Македонија
(Видео) Митева: Во ваков траорен миг не треба да се размислува за промоција, потребна е одговорност
Денес власта на срамен, недоличен и со нечовечки пристап прави церемонија со пренос во живо од транспортот на починатите. Згрозени сме, наместо да покажат почит кон починатите, Забрчанец не се воздржува од себепромоција па на социјалните мрежи објавува фотографии со наслов: Одиме во живо наскоро. Ова е невкусно, во ваков траорен миг не треба да се размислува за промоција туку потребна е одговорност. Нема никаков одговор за автобуската несреќа, сè уште се обидуваат да ја зачуваат власта преку одржување на нивната неспособна коалиција, а бугарските власти веќе дадоа првични информации по спроведената истрага, реагира портпаролката на ВМРО-ДПМНЕ, Марија Митева.
„Според бугарските обвинители и истражители позната е причината за несреќата. Согласно информациите во медиумите констатирано е дека автобусот бил стар и ‘репариран’ во Турција и дека целата опрема му е заменета, а допрва треба да се разјасни кои од деловите биле оригинални, фабрички, а кои не. Овие информации само ги потврдуваат претпоставките кои пред неколку дена на прес-конференција ги поставивме како прашања до СДСМ“, истакна Митева.
Власта, рече Митева, треба да одговори дали е вистина дека автобусот фабрички бил наменет за превоз на 49 патници и како таков е увезен и возилото првично е регистрирано на прилепски табли;ki, за по неколку дена автобусот да е препродаден и пререгистриран на скопски регистарски таблички? Дали согласно историјатот на промени на регистарски број и орган на регистрација автобусот е регистриран на прилепски таблички на 13.10.2020 година и само по два дена, на 15.10.2020 е направена промената на скопски регистарски таблички?, праша портпаролката на ВМРО-ДПМНЕ.
„Дали согласно историјатот на промени на носивост, број на места за седење автобусот има 49 седишта на 14.10.2020 година, а промената на 54 седишта е направена на 8.2.2021 година? Дали само по неколку месеци во сообраќајната дозвола намената односно носивоста му пораснала на 54 патници, односно за повеќе од 10% од фабрички утврденото? Кој имал направено хомологација – атест и го одобрил тоа? Дали поради оваа сомнителна промена автобусот не можел да добие соодветна лиценца за меѓународен транспорт?“, се дополнителните прашања од страна на Митева.
Ова, според неа, се сериозни индикации за сторена злоупотреба и доколку е вистина одговорност, како што рече, мора да понесат сите од власта затоа што поради пропустите во системот 45 граѓани ги загубија своите животи.
„СДСМ и ДУИ мора да запрат со добро позната тактика која ја применуваат за префрлување вина, а одговорност од никого. Ниту еден од нив не понел-одговорност за случувања кои се под нивна надлежност во институцијата што ја раководат, а имаат должност и обврска да водат сметка за начинот на раководење и за резултатите од тоа. Оставките и ослободување на институциите се механизми за понесување политичка одговорност, кога веќе ја немаат моралната одговорност“, нагласи Митева.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
„Вреди“: ДУИ во руско сценарио бара лек за изборниот пораз
Навреме предупредивме дека очајниот ДУИ смислил сценарио за предизвикување политичка криза после првиот круг на претседателските избори со цел да избегне чесно признавање на извесниот пораз. Нивен сон е техничката Влада на Талат Џафери да опстои повеќе од предвидените 100 дена, велат од коалицијата „Вреди“.
„Бујар Османи избегнува одговор на многу логичното прашање што правел како претседавач со ОБСЕ во текот на 2023 за оваа меѓународна институција да оцени дека постои потенцијал за нарушувањето на безбедноста во изборниот процес и го зголеми бројот на набљудувачи. Исто така молчи дали Османи како домаќин на Лавров го прашал за рецептот за суспендирање на демократската волја на граѓаните.
Но, контурите на ова руско сценарио полека излегуваат на виделина. Владата на Талат Џафери незаконски спречува поставување на началник и дополнителен началник на СВР Тетово за да може да ги злоупотребува партиските војници на ДУИ инсталирани во полицијата во кампањата. Потврда за ова е последниот скандал со училиштето во Житоша кое не само што е претворено во штаб на ДУИ, туку во него полицајци отворено агитираат за Али Ахмети, се фотографираат и објавуваат на социјалните мрежи“, реагираат од коалицијата.
Очекуваат како што велат, дека раководството на МВР соодветно ќе ги евидентира и санкционира овие девијации од страна на полициски службеници.
„Јасно им порачуваме на полициските службеници и останати кадри на ДУИ во државните институции, добро да размислат какви партиски задачи прифаќаат и спроведуваат. Ништо не може да ја смени реалноста. ДУИ после осми мај преминува во опозиција и за секој нивен кадар кој се огрешил пред законите ќе следи соодветна правосудна постапка. Добро е секој партиски активист на ДУИ да размислува трезвено и да не се впушта во незаконски авантури лажно верувајќи дека ќе продолжат кариерите на Али Ахмети, Бујар Османи и Артан Груби.
Знаеме дека исплашеното раководство на ДУИ и нивните коалициони другарчиња се подготвени на различни предизборни далавери, но треба да земат предвид дека на секој обид за спречување на слободно, фер и демократско гласање на Албанскиот народ, жестоко ќе одговориме“, додаваат во партиското соопштение.
Нагласуваат дека ништо не може да ги спречи промените. Гласачите, како што оценуваат, уште повеќе се мотивираат да гласаат против ДУИ кога ги гледаат овие нивни очајнички потези.
„Бранот е тргнат и тој секојдневно ќе расте додека не се претвори во цунами за ДУИ на изборите“, се потенцира во напишаното од коалицијата „Вреди“.
Македонија
Први април, вториот ден на Велигден, неработен за граѓаните од католичка вероисповед
Министерството за труд и социјална политика соопштува дека во согласност со Законот за празниците на РМ („Службен весник на РМ“ бр. 21/98 и 18/07), 1 Април 2024 година (понеделник), Велигден, вториот ден на Велигден, според грегоријанскиот календар, е неработен за граѓаните од католичката вероисповед во Република Северна Македонија.
Истовремено, Министерството за труд и социјална политика на граѓаните од католичка вероисповед им го честита празникот.
Македонија
Донесено упатство за радиодифузерите за претседателските и парламентарните избори
Агенцијата за аудио и аудиовизуелните медиумски услуги, со цел појаснување на начинот на примена на правилата од Изборниот законик, донесе упатство за радиодифузерите за претседателските и парламентарните избори 2024.
Со упатството се опфатени правилата за лимитите за платеното политичко рекламирање (ППР), означувањето на нарачателот на рекламирањето, распределбатата на времето во вести кај јавниот сервис, бесплатното политичко претставување на Собранискиот канал, обезбедувањето пристапност на содржините за изборниот процес за лицата со попреченост, правилата за известување во деновите на изборниот молк, особено за периодот на преклопување на двата изборни процеса.
За време на изборната кампања за претседателските избори, во првиот круг на гласање, радиодифузерите може да емитуваат вкупно девет минути и триесет секунди дополнително време за рекламирање реален час емитувана програма, исклучиво наменети за ППР. Во упатството е точно утврдена распределбата на овие минути меѓу седумте подносители на листи/кандидатите за претседател. Во вториот круг на гласање вкупното време за ППР ќе зависи од времето за ППР што го користат подносителите на листи/кандидатите за претседател, кои ќе ја продолжат изборната кампања во вториот круг.
За време на изборната кампања за парламентарните избори, радиодифузерите имаат право на дополнителни девет минути и триесет секунди за рекламирање реален час, исклучиво наменети за ППР. По потврдувањето на поднесените листи на кандидати за пратеници од страна на Државната изборна комисија, Агенцијата соодветно ќе го дополни упатството за радиодифузерите за претседателските и парламентарни избори 2024.
За време на изборниот молк за претседателските избори, на 23 и на 24 април (до 19 часот) 2024 година продолжува изборната кампања за парламентарните избори, но запира медиумското покривање во вестите и во посебните информативни емисии на учесниците во изборните кампањи за двата изборни процеса.
Јавниот сервис и телевизиите на државно ниво што ќе објавуваат платено политичко рекламирање, треба да емитуваат содржини поврзани со изборниот процес во формат пристапен за лицата со попреченост.
Упатството за радиодифузерите за претседателските и парламентарните избори 2024 е достапно на веб-страницата www.avmu.mk.