Македонија
(Видео) Милошоски: Заев да открие дали прифатил бугарската декларација да стане составен дел од преговорите со ЕУ?
Членот на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски, ги повика премиерот Зоран Заев и посредникот во спорот со Бугарија, Владо Бучковски, да обзнанат за што преговараат, како што рече, тајно во Софија.
„Сметаме дека овие преговори коишто ги водат Заев во Скопје и Бучковски во Софија далеку од очите во јавноста се на штета на македонските национални интереси и се спротивни на европските вредности. За тоа што се преговара за етногенезата на еден народ, на Македонците и за автономното настанување на континуитетот на македонскиот јазик“, рече Милошоски.
„Зоран Заев овие денови со неговиот дует Бучковски преговараат за нешто што веќе Заев го најави во скандалозното интервју пред половина година, дека ќе потпише анекс или друг облик на гаранција којшто ќе значи прифаќање на анахроните позиции коишто беа изгласани во декларацијата на бугарското собрание. Истите се спротивни на македонските национални интереси и се косат со европските права и слободи на секој народ. Самиот Заев тогаш рече дека е блиску до решение, но реакцијата на јавноста беше единственото нешто што го спречи да го направи тоа предавство“, истакна тој.
Милошоски најави дека ќе се соочат со силна реакција од народот во институциите и на улиците во секоја можна форма доколку, како што рече, двоецот Заев – Бучковски се обидат преку овие тајни преговори кои во изминативе три дена се водат во Софија повторно да направат уште едно предавство.
„Да потсетиме дека декларацијата што беше прифатена во парламентот во Софија е исклучително штетна и не носи ништо добро за едни рамноправни и добрососедски односи. Туку целата е анахрона и има негаторски став којшто значи понижување за еден од соседите, а тоа е Македонија како матична држава на македонскиот народ. За тоа сметаме дека двоецот Зоран Заев и Владо Бучковски треба пред македонската јавност да го покаже нацрт-текстот на она што го подготвуваат со нивните преговарачи во Софија, во којшто, како што дознавме од дипломатски извори, прифаќаат декларацијата на бугарското собрание да стане составен дел од преговорите на Македонија за ЕУ“, потенцира Милошоски.
Според него, секоја држава што е кандидат за членство има преговарачка рамка со ЕУ, и таа преговарачка рамка треба да ги содржи стандардите на ЕУ и нивното достигнување, но ниедна земја досега не прифатила во преговарачката рамка да се постават услови коишто значат обезличување на идентитетот на еден народ затоа што тоа е спротивно на вредностите на ЕУ.
Во таа декларација која беше прифатена од бугарското Собрание, смета Милошоски, се негира и постоењето на македонскиот јазик и постоењето на АСНОМ, а, како што вели, се негира и постоењето на антифашистичката борба на македонскиот народ.
„Заев затоа крие, Бучковски затоа молчи. Сметаме дека овие корумпирани политичари немаат ниту легитимитет ниту право да направат ваква долготрајна штета на македонските национални интереси и само за да си ги зачуваат своите позиции кои се поврзани со многу афери и корупција да прифатат бугарската Декларација да стане дел од преговарачката рамка на Македонија во ЕУ, односно да стане дел од поглавјето темели и дел од поглавјето број 35 коешто се однесува на други прашања поврзани со соседите земји членки на ЕУ“, додаде Милошоски.
Тој потсети дека ВМРО-ДПМНЕ внимателно и будно го следи овој процес и предупредува дека ова е многу штетно за Македонија и дека тајните преговори оставаат голем сомнеж дека Заев повторно во преговорите на прво место ќе ги стави своите лични, функционерски и коруптивни интереси, а на штета на македонските национални и долгорочни интереси, рече членот на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.
„Македонија не смее да биде понижена и не смее да ги прифати условите кои се ретроградни од Декларацијата од бугарското Собрание да станат услови за преговори и членство во ЕУ“, истакна Милошоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сончево и топло време со температура до 27 степени
Времето денес ќе биде сончево и топло со мала локална облачност. Ќе дува слаб ветер од јужен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 9, а максималната ќе достигне од 20 до 27 степени.
Во Скопје сончево и топло со слаб ветер од јужен правец.
Минималната температура ќе се спушти до 5, а максималната ќе достигне до 25 степена, јавува УХМР.
Во наредните денови следува период на сончево и топло време со пораст на температурата кон викендот. Утринските температури ќе бидат постојано над нулата, а поголемо наоблачување со услови за појава на дожд се очекува на почетокот на следната недела и ќе биде проследено со умерено спуштање на температурата.
Македонија
Нема подолги задржувања за влез и излез од државата
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Скопје
Без струја дел од Карпош
Регионалниот центар за управување со кризи на Град Скопје, по добиеното известување од ЕВН, информира дека, поради технички зафати во електродистрибутивната мрежа, без електрична енергија ќе остане дел од Карпош.
Од 9 до 14.30 часот корисниците од улицата Мексичка, улицата Хаванска и дел од улицата Варшавска во општина Карпош ќе бидат без струја.