Македонија
(Видео) Мајката на убиениот Пино: Убијците никогаш не смеат да излезат од затвор
Маја Трпковска, мајката на убиеното 22-годишно момче Пинета Секондо, побара доживотен затвор за убијците. Таа денес беше на распит во Обвнителството, кој бил прекинат поради тоа што не можела повеќе да издржи да зборува за убиството. Распитот ќе продолжи кога ќе стивнат емоциите. По распитот, мајката Трпковска со растреперени раце и на работ на солзи изјави дека е задоволна од начинот на кој е решено убиството на нејзиниот син и потсети дека таа од почетокот на полицијата ѝ укажувала дека второосомничената Ангела Ѓеоргиевска е сомнителна.
„Испрашајте ја Ангела, таа е последна што го видела, им велев, тоа е прва работа. Втора работа, не знам кои лоши работи да ги кажам за секторот за исчезнати лица и потраги. Според мене, не треба ни да постојат. Како може луѓето од одделот за крвни деликти за неколку дена сè да откријат. И телефоните, им реков, видете ги, откријте ги локациите, споредете. Тие шест месеци земаа државна плата, неспособни за работа. Меѓу нив се Драган Лазарев, Слободан Наумовски, а другите да не ги спомнувам, тие се никој и ништо. Сакам да се заблагодарам од сè срце, Господ да ги благослови луѓето од одделот за крвни деликти. Професионално и човечки се однесуваа со мене, а не како тие од одделот за потраги да ми викаат: ‘жено, не замарај’. Има разлика, не треба да бидеш само полицаец, треба да си човек зашто јас шест месеци со го барам детето“, вели мајката на Пино.
Се пожали дека полицајците ѝ трескале телефони и ја блокирале за да не може да им се јавува.
„Јас не им се јавувам зашто немам друга работа, им се јавувам зашто си го барам детето. Зошто дечките од одделот за крвни деликти, од убиства, знаат да бидат љубезни и да им се јавуваат и дење и ноќе? Јас им викав: таа Ангела, Ангела, Ангела ми е сомнителна и на крајот излезе таа Ангела дека го убила моето дете со тој нејзин пријател, ни името не му го помнам. Шест месеци викам Англеа, Ангела, проверете ги телефоните со кого зборува, тие од одделот за потраги ништо не направија“, рече мајката Трпковска.
Најави дека сега ќе се бори убијците да добијат казна доживотен затвор.
„Тие не смеат да излезат никогаш од затвор кога ќе го фатат и тој другиот. Човечки ум, особено на девојка од 22 години да убие свој другар и шест месеци да си нема гајле, да си спие, да си шета, тоа не е човек, тоа е монструм. Среќа што не постои во Европа смртна казна. Да бевме во Америка, таа ќе добиеше смртна казна. Тие што се од секторот за исчезнати треба да летаат од работа, неспособни се. Кога ја ставија Ангела на полиграф, ми се јави Драган Лазаров и ми вика – тоа е мирно девојче. Еве ти го мирното девојче, ороспија што убила дете и си спиела шест месеци без гајле и си излегувала во кафулиња. Драган Лазаров треба да биде избркан од работа“, рече мајката.
Мотивот за убиството сè уште не е утврден, а не е најден ниту автомобилот на Пино, но истрагата сè уште е во тек.
Обвинителството минатата недела јави дека 22-годишната Ангела Ѓеоргиевска на 11 декември минатата година го намамила Секондо да дојде во Ѓорче Петров, каде што се сретнале и со убиецот, 27-годишниот Али Фуркан. Од таму тројцата заминале за Арачиново, каде што по вербална расправија, Фуркан со пушка го убил Секондо, а потоа заедно со Ангела телото го фрлил во дупка во близина на Љуботен и го затрупал со камења.
Од завчера Ангела Ѓеоргиевска е во притвор поради тоа што дала придонес за кривично дело со тоа што го повикала Пино, била присутна во моментот на неговото убиство и учествувала во пренесување и криење на неговото тело. Али Фуркан, кој е првоосомничен, е во бегство.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Евидентирани 12 случаи на фотографирање гласачко ливче, шест пријави за нудење поткуп и 15 пријави за агитирање, соопшти Тошковски
Според министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денешниот изборен ден поминал во безбедна, мирна и демократска атмосфера.
Како што рече, безбедните избори биле резултат на добрата соработка меѓу полицијата, Државната изборна комисија и сите други чинители кои биле вклучени во спроведувањето на изборниот процес
„Овие избори беа уште еден тест за демократијата и во таа насока сакам да им честитам на граѓаните кои излегоа на гласање и ја исполнија својата граѓанска должност и со тоа уште еднаш го истакнаа демократскиот капацитет на државата и значењето на нивната активна улога во градењето на инклузивно општество“, кажа Тошковски.
Истакна дека биле евидентирани повеќе настани кои се однесуваат на прекршување на изборниот процес.
„На ниво на целата држава евидентирани се 12 случаи на фотографирање на гласачкото ливче, два случаи на кинење на гласачко ливче, шест пријави за нудење на поткуп и 15 пријави за агитирање. На подрачје на СВР Скопје во врска со пријавата за испукана димна бомба од страна на тимот за антитероризам извршена е проверка , подигната е направата и предадена е на претседателот на избирачкиот одбор. Констатирани се шест прекршоци, а ќе бидат поднесени и две кривични пријави, една за повреда на тајност на гласањето и една за повреда на избирачко право“, потенцира Тошковски.
Во Охрид било пријавено јавно гласање пред комисијата а во Тетово биле пријавени упатени навреди кон шеф на штаб на политичка партија.
Во Куманово како што додаде, две гласачки места во село Умин Дол биле затворени а избирачкиот материјал бил вратен во канцелариите на ОИК.
Во Струмица едно лице го покажало гласачкото ливче на набљудувач.
Македонија
Одѕивот до 18.30 часот е 48,44 отсто, во Новаци на гласање излегле рекордни 71,07 отсто од гласачите
Одѕивот до 18.30 часот на седмите претседателски избори е 48,44 отсто од гласачите, според податоци од 3174 гласачки места. Претседателот на Државната изборна комисија Александар Даштевски соопшти дека гласале 801.074 граѓани.
„Според податоците за излезност кои се пристигнати досега најголемата излезност, како и досега, е забележана во Новаци од 71,07 отсто, додека најмалата излезност е во Центар Жупа од 16,90 отсто. Во текот на денот гласањето се одвиваше мирно и без поголеми инциденти на гласачките места“, рече Даштевски.
Уважени се 134 приговори и на граѓаните им е овозможено избирачкото право. На бесплатната телефонска линија 0800 555 44, која беше активна во текот на целиот ден има 10 јавувања, а преку видеоповик на телефонската линија 074 488 360 информации побарале осум лица со оштетен слух.
Гласањето ќе се продолжи онаму каде што е прекинато повеќе од еден час. Такви се едно место во Демир Хисар, едно место во Липково, едно место во Делчево и едно место во Могила.
На три места во Куманово имало прекин на гласањето подолг од три часа поради што гласањето било прекинато. Претседателот Даштевски објасни дека за овие три места во Куманово ќе има прегласување само доколку се утврди дека можат да влијаат на конечниот резултат.
Македонија
Муцунски: Овој изборен ден е почеток на крајот на оваа власт
Народот уште еднаш покажа дека знае и умее да ја процени важноста на овие избори, како крстопат кога се одлучува за правецот во кој треба да се развива нашата татковина, онаква каква што сакаме да ја видиме напредна земја со европски стандарди во правото, здравството, образованието, земјоделието и сите други области значајни за граѓаните, кажа Тимчо Муцунски, потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ.
Од аспект на изборниот процес, според него, тој поминал како што рече, генерално во фер и демократска атмосфета, со низа помали прекршувања, пред се предизвикани од партиите на власт и нивните активисти.
„Имено од досегашните податоци за нерегуларности кои ги имаме добиено од набљудувачите, забележано е вршење на притисок врз гласачи во општина Сарај, но и импровизиран штаб во непосредна близина на гласачко место во училиштето Гоце Делчев во Гостивар. Исто така забележани се случаи на семејно и колективно гласање, за кое истите лица биле предупредувани од страна на избирачките одбори и акредитираните набљудувачи.
На неколку избирачки места во втората изборна единица, поточно во Куманово, нотирани се нерегуларности од типот на нефункционалност на убиг апаратите или немање на печат. Во едно избирачко место бидејќи немале печат избирачкиот одбор добил насоки од ОИК гласањето да продолжи, па после гласањето да се стави печат. При примопредавањето на изборниот материјал не биле потпишани сите субјекти“, информира Муцунски.
За сите забелешки, како што рече како партија ќе постапат пред надлежните институции.
„Затоа што во наш, но и во интерес на Македонија е да имаме кристално чист изборен процес, процес кој според нас треба да заврши со победа на Македонија и визијата за реформи, правда.
Овој изборен ден е почеток на крајот на оваа власт и враќањето на Македонија повторно на народот, процес кој повторно Македонија ќе ја направи горда“, истакна Муцунски.