Македонија
(Видео) Костадинов: Односите со Бугарија ги градиме во духот на договорот за добрососедство
Македонскиот јазик e признат од целиот свет, односите со Бугарија ги градиме во духот на договорот за добрососедство, изјави портпаролот на СДСМ, Костадин Костадинов, на прашање какви се реакциите на СДСМ во однос на меморандумот за кој вчера слушна јавноста од страна на официјална Софија, кој е испратен до другите земји членки на ЕУ и дали тоа ќе ги наруши меѓусоседските односи и договорот кој е потпишан.
„Како сериозни политичари, особено и како сериозна партија, секогаш сме давале шанса по пат на дијалог, по пат на обемни разговори, да ги затвораме сите крупни прашања што ги тиштат граѓаните на нашата држава, но и граѓаните на државите со кои сме имале претходни тешки спорови. Она што е најважно дека еве и јас од овде сум Македонец, јас од овде зборувам македонски јазик, вие поставувате прашања на македонски јазик и секако и најважно согласно договорите, признаени од целиот свет“, рече Костадинов.
Тој рече дека е убеден оти камен на сопнување во нашиот интегративен пат кон ЕУ нема да бидат билатерални спорови во случајов со Република Бугарија.
Во меморандумот Софија нагласува дека земјите кандидати не треба да внесуваат отворени спорови во ЕУ и смета дека несогласувањата со Скопје претставуваат нерешен конфликт кој би можел при зачленувањето на Северна Македонија негативно да влијае врз носењето одлуки во ЕУ.
Софија оценува дека главните отворени прашања помеѓу неа и Скопје се јазикот, заедничката историја и малцинските прашања.
Што се однесува до јазикот, Софија го користи македонскиот јазик под наводници и смета дека до 2 август 1944 не постоел ниту македонски јазик ниту македонски етнички идентитет и дека тие се создадени со цел да се поделат и одвојат народите во Социјалистичка Република Македонија и Бугарија. Софија смета дека македонскиот јазик е регионален дијалект на бугарскиот.
Во меморандумот Софија бара во ЕУ-документите да стои „официјалниот јазик на Република Северна Македонија“ или во случај на апсолутна потреба „македонски јазик со фуснота“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Пендаровски од Шуто Оризари: Македонија ќе оди напред само ако подеднакво ги вреднува сите етнички заедници
Претседателскиот кандидат Стево Пендаровски вечерва од Шуто Оризари порача дека Македонија, како мултиетничка земја, може да просперира и да оди напред само ако подеднакво ги вреднува сите етнички заедници.
„Ромите за мене се еднакви како и сите останати граѓани. Јас не ги разликувам луѓето по нивната верска или етничка припадност. Кај мене можел да дојде секој што ќе посака, без разлика дали е Македонец, Албанец, Турчин или Ром, дури и ако не гласал за мене,“ истакна Пендаровски и додаде дека во нашата земја има врвни интелектуалци Роми кои придонесуваат за развој на нашата заедничка татковина.
Во насока на афирмација и поголема видливост на Ромите во општеството Пендаровски посочи дека во рамки на неговиот тим како претседател има советничка која ги адресира проблемите и предизвиците на Ромите.
„Секогаш кога некој бара помош од мене, помагам во рамки на моите надлежности, но и надвор од нив. Се јавувам кај пријатели, пратеници, доктори. Мора да бидеме солидарни и да им помагаме на послабите, на маргинализираните”, заклучи Пендаровски.
Македонија
Мицкоски: Државата е украдена од народот од страна на ДУИ и нивните измеќари СДС
Многу е важно да споменеме што ни се случуваше изминативе 6 и половина години, грабеж, понижување, срам и да не дозволиме никогаш повеќе да се повторат. Ветуваа дека ќе донеле правда и мир, а ниту правда ниту мир донесоа, никогаш полошо не се живеело криминалци царуваат со градовите, а оние кои треба да се одговорни за правдата и мирот се најверни коалициони партнери на криминалците, изјави претседателот од ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на митингот во Кратово.
Мицкоски нагласи дека законите не важат за сите подеднакво, државата му е украдена на народот и со неа управува мала тесна клика на власта која континуирано ја понижува, ограбува и срами Македонија, како и дека има цикличен артаноиден режим во Македонија.
– Шансата за сето ова да се промени ја имаме на 24 април да излеземе да го заокружиме бројот 2 да ја поддржиме идната претседателка Гордана Силјановска Давкова а потоа уште помасовно на 8 мај, Македонија не само горда, да ја направиме и повторно твоја, рече Мицкоски.
Тој нагласи дека оваа власт ветуваше подобар живот и за земјоделците, за пензионерите, учениците, за здравството, но наместо тоа гледаме да нема загарантиран откуп за земјоделците, да нема учебници за учениците, пензионерите да протестираат за пензии, а во здравството видовме како се запали модуларната и луѓе загинаа, а бевме во првите 5 држави по смртност во корона пандемијата.
Мицкоски се осврна и на ДУИ за кои рече дека ги напаѓа затоа што се криминалци.
„Тие ме нарекуваат анти Албанец, не јас сум анти ДУИ криминалците. Ќе зборувам против принципот на владеење „како до сега“ како му рече Ахмети на Ковачевски. Ќе бидам против системот на владеење каде момчиња кои само што се од фамилијата Ахмети купуваат милионски имоти во центрите на градовите, тие кои се дел од тоа семејство и сватови имаат возен парк од неколку милиони евра, а народот нема леб да јаде“, нагласи Мицкоски.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ посочи дека по 8 мај владата на коалицијата Твоја Македонија предводена од ВМРО-ДПМНЕ има задача сите кои ја ограбија и понижија Македонија да ги прати во затвор, доста беше од овие стотина разбојници кои ја уништија Македонија.
Говорејќи за Пендаровски, Мицкоски потсети како Пендаровски едно зборува наутро, друго на пладне, а навечер ги демантира двете, како и дека во меѓувреме ќе кажува дека Гоце Делчев бил Бугарин, дека ако не бил претседател ќе се селел од Македонија, ќе навредува дама како професорката Гордана Силјановска Давкова.
„Од друга страна имаме титан како професорката Силјановска Давкова која изминативе години ги бранеше македонските национални интереси, заслужува поддршка и историска победа на овие избори. Таа застана заедно со нас во првите редови одлучи за да се бори за Македонија за својот народ, за сите нас за достоинствена просперитетна држава со можности и шанса за секого“, истакна Мицкоски.
Тој повика „сите масовно да се обединиме на 24 април да му помогнеме на Пендаровски да ги пакува куферите, да гласаме за Гордана Силјановска Давкова, а потоа на 8 мај да ја направиме Македонија и повторно горда и повторно горда и да стигнеме до 61 пратеник, да ја ослободиме Македонија од овие стотина разбојници од ДУИ и нивните измеќари од СДСМ“.
Македонија
Таравари: Ќе се погрижам од Уставот да се елиминира навредливата дефиниција на албанскиот јазик
Кандидатот за претседател од редовите на ВЛЕН, Арбен Таравари, во едно од своите ветувања на политичката платформа, јасно наведува дека ќе се погрижи навредливата дефиниција на албанскиот јазик како „друг јазик што го зборуваат најмалку 20 %од граѓани“ да се елиминира од Уставот.
„Ќе се погрижам од Уставот да се елиминира навредливата дефиниција на албанскиот јазик како „друг јазик што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните„ и албанскиот јазик, во неговото писмо, да биде службен јазик на целата територија на државата на еднакво ниво со македонскиот јазик“.