Македонија
(Видео) Николоски: Вице Заев црвенеел и се потел од мојата изјава
Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, по денешното подготвително судско рочиште за тужбата за клевета и навреда од братот на премиерот, Вице Заев, рече дека станува збор за бесмислен предмет и за политички притисок.
„Вице Заев ме тужи за нарушени чест и углед. Како што видовте внатре, тој денеска не се појави на подготвителното рочиште. Испрати адвокат. Јас решив да се бранам самиот зашто сметам дека немам потреба од адвокат и од правна помош“, рече Николоски.
Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ рече дека пораката на главниот бизнис-фактор до сите бизнисмени во државата е да размислат дека ако може главниот бизнис-фактор во државата да го тужи потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, тогаш што може да им се случи ним.
Николоски рече дека верува во правниот систем на државата и очекува судот да го отфрли тужбеното барање на Вице Заев.
Одговарајќи на новинарско прашање, потпретседателот на опозициската партија рече дека ќе го прашал Вице Заев на следното рочиште, кое ќе се одржи на 26 февруари, за симптомите што ги навел во тужбеното барање дека му се јавиле како резултат на неговата изјава.
Николоски рече: „Пишува дека господинот од изјавата чувствувал вознемиреност, главоболки и имал вегетативна симптоматологија во вид на потење и црвенило на лицето, па би сакал да го прашам на кој начин дошол до тие заклучоци“.
Тoј пред новинарите изјави дека она што го кажал го кажал како претседател на опозициската партија.
Причината за тужбата е поради тоа што Николоски во телефонско интервју за една телевизија рекол дека Вице Заев и неговото семејство ги добиваат сите главни бизниси во државата.
На следното рочиште на 26 февруари ќе биде распрашан братот на премиерот. Вредноста на спорот е 30 илјади денари.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Апасиев: Дали е вистина дека директорот на велешката болница забранил да им се дава инфузија на деца со температура 40 – за да заштеди
„Дали е вистина дека директорот на велешката Болница – Зоран Арсовски од СДС забранил да им се дава инфузија на Детското одделение, на деца со температура 40 – за да заштеди“, прашува претседателот на партијата Левица, Димитар Апасиев преку социјалните мрежи.
„И дали е вистина дека за операција на жолчка, во истава болница, докторите отворено си бараат мито од пациентите – од 500 евра ‘по тарифа’“, додава Апасиев.
Македонија
„Пендаровски ја призна конекцијата со мешетарот Еисин и после се сокри од јавноста“, велат од ВМРО-ДПМНЕ
„Пендаровски ја призна конекцијата и комуникацијата со балканскиот мешетар Асаф Еисин и се сокри од јавноста. Го нема со денови да излезе и да даде одговори, дали тој, дали СДС, дали Ковачевски или сите комплет го ангажирале Еисин за консултации“, вели ВМРО-ДПМНЕ.
„Овој скандал е дотолку поголем што постојат сериозни индиции дека овој сомнителен лик е ангажиран за креирање на црната кампања на власта и за тоа според основани сомнежи се плаќа со пари во кеш. Овие црни пари не се водат во ниедна евиденција и се испумпани од криминалните тендери во РЕК Битола.
Надлежните институции треба овој случај детално да го проверат, бидејќи ангажманот на мешетарот Еисин и двете лица кои му помагаат а кои се сместени во еден скопски хотел, не фигурира во ниеден извештај. Доколку актуелните институции не го истражат овој случај, тогаш после промената на власта се ќе биде детално проверено. Време е за промени, а наскоро после тоа ќе дојде и времето за одговорност“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
„Нема промена во ДПМНЕ, над 80% од листите се истите пратеници кои спроведуваа активни блокади“, велат од СДСМ
„Составот на листите за пратеници на ДПМНЕ потврдува дека во ДПМНЕ нема никаква промена, тоа е партија свртена кон минатото. Повеќе од 80% од кандидатите на листите се истите пратеници, кои спроведуваа активни блокади на Собранието, правеа опструкции и кочеа, сé што е во интерес на граѓаните и државата“, соопшти СДСМ.
„Тоа се истите лица што во време на криза во Собранието ја блокираа помошта за граѓаните и компаниите, кои два дена на собраниска седница ги преместуваа точките на дневниот ред.
Беа и против минималната плата и раст на платите и против членството на државата во НАТО, и против евроинтеграциите, тропаа и вревеа со вувузели додека во парламентот зборуваше Урсула фон дер Лајен.
Нивната работа изминатите четири години ја одбележаа одолговлекувања, бесмислени реплики, штанцање илјадници амандмани за блокада на законите, незакажување седници и неставање на дневен ред на клучни закони во парламентарните комисии, предводени од ДПМНЕ.
Со истите лица на листите Белата палата потврдува дека се определува за блокада на европскиот пат на државата. Со ДПМНЕ е можно само враќање назад.
Изборот пред граѓаните на претстојните избори ќе биде помеѓу надеж и просперитетна европска иднина со СДСМ и безнадежност и враќање 10 години назад со ДПМНЕ“, се наведува во соопштението на СДСМ.