Македонија
(Видео) Не видовме политичар или пратеник да донира за Турција, а пунктовите се затрупани со помош, реагираат организаторите
Ниту еден политичар не се појавил на плоштадот Македонија за да донира помош во вид на ќебиња и облека за настраданите во Турција. Ова за „Макфакс“ го посочи хуманитарецот и еден од организаторите на пунктот за помош на настраданите, Али Февзи. Тој испрати порака дека политичарите треба да покажат човечност. За граѓаните, Февзи посочува дека е воодушевен од нивната хуманост во изминатото деноноќие. На пунктот има куп ќебиња, јоргани, перници.
„Македонскиот народ е премногу хуман. Досега добивме помош само од македонските граѓани. Од моќните функционери, пратеници и политичари никој досега не дошол да нè посети, имаат време да покажат човечност и хуманост, тука сме до сабота, нека дојдат и нека нè прашаат што ни треба, има деца тука што се смрзнуваат. Нека дојдат тука да видат како се помага без обѕир на вера и нација“, изјави тој за „Макфакс“.
Организаторот на еден од пунктовите, Давор Нуреди, посочува дека најмногу се носат ќебиња, јакни, капи за погодените граѓани од земјотресот во Турција, кој имаше разорна јачина.
На многумина повод за донирањето им е тоа што меѓу погодените во Турција има и нивни блиски пријатели и познајници.
„Наши блиски пријатели имаат повредени и загинати, кои се тука и чекаат повик од фамилиите што се наоѓаат во ризичните региони, во моментот немаат никаква информација од дваесетина луѓе, не може да добијат“, додаваат организаторите.
Тие апелираат до сите донатори да ги пакуваат донациите во кутии и да напишат на нив што е донирано бидејќи пакетите мора да ја минат царината.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ЕУ ќе му даде на Западен Балкан помош од две милијарди евра до 2027 година
ЕУ ќе додели две милијарди eвра грантови и четири милијарди поволни заеми за Западен Балкан од 2024 до 2027 година како дел од Инструментот за реформи и раст за Западен Балкан, откако беше одобрен од Европскиот парламент на денешната пленарна седница.
„Инструментот е централен дел од планот за раст за Западен Балкан“, рече коизвестувачот Тонино Пицула на пленарната седница.
Станува збор за финансирање на шесте земји од Западен Балкан на нивниот пат кон Европската Унија. Во ноември минатата година, Европската комисија го претстави Инструментот за реформи и раст за Западен Балкан за периодот од 2024 до 2027 година, кој ќе вклучува две милијарди евра грантови и четири милијарди поволни заеми.
Известувачи во име на Европскиот парламент беа хрватските европратеници Тонино Пицула и Карло Реслер.
Пицула беше ко-известувач на ЕП пред Комитетот за надворешни работи (АФЕТ), а Реслер беше ко-известувач пред Комитетот за буџет (БУДГ).
Реслер изјави за новинската агенција „Хина“ дека тоа е инструмент споредлив со националните планови за закрепнување и отпорност, но за шест земји во Југоисточна Европа надвор од ЕУ. Тој посочи дека исплатата на средствата е поврзана со конкретни реформски активности.
Реслер апострофираше дека ќе се води сметка за усогласување на надворешната и безбедносната политика и визната политика со ЕУ.
Црна Гора и Србија со години преговараат со ЕУ, Албанија официјално ги отворија пред две години, а Македонија само делумно, со оглед на тоа што за целосен старт на преговорите неопходни се уставни измени за внесување на Бугарите во Уставот. Лидерите на земјите-членки на ЕУ во март донесоа одлука да ги отворат пристапните преговори со Босна и Херцеговина. Брисел сè уште го смета Косово за потенцијален кандидат.
Македонија
Бојмацалиев: МВР работи исклучиво по закон за фер, слободни и демократски избори
Дополнителниот заменик министер за внатрешни работи Митко Бојмацалиев, заедно со директорот на Бирото за јавна безбедност Сашо Тасевски и државната секретарка Магдалена Несторовска го посетија Оперативниот Штаб во МВР во рамки на ОА „Претседателски и парламентарни избори 2024”, на кој присуствуваа и претставници на Амбасадата на Соединетите Американски Држави, ОБСЕ и ОДИХР.
Во оваа прилика Бојмацалиев ги поздрави гостите од САД, ОБСЕ и ОДИХР и уште еднаш потенцираше дека на колегите во Оперативниот Штаб им посочил да се работи исклучиво согласно законските норми и прописи, а со цел гарантирање на безбедноста на фер, слободни и демократски избори, впрочем како што се работело и досега од 2017 година навака, без забелешки за изборниот процес.
Притоа, Бојмацалиев беше брифиран за текот на изборниот процес, за активностите и мерките кои ги презема МВР во делокругот на своите надлежности.
„Бев информиран дека гласањето не беше започнато на неколку места во предвиденото вре,е, а на неколку е почнато со задоцнување или прекинато, на различни подрачја, сите поради технички проблем со читачот на отпечаток на прст. На подрачје на СВР Скопје во врска со пријава за испукана димна бомба, од страна на тим на антитероризам извршена е проверка, подигната е направата и објектот е предаден на Претседателот на Избирачки одбор. На подрачје на СВР Куманово регистрирани се два настани и тоа пријава за организирано носење на гласање на стари лица и поставен штаб во близина на гласачко место. За време на предизборниот молк, во периодот од 06,00 до 07,00 часот, регистрирани се три настани на подрачје на СВР Скопје за испишани графити”, информираше Бојмацалиев.
Македонија
Приведен охриѓанец кој го фотографирал гласачкото ливче
Полицијата во Охрид го приведе А. И. (48) затоа што го фотографирал гласачкото ливче на избирачкото место 1271 во Охрид.
По целосно документирање на настанот, против него ќе биде поднесена соодветна пријава, информираа од СВР Охрид.