Македонија
(Видео) МВР: Значително е намален бројот на жртви во сообраќајот
Минатата 2021 година е година со најмал број на жртви во сообраќајот во последните 15 години, а податоците од првото тримесечие во 2022 година покажуваат дека и оваа година продолжува трендот на значително намалување на бројот на жртви во сообраќајните несреќи, информираше портпаролот на МВР, Тони Ангеловски.
Министерството за внатрешни работи, Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата и Факултетот за безбедност од Скопје продолжуваат со активностите со цел подигање на нивото на сообраќајна култура и на тој начин намалување на бројот на жртви во сообраќајот.
Денеска во Куманово беше организирана акција во склоп на новата кампања „И јас и ти- сите сме пешаци! Безбедноста на прво место!“.
Помошникот на министерот за односи со јавност во МВР Тони Ангеловски истакна дека ваквите превентивни акции директно влијаат на подигањето на нивото на сообраќајна култура, а на тој начин се намалува бројот на жртви во сообраќајот.
„Им благодарам на нашите партнери од РСБСП, а секако задоволство ми е што во нашите активности се придружува и Факултетот за безбедност. Безбедноста во сообраќајот е одговорност на сите нас и сите заеднички мора да го подигаме нивото на сообраќајната култура. Токму како резултат на активностите што ги спроведуваме изминатите години евидентен е трендот на опаѓање на бројот на жртви во сообраќајот кој секоја година се намалува, но, се разбира, и една жртва за нас е многу, па затоа продолжуваме интензивно да работиме за уште повеќе да ја намалиме оваа бројка. Минатата 2021 година има 116 жртви и тоа е година со најмал број на жртви во сообраќајот во последните 15 години, а податоците од првото тримесечие во 2022 година покажуваат дека и оваа година продолжува трендот на намалување на бројот на жртви во сообраќајните несреќи. Во првите три месеци од 2022 година има 18 жртви, што е за 10 помалку споредено со истиот период лани, кога имало 28. Само во месец март 2022 година имаме четири жртви, а во март 2021 имало 16, значи бројката е дури четири пати помала во март 2022“, сооопшти Ангеловски.
Според деканот на Факултетот за безбедност Никола Дујовски новата кампања на МВР, РСБСП и Факултетот за безбедност значително ќе придонесе за актуелизирање на предизвикот за безбедно учество во сообраќајот на сите учесници, особено на пешаците како ранлива категорија.
„Со задоволство ги продолжуваме активностите за промоција на сообраќајната култура и вниманието за секој учесник во сообраќајот. Како одговорни органи, свесни за потребата од спроведување на континуирани кампањи за заштита на животот и имотот на граѓаните во сообраќајот, МВР, РСБСП и Факултетот за безбедност посветено работат на пристапот кон сите учесници во сообраќајот, а во рамките на оваа кампања особено на пешаците и младите. Им благодарам на сите институции со кои покажуваме дека заедничкиот пристап е многу позначаен од посебните актувности. Им благодарам и на граѓаните кои во голем број позитивно одговараат на оваа кампања и се внимателни учесници во сообраќајот“, рече деканот Дујовски.
Ангеловски потенцира дека покрај превентивните акции, продолжуваат и засилените акциски контроли за санкционирање на оние учесници во сообраќајот што не ги почитуваат правилата.
Портпаролот на РСБСП Дејан Андоновиќ рече дека пешачењето е суштински дел од одржливата мобилност, го подобрува здравјето на луѓето и влијае на унапредувањето на животната средина, но, за жал, бројот на пешаци кои страдаат во сообраќајни незгоди секаде во светот е значително висок.
„Токму затоа организираме едукативно-превентивни активности кои ќе овозможат осигурување на безбедна средина во која и возачите и пешаците ќе се однесуваат одговорно и ќе бидат безбедни, за што неопходно е постојано да се работи на изградување на правилни сообраќајни навики и етичко однесување на сите категории учесници во сообраќајот. Затоа, на пешаците им препорачуваме: зголемете ја вашата видливост при движење ноќе, преминувајте ја улицата само на добро осветлени места. Секогаш кога е можно, преминувајте преку улица само на означен пешачки премин. Почекајте додека не поминат сите возила пред да тргнете да ја преминете улицата.Почитувајте ја сообраќајната сигнализација за пешаци, но секогаш имајте ја предвид и сигнализацијата за возачите.Избегнувајте користење електронски уреди како телефон или слушалки додека преминувате на пешачки премин, а избегнувајте и користење на алкохол или опојни средства затоа што тие можат да предизвикаат одвлекување на вниманието и да го нарушат расудувањето и координацијата“ – рече Андоновиќ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Ванковска: Мојата цел беше не да победам, туку да вознемирам една застојана елита
Кандидатот за претседател на Македонија, Билјана Ванковска упати честитка за победниците, по завршувањето на првиот круг од претседателските избори.
„Јас сум среќна за можноста што ми ја даде Левица да зборувам слободно, чесно, отворено и радикално – да понудам нешто што мнозина не беа спремни да го прифатат како опција. Народот очигледно не е подготвен за тоа. Мојата цел беше не да победам туку да вознемирам една застојана елита. Колку успеав, ќе видите наскоро. Не сакам да бидам пророчица, но новиот претседател ќе се соочи со сето она за што предупредував“, напиша Ванковска на социјалните мрежи.
Македонија
Нема да се откажеме и нема да ги наведнеме главите, порача Ковачевски
Денеска е тежок удар за европската перспектива на Македонија, но не е доцна да се смени правецот, откажувањето не е опција за нас. Нема друга опција за нас освен патот на европска интеграција, порача вечерва лидерот на СДСМ, Димитар Ковачевски.
Додаде дека е задоволен што гласањето поминало во мирна и демократска атмосфера.
„Се надевавме на подобри резулатти, но време е да ги ставиме на страна сите разлики и да се обединиме зад идејата за европска Македонија. Занм дека многу наши поддржувачи се разочарани. Но сега не е време за откажување. Имаме уште две недели, јас ќе бидам на терен секој ден со вас, и ќе работиме за да ја добиеме поддршката за европска Македонија“, рече Ковачевски.
Порача дека нема откажување.
„Ние нема да се откажеме и нема да ги наведнеме главите, ќе продолжиме да се бориме се додека не победиме“, порача лидерот на СДСМ.
Ковачевски му упати порака и на Пендаровски.
„Ова е наша заедничка борба, ќе се бориме заедно рамо до рамо, ова е најважната битка за македонската иднина. Борбата за европска Македонија продолжува и на 8 мај, во вториот круг на претседателските и парламентарните избори. Се гледаме за две недели! Да живее европска Македонија“, рече тој.
Македонија
(Видео) Мицкоски: Цунамито се крена, на 8 мај ќе ги потопи целосно, победуваме со над 170.000 разлика
Денеска народот во Македонија покажа дека си ја сака Македонија и дека секој оној кој го потценува народот прваи голема грешка, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
„Ветив дека ќе победиме со најмалку 100 илјади гласови разлика, победуваме со повеќе од 170 илјади гласови. Зборувавме дека многу работи ќе се случат не ни веруваа, не потценуваа, мислеа дека си имаат работа со мали деца. Но ние благодарение на народот покажавме и докажавме дека Македонија ја има и ќе ја има уште многу долго време. Ветував многу работи и сите работи се случија, не напаѓаа и од внатре, ни се закануваа, се обидуваа да не делат, се обидуваа да ја делат Македонија, користеа структури од минатото на ВМРО-ДПМНЕ, но ние издржавме. Ви благодарам од срце народе на Македонија. Ветував дека ќе се случи народ и денеска се случи народ. Ова е голема победа за македонскиот народ. Пораката е јасна, Македонија не се плаши и се враќа во рацете на народот. Ние заедно со вас наспроти стотина трговци од ДУИ и СДСМ се причина за целото страдање сиромаштија и криминал во Македонија. Нашата сила сте вие народот“, кажа Мицкоски.
„Резултатите кои ги постигнавме оставаат простор да бидеме задоволни, имаме огромна историска победа на многу избирачки места. Оваа власт паѓа. Ова е најдобриот резултат што ВМРО-ДПМНЕ го имала од позиција на опозиција. Над 600 илјади луѓе гласаа против власта, ова е победа на народот, цунамито се крена, а на 8 мај ќе ги потопи целосно. Имаме обврска да им ги срушиме сите идеи за калкулации и предавство. Ова е револуција на народот на Македонија. Работата не е завршена, а власта не е нималку наивна. На осми мај е потребен убедлив резултат, јасна победа врз оваа криминална и корумпирана власт“, додаде лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
Тој упати порака до оние кои излегле и гласале за власта дека нема да има освета кон било кој.
„Ги почитувам вашите уверувања, повеќе никој не смее да ве плаши. Единствено треба да се плашат тие што се огрешиле кон законите, а со тоа се огрешиле кон народот. Е тие ќе одговараат“, кажа Мицкоски