно пролонгирани во смисла на носење конечна одлука до завршување на изборниот процес. Тоа подразбира дека повиците ќе ги отвориме, компаниите ќе можат да аплицираат, фазата на административна проверка, претселекција и селекција ќе може да се случува и да тече, меѓутоа иако немаме законски ограничувања, самото носење на одлуката, решивме интерно, да го пролонгираме до прогласување на изборниот процес за завршен“, најави директорот Деспотовски.
Пролонгирањето ќе биде до втората половина на мај кога Комитетот за одобрување инвестиции во Фондот за иновации ќе може да ги донесе одлуките. Новите повици планирани за 2020 година ќе бидат темпирани за објава во јануари или по завршување на изборниот процес. Откако ќе се распушти Собранието Фондот за иновации нема да отвора повици.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сончево и топло време со температура до 27 степени
Времето денес ќе биде сончево и топло со мала локална облачност. Ќе дува слаб ветер од јужен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 9, а максималната ќе достигне од 20 до 27 степени.
Во Скопје сончево и топло со слаб ветер од јужен правец.
Минималната температура ќе се спушти до 5, а максималната ќе достигне до 25 степена, јавува УХМР.
Во наредните денови следува период на сончево и топло време со пораст на температурата кон викендот. Утринските температури ќе бидат постојано над нулата, а поголемо наоблачување со услови за појава на дожд се очекува на почетокот на следната недела и ќе биде проследено со умерено спуштање на температурата.
Македонија
Нема подолги задржувања за влез и излез од државата
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Скопје
Без струја дел од Карпош
Регионалниот центар за управување со кризи на Град Скопје, по добиеното известување од ЕВН, информира дека, поради технички зафати во електродистрибутивната мрежа, без електрична енергија ќе остане дел од Карпош.
Од 9 до 14.30 часот корисниците од улицата Мексичка, улицата Хаванска и дел од улицата Варшавска во општина Карпош ќе бидат без струја.