Македонија
(Видео) Костадиновски: СДСМ во Јегуновце не ги обезбеди ни основните работи, како чиста вода за пиење
Актуелната локална власт предводена од СДСМ не успеа да ги обезбеди најосновните потреби и услови за нормален живот, како што се чиста и здрава вода за пиење, фекални канализации и чиста животна средина. Немаше транспарентност и отчетност во работата. На локалните избори во 2017-та година ветуваа „Живот во Јегуновце “, но живот во Јегуновце за жал, има само за нив и за дел од нивните семејства и сопартијци, истакна на прес конференцијата, Димитар Костадиновски од ВМРО-ДПМНЕ.
Сведоци сме, рече тој, дека во изминативе речиси четири години единствена константа во нивното работење се партиските вработувања.
„Најпрво на чело на институциите во општината поставија кадри кои во најголемиот дел се одликуваат со неспособност и некадарност, но истите покажаа исклучителна способност во вршењето мобинг и притисоци врз вработените лица“, кажа Костадиновски.
Според Костадиновски, градоначалникот на СДСМ, како што кажа е само локален шериф и наместо идеи и решенија нуди магла.
„Нашата општина Јегуновце е соочена со многубројни тешки предизвици коишто се закануваат да ја ослабнат нејзината економска состојба: Последиците од пандемијата со Ковид-19, невработеноста, неконтролираното и масовно иселување на младото население, изумирањето на локалната економија итн. Јегуновце се сака со конкретни дела, а не само со празни флоскули за попросперитетна иднина“, додаде Костадиновски.
Потенцира дека ВМРО-ДПМНЕ ќе понуди и сериозна Програма за вистинско решавање на проблемите и за просперитет и развој на општина Јегуновце.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Македонија денеска избира претседател: пет имиња се на гласачкото ливче
Во Северна Македонија ќе се одржат седмите претседателски избори, а до затворање на избирачките места во 19 часот, на сила е изборен молк.
Евентуалниот втор круг од претседателските избори е закажан за 8 мај, за кога се закажани парламентарните избори.
На претседателските избори учествуваат седум кандидати – пет мажи и две жени.
Кандидати се актуелниот претседател Стево Пендаровски кој е поддржан од СДСМ и коалицијата, Гордана Силјановска Давкова од ВМРО-ДПМНЕ, Билјана Ванковска која е поддржана од Левица, Максим Димитриевски од движењето Знам, Стевчо Јакимовски од партијата Гром, Арбен Таравари од коалицијата Вреди и Бујар Османи кој е поддржан од Европскиот фронт.
Владата го прогласи денот на изборите за неработен.
Во избирачкиот список за претседателските избори се запишани 1.814.317 избирачи, а во странство ќе гласаат 2.569 гласачи со државјанство на Северна Македонија.
Во посебен избирачки список запишани се 2.147 лица кои издржуваат затворска казна или притвор.
Скопје
ЈСП: Јавниот превоз по неделен возен ред, жичницата на Водно нема да работи
Јавното сообраќајно претпријатие Скопје соопшти дека јавниот превоз ќе функционира по неделен возен ред, а жичницата на Водно нема да работи.
Како што се појаснува во соопштението, дежурни од седум до 14 часот ќе бидат билетарниците на Транспортен центар и таа во Ѓорче Петров.
Македонија
Променливо облачно и потопло со сончеви периоди
Времето денеска ќе биде променливо облачно и потопло со сончеви периоди. Кон крајот на денот ќе има локален слаб дожд, краткотрајно пороен, проследен со појава на ретки грмежи. Ќе дува умерен, а во западните делови повремено засилен ветер од југозападен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 4 до 10, а максималната ќе достигне од 16 до 24 степени.
Во Скопје променливо облачно и потопло со сончеви периоди. Во делови од котлината ќе има услови за појава на краткотраен пороен дожд со ретки грмежи. Ќе дува слаб до умерен променлив ветер. Минималната температура ќе се спушти до 6, а максималната ќе достигне до 22 степена.
Во четврток ќе се задржи променливо облачно време со повремени врнежи од дожд. Локално врнежите ќе бидат поројни, проследени со појава на грмежи, а на повисоките планини ќе преминуваат во повремен слаб снег. Од петок следува период на претежно стабилно и потопло време.