Македонија
(Видео) Заев – Едштадлер: Отворената европска иднина за нашата држава има мотивирачка улога во реформските процеси
Претседателот на Владата, Зоран Заев, се сретна со Каролине Едштадлер, сојузна министерка за Европа и Устав на Република Австрија.
На состанокот е пренесена целосната поддршка од Австрија за пристапниот процес на нашата држава кон ЕУ бидејќи, како што е констатирано, земјата ја заслужува таа кредибилна перспектива.
Искажан е ставот дека се работи за кредибилноста на ЕУ, довербата во Европската Унија и за безбедноста на Унијата и во таа насока е изразена и подготвеност од Република Австрија за помош во процесот, со цел продолжување на интеграциите.
Премиерот Заев се заблагодари за големата пријателска поддршка од Република Австрија, што резултира со добри билатерални односи на политички и на економски план и отворени шанси за натамошни унапредувања.
„Со позитивните политики на дијалог и инвентивност, ќе продолжиме да даваме аргументи за поддршката од Австрија и од другите земји членки на ЕУ за натамошниот исчекор во евроинтеграциите. Се покажа дека граѓаните во која било држава ги казнуваат национализмите. На домашен план имаме видлива борба против криминалот и корупцијата, со што покажуваме дека е можно владеење на правото еднакво за сите. Но, факт е дека отворената европска иднина и за нашата држава и за другите земји од регионот има мотивирачка улога во реформските процеси и во имплементацијата на европските вредности“, рече премиерот Заев.
Тој се заблагодари на Република Австрија за присуството на австриските полицајци на јужната граница на државата, во рамките на активностите поврзани со справувањето со мигрантската криза и нагласи дека на овој план Северна Македонија ги следи европските пракси и политики. Заеднички е констатирано дека европските перспективи за Западен Балкан се потребни, меѓу другото, и за справувањето со ова меѓународно прашање.
На средбата се разговараше и за справувањето со предизвиците од пандемијата и за потребите од современ здравствен систем во полза на граѓаните. Во таа насока е посочено на потребата од планираниот нов клинички центар во Скопје и од инклузивната поддршка на проектот од страна на политичките фактори во парламентот.
Премиерот Заев изрази посебна благодарност до австриската министерка Едштадлер за помошта и донациите од Република Австрија во здравството, како и за големата поддршка од Австрија и од Европската Унија во справувањето со последиците од пандемијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Ибраимоски и Глигорова: „СТОП за исвршителите, брзите кредити и должничкото ропство“ е еден од главните постулати на програмата „Храбро за Македонија“
Носителот на пратеничката листа на коалицијата „Храбро за Македонија“ во изборната единица пет, Самка Ибраимоски, денеска заедно со активистката и кандидатка за пратеничка Ана Глигорова ја посетија Битола каде се потпишуваше петицијата „СТОП за извршителите и брзите кредити“.
Воедно, Ибраимоски и Глигорова нагласија дека оваа борба за правда, за враќање на извршителите кадешто им е местото и ослободување на народот од должничко ропство е еден од главните приоритети на предизборната програма на коалицијата „Храбро за Македонија“.
– Денеска бевме во Битола, на средба со граѓани. Имавме петиција за „СТОП на извршителите“ и стоп за кеш кредити, успешна петиција. Суштината на нашата кампања во изборна единица пет, ќе биде токму оваа агенда: „СТОП за извршители и СТОП за брзи кредити“. – нагласи Глигорова.
– Ме радува што сите граѓани ја прифатија нашата иницијатива и се потпишаа многу луѓе и тоа е добро, што народот почна поинаку да размислува за разлика од претходно. И очекувам дека и во другите градови, како што се Ресен, Охрид, Струга, Демир Хисар и другите околни места, ќе ни ја дадат поддршката за парламентарните избори, истакна претседателот на ПЦЕР и носител на пратеничката листа, Самка Ибраимоски.
Скопје
Арсовска изврши увид во завршните градежни работи на реконструкција на водоводната мрежа на улицата Антон Попов
Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска заедно со претставници од Секторот за планирање и уредување при Град Скопје и скопското јавно претпријатие „Водовод и канализација“ извршија увид во завршните градежни работи на реконструкција на водоводната мрежа на улицата Антон Попов во општината Гази Баба.
Со изведбата на водоводните приклучоци на овој потег кои се поврзуваат со постојната водоводна мрежа со профил од 150 милиметри, се решава повеќедеценискиот проблем на жителите со честите прекини во водоснабдувањето поради застареноста на системот, а се решаваат загубите на вода и трошоци за поправките на дефектите на водоводната мрежа, велат од Град Скопје.
Изведбата на овој проект претставува дел од програмата на градоначалничката Данела Арсовска за обновување на градската мрежа, во децениски заборавените населени места, што претставуваше и долгогодишно барање на жителите од тој дел на градот, се додава во соопштението на Град Скопје.
Скопје
Скопје викендов со изменет режим на сообраќај поради одржување на предизборни митинзи
Поради одржување митинг од изборната кампања за претседателските избори 2024 година на 21 април (недела) во 13.00 часот пред седиштето на Европската унија на ул.„Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе преземе мерки за посебен режим на сообраќај на оваа улица почнувајќи од 19:00 часот на 20 април (сабота) до 21.00 часот на 21 април (недела), соопштуваат од МВР.
Притоа, за сообраќај ќе биде затворена ул.„Св.Кирил и Методиј“ на потегот од крстосница со булевар „Кочо Рацин“ до крстосница со булевар „Св. Климент Охридски“.
Исто така, на 21 април во 20.00 часот на плоштад „Македонија“ во Скопје ќе се одржи митинг од изборната кампања за претседателските избори 2024 година.
Од тие причини, Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе преземе мерки за посебен режим на сообраќај во централното градско подрачје, а сообраќајот времено ќе се запира на сообраќајниците по кои ќе се движат учесниците на настанот.
За таа цел, МВР апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите што ги издаваат полициските службеници по сообраќајниците каде што ќе се одвиваат настаните