Македонија
(Видео) Иванов-Китаровиќ: Билатералните прашања да се решаваат паралелно со евроинтеграцијата
Република Македонија и Република Хрватска имаат исклучително добри пријателски односи без никакви отворени прашања. Хрватска е голем поддржувач на Македонија на нејзиниот пат кон ЕУ и НАТО и ќе направи сè да го заврши што побргу. Отворените прашања со други земји не смеат да се пречка на тој пат. Тие може и мора да се решаваат паралелно со одржување на преговорите за членство во ЕУ. Ова е заедничката оценка на претседателите на Република Македонија и Република Хрватска, Ѓорге Иванов и Колинда Грабар-Китаровиќ, дадена по нивната средба во Скопје.
Според претседателот Иванов, за поздравување е конструктивниот став на Република Хрватска дека билатералните спорови не треба да бидат пречка кон евро-атлантскиот пат. „Во нашиот регион постои позитивно искуство на паралелно движење на преговарањето и наоѓање заедничко решение за отворено прашање. Тоа е примерот меѓу Република Хрватска и Република Словенија, кој може да се примени во случајот со Република Македонија“, истакна македонскиот претседател.
Иванов истакна дека на средбата со хрватскиот претседател, г-ѓа Грабар-Китаровиќ, беа разменети мислења за можностите за соработка и во други сфери од заеднички интерес. Двајцата соговорници се согласија дека има неискористен потенцијал за продлабочување на економската соработка меѓу двете држави и оти треба да се работи на нивно унапредување.
„Заедничка цел е Република Хрватска во следните години да биде меѓу петте најголеми трговски партнери на Република Македонија преку заемен и конкретен придонес“, рече Иванов потенцирајќи и дека значаен аспект во пријателските односи меѓу двете земји се македонската заедница во Република Хрватска и хрватската заедница во Република Македонија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Одѕивот до 15 часот е 35,89 отсто, најмалку гласале во Центар Жупа, а најмногу во Новаци
До 15 часот до Државната изборна комисија пристигнати се податоци за излезеност на гласачите од 2110 избирачки места.
Од вкупно запишани 1.092 341 гласачи на овие избирачки места, гласале 392 066 односно 35,89 проценти.
Според податоците за излезеност кои што се пристигнати досега, најголема излезенот е забележана во Новаци со 57,69% додека најмала е излезеноста во Центар Жупа, 13,11%.
Гласањето досега се одвива мирно на сите избирачки места.
До овој момент до ДИК се доставени вкупно 233 приговори за заштита на личното избирачко право. Од нив 38 приговори се усвоени и на избирачите им е овозможено да го остварат своето право на глас, 21 приговори се отфрлени како неуредни а 22 приговори се одбиени. Останатите приговори се во обработка.
На страната rezultati.sec.mk може да се следи во живо излезноста на гласачите, вкупна и по општини.
Македонија
ЕУ ќе му даде на Западен Балкан помош од две милијарди евра до 2027 година
ЕУ ќе додели две милијарди eвра грантови и четири милијарди поволни заеми за Западен Балкан од 2024 до 2027 година како дел од Инструментот за реформи и раст за Западен Балкан откога беше одобрен од Европскиот парламент на денешната пленарна седница.
„Инструментот е централен дел од планот за раст за Западен Балкан“, рече коизвестувачот Тонино Пицула на пленарната седница.
Станува збор за финансирање на шесте земји од Западен Балкан на нивниот пат кон Европската Унија. Во ноември минатата година Европската комисија го претстави Инструментот за реформи и раст за Западен Балкан за периодот од 2024 до 2027 година, кој ќе вклучува две милијарди евра грантови и четири милијарди поволни заеми.
Известувачи во име на Европскиот парламент беа хрватските европратеници Тонино Пицула и Карло Реслер.
Пицула беше коизвестувач на ЕП пред Комитетот за надворешни работи (АФЕТ), а Реслер беше коизвестувач пред Комитетот за буџет (БУДГ).
Реслер за новинската агенција „Хина“ изјави дека тоа е инструмент споредлив со националните планови за закрепнување и отпорност, но за шест земји во Југоисточна Европа надвор од ЕУ. Тој посочи дека исплатата на средствата е поврзана со конкретни реформски активности.
Реслер апострофира дека ќе се води сметка за усогласување на надворешната и безбедносната политика и визната политика со ЕУ.
Црна Гора и Србија со години преговараат со ЕУ, Албанија официјално ги отвори пред две години, а Македонија само делумно, со оглед на тоа што за целосен почеток на преговорите неопходни се уставни измени за внесување на Бугарите во Уставот. Лидерите на земјите членки на ЕУ во март донесоа одлука да ги отворат пристапните преговори со Босна и Херцеговина. Брисел сè уште го смета Косово за потенцијален кандидат.
Македонија
Бојмацалиев: МВР работи исклучиво по закон за фер, слободни и демократски избори
Дополнителниот заменик министер за внатрешни работи Митко Бојмацалиев, заедно со директорот на Бирото за јавна безбедност Сашо Тасевски и државната секретарка Магдалена Несторовска го посетија Оперативниот Штаб во МВР во рамки на ОА „Претседателски и парламентарни избори 2024”, на кој присуствуваа и претставници на Амбасадата на Соединетите Американски Држави, ОБСЕ и ОДИХР.
Во оваа прилика Бојмацалиев ги поздрави гостите од САД, ОБСЕ и ОДИХР и уште еднаш потенцираше дека на колегите во Оперативниот Штаб им посочил да се работи исклучиво согласно законските норми и прописи, а со цел гарантирање на безбедноста на фер, слободни и демократски избори, впрочем како што се работело и досега од 2017 година навака, без забелешки за изборниот процес.
Притоа, Бојмацалиев беше брифиран за текот на изборниот процес, за активностите и мерките кои ги презема МВР во делокругот на своите надлежности.
„Бев информиран дека гласањето не беше започнато на неколку места во предвиденото вре,е, а на неколку е почнато со задоцнување или прекинато, на различни подрачја, сите поради технички проблем со читачот на отпечаток на прст. На подрачје на СВР Скопје во врска со пријава за испукана димна бомба, од страна на тим на антитероризам извршена е проверка, подигната е направата и објектот е предаден на Претседателот на Избирачки одбор. На подрачје на СВР Куманово регистрирани се два настани и тоа пријава за организирано носење на гласање на стари лица и поставен штаб во близина на гласачко место. За време на предизборниот молк, во периодот од 06,00 до 07,00 часот, регистрирани се три настани на подрачје на СВР Скопје за испишани графити”, информираше Бојмацалиев.