Македонија
(Видео) Ковачки: Дали пратката од еден тон наркотици била придружувана со царински возила?
Целосен молк од страна на надлежните институции за скандалот што вчера го објавивме за шверц на еден тон наркотични супстанции преку скопскиот аеродром. Молчи Јавното обвинителство, молчат Оливер Спасовски и МВР, молчи и Царината, преку која била пропуштена дрогата на аеродромот. Нема одговори за скандалот како тоа пратка од 1 тон дрога ги поминала сите безбедносни и царински мерки и незабележливо била пропуштена да излезе од скопскиот аеродром, рече Драган Ковачки, пратеник и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, на прес-конференција.
„Нема одговори дали на царинските службеници усно или писмено им било наредено да не ја проверуваат пратката на скопската компанија за мобилна галантерија, која пристигнала од Дубаи. Исто така, јавноста не доби одговори дали царинските работници под присила ги смениле своите изјави за непостапувањето за оваа пратка, со која во Македонија се внесе 1 тон дрога“, додаде Ковачки.
Но, овој скандал, како што нагласи, не завршува со самото пропуштање на дрогата да влезе на територијата на Македонија.
„Ќе ги прашаме надлежните институции за овој случај уште неколку скандалозни постапки од стана на засегнатите институции.
Дали истиот ден откако пратката била пропуштена да излезе од скопскиот аеродром, таа била товарена во превозни средства и била придружувана со царинска придружба со ротациски светла? Повторувам, придружувана од царински службеници со ротациски светла. Дали пратката на влез во Скопје била запрена од страна полицијата и при контрола и претрес е констатирано дека пратката не соодејствува со содржината што била внесена на товарниот лист и царинската декларација, при што таа е запленета? Дали полицијата при претресот запленила и два мобилни телефонски уреда на македонски царински службеници и дали врз нив се извршени понатамошните истражни дејства, кои би можеле да укажат во учество во сторување одредени кривично-правни дејства, кои се поврзани со сомнителниот нелегален увоз на стоки и материјали?“, праша Ковачки.
Смета дека надлежните институции треба да одговорат за инволвираноста на раководните структури во МВР и Царината, како и на царинските работници, како и на полициските службеници, кои, како што додаде, не спречиле голем шверц на дрога да влезе во Македонија преку скопскиот аеродром.
Го повика Јавното обвинителство веднаш да постапи по овој случај.
„Не смееме да дозволиме и овој случај да биде уште еден од редицата нерасчистени криминални случаи, кој се поврзани со кланот на власт – СДСМ и ДУИ“, истакна Ковачки.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Маричиќ: Имаме план за зелена Македонија во која граѓаните ќе станат акционери на енергетските компании
Секретарот за меѓународна соработка на СДСМ Бојан Маричиќ денес во изјавата за медиуми се обврза дека СДСМ и Коалицијата за европска иднина нема да се откажат од стремежот за енергетска независност и од зелена енергија.
Во своето обраќање посочи дека е време да се сопре со фосилните технологии.
Изјави дека постоечките енергетски капацитети на фосилни горива да ги трансформираме во соларни електрани кои произведуваат зелена енергија.
„Тој процес го продолжуваме со голема новина: Државните енергетски компании ги даваме во рацете на граѓаните! Граѓаните стануваат акционери во енергетските компании. Висок процент од вкупниот број издадени акции во државните енергетски компании ќе се поделат еднакво на граѓаните. Секој граѓанин, вклучително и децата, ќе добие по најмалку 8.000 денари од вредноста на енергетските компании или 500 евра за едно четиричлено семејство.
Нашиот план е производството на енергија да се зголеми за најмалку 70% за да ги задоволиме домашните потреби за струја. Во наредните четири години за 100% да се зголемат капацитете со обновливи извори на енергија да достигне 60% од вкупната потрошувачка во државата.“
Маричиќ во својата изјава потврди дека целта и програмата на СДСМ е иста со онаа на Европската Унија и Европскиот зелен договор кој предвидува нула штетни гасови од фосилни горива до 2050 година.
„Нашата визија е зелена Македонија како здрава животна средина за граѓаните. Чиста вода за пиење во секое населено место, одржливо управување со отпад и расчистување на дивите депонии. Пречистување на отпадните води за здрава почва за здрава храна.“
Македонија
Со полициски хеликоптер пренесен македонски државјанин од Унгарија до Скопје
Денеска (20.04.2024) по добиено барање од ЦУК, со полициски хеликоптер Бел-412 од Одделот за воздухопловни единици, од Сегедин, Унгарија до Скопје е пренесен македонски државјанин кој доживеал мозочен удар на 18 април за време на службен пат во Унгарија. Тој е пренесен на скопскиот клинички центар „Мајка Тереза“.
Oва е втор пат да се извршува ваков вид воздухопловен транспорт од Сегедин до Скопје со хеликоптер на Министерството за внатрешни работи, откако и на 11 април беше успешно реализирана ваква акција.
Македонија
Мицкоски: ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата ќе направат трансформација во Македонија, со „Платформа 1198“ ќе се решат проблемите на граѓаните
„Во очите на граѓаните има една желба да што побргу заврши сето ова кое што се случуваше шест и половина години. И да имаме еден почеток кој што ќе не води кон една иднина која што сите некако како да ја чекаат изминативе три децении, а никако да дојде“, истакна претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски од митингот во Македонска Каменица.
„Можам да ви кажам од мое име, од името на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата дека како никогаш порано како генерација политичари сме одлучни да направиме трансформација во Македонија. Трансформација со која што многу од работите кои што денеска се погрешни и создаваат фрустрација, на моменти лоша емоција кај некого, или пак не враќаат назад во времето ќе исчезнат, ќе се врати надежта, ќе се врати оптимизмот“, рече Мицкоски.
Мицкоски додаде дека ВМРО-ДПМНЕ и Гордана Силјановска Давкова ќе победат на 24-ти април, а на осми мај ќе се потврди победата со историски печат.
„Мора победата да биде изразена со мнозинство во Парламентот. Тоа значи дека мора да имаме 61 пратеник за да можеме сето ова кое што јас го зборувам сега да го спроведеме и реализираме. Ние не сме чудотворци, чудата се невозможни, секој оној кој што ветува чуда не ја говори вистината. Ние само сакаме да ја пренесеме вистината онаа која што ние ја чувствуваме, да ја слушнеме вистината која што е поврзана со секојдневието, со реалноста и врз основа на можностите сето тоа да го реализираме во следниот период“, појасни тој.
Тој посочи дека ВМРО-ДПМНЕ преку трибините кои што ги организираше во изминатиот период ја слушна вистината од граѓаните и нивните потреби. И огромен дел од тие потреби се содржани во изборната програма „Платформа 1198“.
„Бројка која што симболички сака да прикаже 1198 проекти, политики кои што во годините кои што следат ќе значат трансформација на Македонија“, укажа Мицкоски.
Мицкоски ги замоли граѓаните да излезат во помасовен број на избори за да се победи оваа актуелна власт која што Македонија ја уништи на секое можно поле.
„Пред шест и половина, седум години оние т.н. шарени, обоени револуционери низ Македонија ветуваа ќе донеле живот, потоа ветуваа дека ќе донесат едно општество за сите, но за жал ако се присетиме на тоа што го ветија и тоа што го реализираа тогаш ќе дојдеме до еден заклучок дека од тоа што ветија ништо не реализираа, а реализираа тоа што не ветија. Односно тоа што го ветуваа не го реализираа тоа што беше добро, а реализираа погрешно а тоа не го ветуваа“, потсети Мицкоски.
Затоа претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски ги повика граѓаните на избори да го заокружат бројот 2, време е за подобра иднина на Македонија, време е за Македонија повторно твоја.