Македонија
(Видео) Заев: Очекувам преку големиот одѕив уште еднаш да се потврди мултиетничкото единство на нашите граѓани
Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, утрово во Струмица го оствари своето избирачко право. Во изјава дадена за медиумите, по гласањето, премиерот Заев рече:
„Денеска е убав ден, нов празник за Република Македонија. Денеска граѓаните излегуваат и одлучуваат за иднината на нашата земја. Денеска, со одлуката, граѓаните прават исто како во минатото, во сите пресудни моменти за Република Македонија, носејќи сериозни, важни одлуки, со што ѝ го трасираат патот на нашата земја за иднината на наредните генерации што доаѓаат по нас.
Денеска навистина е вистински празник. Јас денеска очекувам, преку масовноста во гласањето, со големиот одѕив уште еднаш да се потврдат и мултиетничкото единство на нашите граѓани и севкупното политичко единство на граѓаните надвор од која било политичка партија или политички определби.
Очекувам Собранието да ја следи мнозинската одлука на граѓаните, која денеска ќе биде јасен правец во која насока треба да се движи нашата земја.
Секако, очекувам по овие одлуки, Македонија, конечно, да ги постигне своите стратешки цели – да биде членка на најмоќниот воен сојуз во светот – НАТО и да биде членка на најсилната економска унија во светот – Европската Унија.
Нека ни е со среќа, почитувани граѓани на Република Македонија, нека ѝ е со среќа на нашата земја“, рече Заев.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сончево и топло време со температура до 27 степени
Времето денес ќе биде сончево и топло со мала локална облачност. Ќе дува слаб ветер од јужен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 9, а максималната ќе достигне од 20 до 27 степени.
Во Скопје сончево и топло со слаб ветер од јужен правец.
Минималната температура ќе се спушти до 5, а максималната ќе достигне до 25 степена, јавува УХМР.
Во наредните денови следува период на сончево и топло време со пораст на температурата кон викендот. Утринските температури ќе бидат постојано над нулата, а поголемо наоблачување со услови за појава на дожд се очекува на почетокот на следната недела и ќе биде проследено со умерено спуштање на температурата.
Македонија
Нема подолги задржувања за влез и излез од државата
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Скопје
Без струја дел од Карпош
Регионалниот центар за управување со кризи на Град Скопје, по добиеното известување од ЕВН, информира дека, поради технички зафати во електродистрибутивната мрежа, без електрична енергија ќе остане дел од Карпош.
Од 9 до 14.30 часот корисниците од улицата Мексичка, улицата Хаванска и дел од улицата Варшавска во општина Карпош ќе бидат без струја.