Македонија
(Видео) Ковачевски – Вархељ: Почетокот на преговорите за Македонија не смее да чека ни ден повеќе
Како дел од работната агенда за учество на инвестицискиот самит на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) во Лондон, претседателот на Владата, Димитар Ковачевски, се сретна со еврокомесарот за проширување и соседска политика на ЕУ, Оливер Вархељ.
На средбата, на која присуствуваа и вицепремиерот Фатмир Битиќи и министерот Фатмир Бесими, премиерот Ковачевски и комесарот Вархељ се согласија дека се создадени услови за забрзување на процесот на наоѓање решенија на релација Скопје – Софија. Европската интеграција на Северна Македонија не смее да се одлага ниту ден повеќе и затоа неопходно е да се искористат француското претседателство и поволниот амбиент што постои во моментот за изнаоѓање решенија, нагласија двајцата соговорници.
На средбата беше истакнато дека Западен Балкан е европски регион и дека интеграцијата на земјите од овој регион подразбира и нивно членство во Европската Унија.
На економски план, премиерот Ковачевски ја истакна одличната соработка со ЕБОР, која со поддршката на големите инфраструктурни проекти го следи развојот на Северна Македонија и учествува во забрзувањето на процесите за постигнување на европските стандарди како една од главните цели на политиките на финансиските институции на ЕУ.
Премиерот Ковачевски на средбата нагласи дека во контекст на новите глобални предизвици со кои се соочува светот, Владата на Северна Македонија внимателно ја следи и ги презема сите активности за да се одржи постојната поддршка на странските и домашните инвестиции, како и да се елиминираат потенцијалните негативни ефекти врз економска активност во земјата.
Во однос на утврдувањето и развојот на стратешките инвестиции на полето на енергетската транзиција во државата и решавање на предизвиците од енергетската криза, еврокомесарот Вархељ најави соодветна поддршка за Северна Македонија преку европските институции.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Таравари од централниот митинг во Струга: Зголемување на минималната плата до 800 евра за борба против имиграцијата
Кандидатот за претседател од редовите на ВЛЕН, Арбен Таравари, ја изрази својата заложба за борба против имиграцијата преку зголемување на минималната плата во нашата земја. Во рамките на идната влада се планира зголемување на платите и до 800 евра, со што ќе се создадат нови можности младите мажи и жени да останат и да придонесат за развојот на државата.
Преку грантови за технологија и иновации, Таравари рече дека владата има за цел да ги поддржи нивните креативни идеи, фокусирајќи се на развојот на земјата како атрактивна алтернатива за младите.
„Иселувањето кај нас е над секоја норма, бројките се алармантни. Не можеме да останеме рамнодушни на оваа ситуација. Така како следна влада на ВЛЕН ќе донесеме одлука за покачување на платите. Ќе се заложиме минималната плата до крајот на нашиот прв владејачки мандат да биде 800 евра. Преку грантови за технологија и иновации, ќе ги поддржиме младите мажи и жени со нивните креативни идеи, кои првенствено служат за нашиот развој како држава. Ова ќе биде дополнителна причина да ја гледаат иднината овде со нас, недалеку од нивните домови, недалеку од нивниот роден град“, рече Арбен Таравари на централниот митинг во Струга.
Македонија
(Видео) Силјановска -Давкова: На 9 мај ќе го славиме Денот на победата над фашизмот и Денот на Европа, но ќе славиме и за Македонија
„На 9-ти мај ќе го прославуваме Денот на победата над фашизмот и Денот на Европа! На 9-ти мај, ќе ја славиме Македонија како твоја и Македонија како горда! Ви ветуваме дека ќе докажеме дека нема да ве срамиме, дека нема да ги заборавиме државните и нациолнални интереси, кои тие не само што ги заборавија, туку и ги погазија! Молам за доверба!“, рече Горданa Силјановска -Давкова, кандидат за претседател на Македонија.
„Верувајте ми, има моменти во историјата! А таков е овој, кога мора да сме заедно! Кога како никогаш досега, потребна ни е вашата поддршка! Без вас не може да направиме единство! Без вас Македонија не може да биде ниту твоја, ниту горда! Без вас не може да дојдеме до победа! Вие го имате првиот и последниот збор! Ви веруваме!
Денес е Денот на светското културно наследство. Охрид е незаменлив и ценет, драгоцен дел од него. Охрид е споменик и дом на европското христијанство! Да го чуваме! Не заборавајте: Без Охрид, Македонија нема да биде почитувана!
Час поскоро, активирајте го универизтетот на Плаошник! Оваа власт не знае што е култура, за неа културата е бизнис. Ако започна изградбата во времето на ВМРО-ДПМНЕ, мора да доврши.
Во насока на јакнење на културниот туризам ќе покренам организирање на меѓународен форум – Плаошник форум, на кој ќе се дискутира соработката на цивилизациите, религиите и културите. Сето ова во соработка со УНЕСКО и Министерството за култура! Упатувам порака дека: Плаошник може да биде центар на дијалог на цивилизациите! Дијалог на религиите! Центар на културен дијалог! Затоа сум горда на него!“, додаде Горданa Силјановска -Давкова.
Македонија
Мицкоски: Повикувам на обезбедување на македонско национално единство, обзнанувам мораториум и запирање на сите напади кон партиите Левица и ЗНАМ
Нашето име е ВМРО-ДПМНЕ, ВМРО – демократска партија за македонско национално единство. Тоа е многу силно име, кое не само заради историското ВМРО и континуитетот на кој се повикуваме како идеја и организација која ја славиме и која е нераскинлив дел од македонското национално движење и можеби најзначајна за македонскиот национален идентитет, туку истовремено и поради обврската и одговорноста која и вториот дел од името ја носи со себе, рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски од големиот народен митинг во Охрид, од каде што традиционално ВМРО-ДПМНЕ ја почнува кампањата за парламентарните избори.
Мицкоски посочи дека долго време таа обврска и одговорност како да се одбегнуваше, а понекогаш и се занемаруваше и никогаш како сега не било важно како сега да се случи обединување, да се обезбеди национално единство.
„Мојата прва иницијатива за обезбедување на македонско национално единство ќе ја започнам со тоа што сакам да обзнанам мораториум во нападите кон партиите Левица и ЗНАМ. Ова го чувствувам како потреба на македонскиот народ но, и како моја обврска да се обидам да ја реализирам идејата за национално единство во моменти кога таа и е најпотребна на Македонија“, рече Мицкоски.
Додаде дека со Левица и ЗНАМ, ВМРО-ДПМНЕ има свои разлики по повеќе прашања и од идеолошка но и од принципиелна природа, но смета дека во моментов, најважно за Македонија е да се фокусираат на оние кои што ја киднапираа државата од граѓаните.
„Но, ценам дека во моментов најклучно за иднината на земјата е да се фокусираме на оние кои ја киднапираа Македонија од рацете на граѓаните. Разидувањата сигурно ќе продолжат, но мора да наоѓаме заеднички јазик без разлика на лични и партиски суети и интереси. Од нив не очекувам да го направат истото. Дури можеби и ќе ме нападнат за овој гест, можеби некои оправдано ќе кажат дека задоцнет, но и покрај тоа, како и да се однесуваат споменатите партии, ние како партија ќе опстоиме на нашиот збор“, порача Мицкоски.