Македонија
(Видео) Мисајловски: Одбивањето оставки од Владата за трагичниот случај во Тетово значи дека немаат морал
Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Владо Мисајловски, на денешната прес-конференција во врска со трагедијата во Тетово и прашањето за оставки во Владата истакна дека оставката секогаш билa и ќе биде чин на одговорност.
Според Мисајловски, одбивањето оставки во Владата по еден таков трагичен настан како во Тетово значи само две работи: оваа Влада нема морал и оваа Влада не чувствува одговорност.
„ВМРО-ДПМНЕ не бара одговорност од Владата поради политичка малициозност или затоа што има лични мотиви против Заев или Венко Филипче, туку поради тоа што се неспособни, но и поради објективна истрага, која мора да ја има. Тоа што премиерот Заев го штити министерот Филипче значи дека и Заев треба да си поднесе оставка поради негово активно учество во несмасниот обид да се одговорат прашањата што ја мачат целата јавност“, нагласи Мисајловски.
Од ВМРО-ДПМНЕ поставија неколку прашања: „Kој е виновен што сме земја со највисока смртност во Европа од Ковид-19? Кој е виновен што нема нови протоколи за лекување од Ковид-19? Кој е виновен што нема персонал во болниците и роднини одат да се грижат за пациентите? Кој е виновен што немаше вакцини и сѐ уште не оди добро процесот на вакцинација? Кој е виновен што народот нема доверба во системот и во вакцинирањето?“, рече Мисајловски.
Побара одговори и на прашањата кој е виновен што немало технички прием на модуларната во Тетово?
„Кој е виновен што немало ПП-апарати? Кој е виновен што е направена од ПУР-пена и никој не водел сметка дали таа е запалива? Кој е виновен што не се дозна кој ги исекол цевките за довод на кислород во модуларната болница во Тетово на почетокот? Кој е виновен што од роднини на пациенти на сестри, доктори и на болничари им се плаќало по 1.000 денари да водат грижа за пациентите и дали е тоа нормално? Кој е виновен што дополнително надвор од тендерска постапка се поврзувале кислородните цевки?“, запраша потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сончево и топло време со температура до 27 степени
Времето денес ќе биде сончево и топло со мала локална облачност. Ќе дува слаб ветер од јужен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 9, а максималната ќе достигне од 20 до 27 степени.
Во Скопје сончево и топло со слаб ветер од јужен правец.
Минималната температура ќе се спушти до 5, а максималната ќе достигне до 25 степена, јавува УХМР.
Во наредните денови следува период на сончево и топло време со пораст на температурата кон викендот. Утринските температури ќе бидат постојано над нулата, а поголемо наоблачување со услови за појава на дожд се очекува на почетокот на следната недела и ќе биде проследено со умерено спуштање на температурата.
Македонија
Нема подолги задржувања за влез и излез од државата
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Скопје
Без струја дел од Карпош
Регионалниот центар за управување со кризи на Град Скопје, по добиеното известување од ЕВН, информира дека, поради технички зафати во електродистрибутивната мрежа, без електрична енергија ќе остане дел од Карпош.
Од 9 до 14.30 часот корисниците од улицата Мексичка, улицата Хаванска и дел од улицата Варшавска во општина Карпош ќе бидат без струја.