Македонија
(Видео) Николоски: Маските паднаа, со Протоколот, промената на историјата и учебниците по бугарски терк стануваат услов кон ЕУ
Паднаа маските, се потврдија лагите! Ни 24 часа не издржа лагата на Владата на СДСМ и ДУИ дека билатералните спорови со Бугарија нема да се услов за напредок кон ЕУ. Ни 24 часа не издржаа, обвини потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски.
Тој изјави дека денес се потпиша Протоколот со кој што Македонија нема да преговара со ЕУ за својот напредок туку ќе преговара со Бугарија за својата историја.
„ Денес во Софија е потпишан Протокол кој ќе биде дел од Преговарачката рамка на Македонија со Европската Унија. Со Протоколот на кој што стои потписот на македонското МНР, промената на историјата и промената на учебниците по бугарски терк стануваат услов за напредок на Македонија кон ЕУ.
Оваа предавничка влада направи и се согласи за промена на историјата, и промена на учебниците поточно за отворена бугаризација како услов за напредок во европските интеграциите. И тоа јасно кажано денес, затоа што јасно беше кажано во Софија дека Протоколот станува дел од преговарачката рамка и дека соодветно неисполнувањето на задачите во тој Протокол Македонија ќе напредува или нема да напредува кон ЕУ, односно ќе се отвораат или ќе се затвораат поглавја. Наједноставно кажано доколку Македонија прифаќа бугаризација ќе напредува кон ЕУ, доколку не прифаќа бугаризација што е став на огромното мнозинство од македонски народ нема да напредува кон ЕУ. Лагите паднаа, маските паднаа.
Исто така вистински скандал е тоа што Бујар Османи и оваа предавничка Влада го нема се уште објавено Протоколот кој што тие денеска го потпишаа. Иако со денови и недели Османи најавува негово објавување и споделување со македонската јавност, сепак и по потпишувањето на овој протокол кој се уште не е јавно објавен, јасно е дека се плашат да го објават затоа што се свесни какви лоши работи има во него и каква ќе е реакцијата на македонската јавност кога ќе види светлина на денот.
Но, тој Протокол ќе се објави без разлика дали тоа ќе се случи утре, дали ќе се случи во вторник после сликањето во Брисел или во среда, во четврток, тој Протокол ќе се објави. И тој Протокол ќе е од интерес на македонската јавност не ден или два, не час или два, туку години и години нанапред затоа што тој Протокол го успорува напредокот на Македонија. Тоа е Протоколот кој што е камен околу вратот на Македонија.
Според Протоколот потпишан денес во Софија, на кој Бујар Османи и Бојан Маричиќ гордо застанаа јасно и гласно пишува дека вистинските преговори на Македонија со Европската Унија нема да започнат со сликањето, како што тоа го најави Ковачевски кое што ќе се случи во Брисел во вторник, туку ќе започнат после промената на Уставот на Македонија со цел вметнување на Бугарите во Уставот, и одржувањето на вистинската меѓувладина конференција.
А, напредокот на тие преговори ќе зависи исклучиво од тоа дали Македонија ќе прифаќа промена на историјата, промена на учебниците, промена на културното наследство и цензура во медиумите.
Едно е јасно, во вторник предавниците само ќе одржат фотосесија во Брисел. Нема започнување на преговори за Македонија, додека преговори вистински во вторник ќе започне само Албанија.
Од она што можеме да го дознаеме во овој и штетен Протокол кој влегува во преговарачката рамка на Македонија со ЕУ стои меѓудругото дека до 2023 година треба да се затворат прашањата за заедничко чествувања на празници и личности, а до 2025 година мора да се направи промена по учебниците по историја во Република Македонија, онака како што ќе побара Бугарија“ рече Николоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Скопје
Герасимовски: Конечно, Работнички се враќа на шампионските патеки
Градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски вчера вечер присуствуваше на тренингот на КК Работнички во салата Кале. Со кошаркарите разговараа за издигнувањето на тимот и потребите за достигнување на високи резултати и на следните натпревари.
„Сакам да се заблагодарам пред се и на тренерот на цел стручен тим но и на сите играчи за одличните резултати коишто ги имаме годинава. Успеавме со клубот од невозможно да направиме возможно. Клубот којшто го начекавме пред две години на 10то место со 4-5 неисплатени плати и долг од 600 000 евра да го вратиме на победничките патеки. Важно е што во моментов табелата трепка што сме на прво место и се надевам дека тоа така ќе остане и до крај. Јас верувам дека ќе имаме успех оваа сезона и уште поголем успех следната“, им порача Герасимовски на кошаркарите.
При средбата Герасимовски ги извести играчите дека општина Центар го има имотниот лист на салата и успеа да го исполни ветувањето дека ќе ја врати сопственоста на салата под ингеренции на општината.
Општина Центар на крајот на минатата година доби финансиски средства од Владата во вредност од 30 милиони денари наменети за реконструкција на салата, при што Герасимовски ги информираше играчите со процесот и проект планот кој е веќе во изработка за реновирање на матичната сала на Работнички. Конечно Работнички се враќа на шампионските патеки, ви благодарам за тоа, порача Герасимовски.
Македонија
Петровска: Судот донесе одлука дека Ковачки неправедно ме клеветел
Министерката за одбрана, Славјанка Петровска објави дека судот донел одлука со која се утврува дека пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Драган Ковачки, неправедно ја клеветел.
„Основниот граѓански суд во Скопје по сите прикажани докази од моја страна донесе одлука со која се утврдува дека тужениот Драган Ковачки искажал невистини и лаги односно неправедно ме клеветел во јавност со цел да ми го наруши угледот и честа во очите на јавноста, Овој е само еден од низата примери на неодговорно, нечесно и валкано однесување на политичката сцена од страна на Ковачки“, пишува Петровска.
Во продолжение таа додава дека не сака пари од нечесник и се откажува од паричниот надомест.
„Секој го прави тоа што најдобро го знае, тие со лагите, јас со труд и одговорна и чесна работа“, додава Петровска.
Македонија
Манолева: По 43 години, болницата во Отешево доби комплетно нов лик, современи услови за третман и медицинска опрема
Заменик министерката за здравство д-р Маја Манолева, вчера беше во посета на ЈЗУ Специјализирана болница за превенција лекување и рехабилитација на хронични респираторни неспецифични и алергиски заболувања ОТЕШЕВО. Оваа јавно-здравствена установа минатата година доби комплетно нов лик со реновиран болнички објект финансиски поддржан од Министерството за локална самоуправа и Владата на Швајцарија во висина од 20 милиони денари.
„Со имплементацијата на овој проект подобрени се болнички услови за третман на пациенти, поставен е нов мебел како донација од Луксембург, а собите се наместени со нов инвентар. Сите амбуланти, лабораторија, дневна соба, ехо кабинет, соба за спирометрија и алерго тестови се позиционирани во реновираниот објект. Како што можевме да видиме од посетата амбулантите веќе функционираат во реновираните простории. Специјализираната болница Отешево нуди современи услови за третман на пациенти и достоинствени услови за работа на здравствените работници“, рече Манолева.
Болницата во Отешево опстојува повеќе од 43 години и ова е прво реновирање кадешто значително се унапредени болничките услови. Во изминатиот период, установата се зајакна и со два апарати за физикална медицина и рехабилитација во склоп на проектот во вредност од 270 илјади денари.