Македонија
(Видео) Заев на конференцијата на „Економист“ во Атина: Заедно се соочуваме со истите здравствени и економски предизвици, и заедно ќе ги надминеме
„Заедно се соочуваме со истите здравствени и економски предизвици и само заедно можеме да ги надминеме, со поблиска соработка и со поголема солидарност. Затоа треба да продолжиме да инвестираме во добрососедски односи, да ги надминуваме отворените прашања со дијалог и толеранција и да ја подобруваме регионалната соработка“, истакна претседателот на Владата, Зоран Заев, на панелот посветен на иднината на Западен Балкан на конференцијата на угледниот магазин „Економист“ организирана како тркалезна маса со Владата на Грција и учесници од регионот на тема „Европа: Зајакнување на кохезијата во турбулентни времиња“ за брз и ефикасен излез од кризата предизвикана од пандемијата со Ковид-19.
„Најдобрата иднина за регионот на Западен Балкан е да се продолжи со евро-атлантските интеграции, и ниту една друга опција не е алтернатива“, додаде премиерот Заев и потсети дека Договорот од Преспа е одличен пример за успехот на дипломатијата и дијалогот и дека оконча едно отворено и тешко прашање кое траеше предолго.
„Резултатот од последните парламентарни избори во Северна Македонија покажува дека граѓаните знаат и да ги наградат политичарите кои донесуваат тешки одлуки кои се добри и од огромно значење за иднината на земјата и граѓаните. Потребна е силна политичка волја за да се решаваат сите деликатни прашања и тоа е охрабрувачка порака за Западен Балкан. Се надевам дека нашите постигнувања, договорите со Грција и Бугарија се доволно инспиративни за лидерите во регионот да се посветат на негување на мирот и стабилноста, да ја зајакнеме регионалната соработка, да постигнеме поголем економски развој и да останеме до крај посветени на евроатланските интеграции“, потенцираше Заев, на конференцијата на „Економист“ во Атина, на која од наша страна учествуваат и заменик-претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции – Фатмир Битиќи, заменик-претседателот задолжен за европски прашања – Никола Димитров и министерот за надворешни работи – Бујар Османи.
Премиерот Заев нагласи дека за него е од особено значење што неговото прво службено патување надвор од земјата во вториот мандат како претседател на Владата на Северна Македонија е работната посета на Република Грција, која освен учеството на конференцијата на „Економист“, вклучува и средби со премиерот Кирјакос Мицотакис и претседателката Катерина Сакеларопулу.
Настанот во организација на „Економист“, подвлече премиерот Заев, е сериозна платформа за дебата за сегашноста и иднината на нашиот регион и учеството на сите угледни и влијателни гости на конференцијата од политиката и бизнис-заедницата е одлична можност за размена на идеи и за соработка за долгорочна политичка стабилност како предуслов за економски раст на земјите од опкружувањето.
„Во вториот мандат формирав Влада со помалку ресори со цел да бидеме поефикасни. Влада со стабилна политичка структура и со силна евро-атланска ориентација која ќе продолжи да ги следи нашите стратешки приоритети, политиките на НАТО и ЕУ, добрососедските односи и подобрувањето на внатрешната кохезија. Во исто време, ќе се фокусираме на справување со Ковид-19, на зајакнување на владеењето на правото и на создавање на динамичен економски раст“, рече премиерот Заев и додаде дека во однос на справувањето со Ковид-19 од исклучителна важност беше и останува соработката со ЕУ и покажаната солидарност со непосредната помош за сите земји од Западен Балкан, со овозможениот пристап до платформите за соработка резервирани за земјите членки, како и за значителната финансиска и економска поддршка.
На панелот посветен на Западен Балкан на конференцијата „Економист“ која оваа година е посветен на темата „Европа: Зајакнување на кохезијата во турбулентни времиња“, свои обраќања имаа и премиерот на Албанија, Еди Рама, и поранешните министри за надворешни работи на Грција, Дора Бакојанис и Јоргос Кутрогалос.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Димитриевски до Пендаровски: Разликата е огромна, откажете се од оваа битка и оставете нè да победиме во вториот круг
Денеска ЗНАМ заедно со сите свои пддржувачи ја испишува новата политичка историја на македонската политичка сцена, рече вечерва претседателскиот кандидат на ЗНАМ, Максим Димитриевски. Иако е јасно дека не влегува во вториот круг, Димитриевски првиот круг од изборите го смета за голем успех.
„Можам да потврдам дека се роди третата политичка сила во македонскиот политички блок во државата која што имаме намера во следниот период дополнително да ја потврдиме и надградиме, со цел еден ден граѓаните да имаат можност да изберат нешто ново“, рече Димитриевски.
На противкандидатите им честиташе за успехот и се заблагодари на можноста да води кампања за која рече дека не била еднаква за сите оти законот кој е во сила не дава еднаква можност за медиумско претставување на сите партии.
Рече дека е горд на секој глас што го добиле како партија регистрирана пред само три месеци.
„Факт е дека јас како кандидат и ЗНАМ освоивме повеќе од 80.000 гласови. Регистриравме субјект кој постои нешто повеќе од три месеци и со граѓанската поддршка се етаблираше на трето место во политичкиот блок. Сметам дека тоа е одличен појдовен резултат за понатамошна борба. Јас не се сеќавам дека во историјата на плурална Македонија имало вакви примери, да имате партија со некаде три и пол илјади членови, а да освоите над 80.000 гласови. Искрено сум горд на секој тој еден глас што дојде, како поддршка за мене и ЗНАМ. И покрај тоа што трендовите се тие, десницата добива, а левицата губи, единствено десницата доживеа пораз во бастионот на асномска Македонија, а тоа е Куманово“, рече Димитриевски.
Порача на сите политичари дека треба да учат од овие избори оти граѓаните дале јасна насока каде сакаат да се движи државата, а посебна порака упати до Стево Пендаровски, кој освои повеќе 100.000 гласови помалку од Гордана Сиљановска-Давкова.
„Почитуван мој претседателе, разликата е огромна. Доколку сакате да опстане централната и левата идеја во државата, откажете се од оваа битка и оставете не да победиме во име на граѓаните во вториот круг“, порача Димитриевски.
Кога ќе завршат парламентарните избори, Димитриевски е уверен дека ЗНАМ ќе биде политички фактор за стабилност во државата без кој нема да може да се формира идната влада. Најави дека кога ќе ги почнат преговорите за формирање парламентарно мнозинство, на сите политички партии ќе им ги испорачаат нивните предлози за црвените линии на македонскиот народ.
Македонија
ДИК: Сиљановска Давкова освои 324 177, Пендаровски 161 393 гласа по обработени 89,97 отсто
Стево Пендаровски освои 161 393 гласа, 19,90 отсто, Гордана Сиљановска Давкова 324 177 односно 39,97 отсто од гласовите, Стевчо Јакимовски освои 7.499 односно 0,92 отсто од вкупниот број на гласовите.
Кандидатот Бујар Османи освои 110 903, односно 13, 68 отсто, Билјана Ванковска 35.949 односно 4,43 отсто од гласовите, Арбен Таравари 78.110 илјади односно 9,63 отсто, Максим Димитриевски 70,996, односно 8,75 отсто од гласовите се резултатите од обработените 89,97 отсто од гласовите, извести претседателот на Државната изборна комисија, Александар Даштевски.
Тој додаде дека изборниот процес поминал мирно и достоинствено и смета дека 99 отсто работите поминале како што треба.
Македонија
Касами: Добитници на овие избори сме ние, ДУИ има купено гласови
„Влен“ е легитимен претставник на Албанците и ги доби гласовите на Албанците, изјави Билал Касами на прес конференција.
„Добитници на овие избори сме ние, коалицијата „Влен“. ДУИ има купено гласови од загрозените гласачи кои имаат потреби од пари. „Влен“ ги доби гласовите на Албанците, вели Касами.
„ДУИ го загуби последниот легитимитет да зборува во име на Албанците, затоа на 8 мај ние ќе победиме. Овој резултат и во мандати не е голема разлика со ДУИ и на 8 мај овој резултат ќе биде во наша полза. ДУИ успеа да ја загуби последната можност, еден кандидат Албанец да биде избран на директни избори во 2024 година. Тие ќе бидат запишани со црни букви во историјата на албанскиот народ во Македонија. Ако биле заинтересирани Албанец да оди во вториот круг сигурно ќе беа координирани со нас и ќе беше возможно да биде избран Албанец. Затоа мислиме дека вредеше оваа борба“, рече Касами.
Тој се заблагодари на сите што го гласаа кандидатот Арбен Таравари и додаде дека ДУИ има изгубено гласови од помалите етнички заедници и од загрозените граѓани.
Таравари кажа дека коалицијата подоцна ќе разговара за тоа кому ќе ги даде гласовите во вториот круг на претседателските избори.