Македонија
(Видео) Костадинов: СДСМ нема да организира митинзи
СДСМ нема да организира митинзи во текот на оваа кампања, секако почитувајќи ги препораките на здравствените власти, одговори портпаролот на партијата, Костадин Костадинов, на прашање како би се одвивала кампањата доколку има избори.
„Во делот на тоа како би ја воделе кампањата, како би ги претставувале нашите кандидати, секако, и програмата, фокус ќе биде ставен на медиумското претставување преку онлајн-видеонастани и, секако, имаме разни видови дигитална комуникација. Единствено нешто на што може да сметаме и да размислуваме во периодот е организирање мали средби, секако во согласност со протоколите и со максимално почитување на препораките на здравствените власти“, рече тој.
Костадинов повтори дека ставот на СДСМ е оти избори треба да се одржат веднаш, односно во првиот можен рок, веднаш кога ќе спласне здравствената криза предизвикана од коронавирусот.
„Знаете дека тоа, пред сè, треба да го направиме и од здравствен аспект во однос на заштита на здравјето на граѓаните, но и од економски аспект секако, и тука ќе додадам во однос на демократизацијата на нашата држава. Какво било одложување на изборите за спас на политичката кариера на пропаднати спортисти, пропаднати политичари, какви што сами се нарекуваат, е неодговорно. Јас очекувам дека избори ќе има по завршувањето на вонредната состојба, по спласнувањето на кризата и дека навистина нема да имаме потреба да размислуваме на други опции, а секако треба да ги разгледаме сите можности што се на располагање“, рече Костадинов.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
УЈП: До 26 април продолжен рокот за поднесување на ДДВ-04 пријавите
Управата за јавни приходи информира дека пропишаниот рок за поднесување на Пријавите за данокот на додадена вредност “ДДВ–04“ кој истекува на 25.04.2024 година, се продолжува за еден ден.
Според соопштението од УЈП, краен рок за поднесување на пријавите ДДВ -04, ќе се смета 26.04.2024 година, имајќи ја во предвид владината одлука со која 24.04.2024 година -среда, се прогласува за неработен ден за сите граѓани.
Македонија
Гласањето на затворениците и болните се одвива без проблеми, велат од ДИК
Денес, 2.569 гласачи своето право на глас ќе може да го остварат во 31 гласачко место во ДКП, каде што се пријавиле да гласаат, а чии пријави се прифатени од страна на Државната изборна комисија.
На гласачките места во 14 казнено-поправни установи своето гласачко право денеска ќе може да го остварат 2.147 гласачи. Сите гласачки места во казнено-поправните установи се отворени утрово во 7 часот и гласањето таму ќе трае до 19 часот.
До овој момент гласањето тече без проблеми. Во текот на денешниот ден своето гласачко право во единствениот центар за внатрешно раселени лица ќе може да го остварат и двајца гласачи, кои се водат како внатрешно раселени.
Во текот на денешниот ден избирачките одбори во Република Северна Македонија ќе го спроведат гласањето на лица што се болни или немоќни, а до општинските изборни комисии доставиле известувања со соодветна документација. Во своите домови гласачкото право ќе го остварат 6.935 граѓани, кои се пријавиле како болни или немоќни.
Денес, 534 гласачи, кои се сместени во 20 центри за вонсемејна грижа, ќе имаат можност да го остварат своето право на глас во центарот во кој се сместени. Постои изразен интерес и за набљудување на овие избори од страна на домашни, странски и меѓународни организации и медиуми. Државната изборна комисија досега им издаде акредитации за набљудување на 342 домашни, 517 странски и меѓународни набљудувачи, 51 преведувач и 32 странски новинари. На сите граѓани на располагање им се и интернет-страницата на ДИК, www.sec.mk, како и страниците на социјалните мрежи „Фејсбук“, X, „Инстаграм“, како и каналот на „Јутјуб“, каде што ќе може да најдат правовремени и точни информации поврзани со изборите.
Со право на глас на овие избори во Избирачкиот список се запишани вкупно 1.814.317 гласачи.
Македонија
Инспекторатот ќе контролира дали работодавците ја почитуваат владината одлука за неработен ден
Државниот пазарен инспекторат им укажува на сите работодавци дека во согласност со заклучокот на техничката Влада деновите на изборите – 24 април 2024 година (среда) и 8 мај 2024 година (среда) – се неработни за сите граѓани.
„Работодавците во наведените денови не треба да извршуваат дејност со исклучок на оние кај кои работните процеси поради својата природа не може да се прекинат“, порачаа од Инспекторатот.
За наведените денови, Државниот пазарен инспекторат ќе воведе дежурства и преку државните пазарни инспектори ќе контролира дали заклучокот на техничката Влада се почитува од страна на работодавците.