Македонија
(Видео) Новинарите бесни на Мицкоски: Да го смени односот и да не се однесува како Груевски
Лидер на опозиција кој претендира да стане премиер бара тв-дуел и обвинува за брутална кампања на медиумите, а нема храброст ниту доблест да се соочи со новинарите – ова се само дел од пораките упатени кон претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, кој одби да одговори на новинарските прашања на синоќешната прес-конференција. Дел од новинарите кои до доцна во ноќта беа присутни во партиското седиште реагираат дека Мицкоски со ова покажа комплетно непочитување кон новинарската фела и дека само ја продолжува праксата на претходното раководство на партијата – затворено за јавноста и исплашено да се соочи со претходно ненајавени прашања.
„Односот на Мицкоски е сличен со неговиот претходник, комплетно непочитување, став дека медиумите се под нивна контрола и се во нивна функција, како во годините кога беа на власт, кога ги контролираа и финансираа со буџетски пари, тоа е базично непочитување и комплетно некоректен однос. Мицкоски не се дистанцира од тоа како Груевски се однесуваше кон медиумите, и тоа е поразително. Факт е дека ние имаме обврска да го пренесеме ставот на најголемата опозициска партија, но на крајот на тоа целодневно малтретирање кулминацијата беше некаде пред полноќ кога прес-конференцијата траеше непријатно долго повеќе од 20 минути, а Мицкоски не најде сила да се соочи со медиумите и не остави простор за прашања. Па до кога ние ќе треба да глумиме инки, обични проводници само на ставовите на партијата“, вели новинарката Милка Смилевска.
Со сличен став е и новинарот Горан Трпеноски, кој смета дека ВМРО-ДПМНЕ треба да ја научи лекцијата од минатото и новиот лидер Мицкоски треба да почне да го менува односот кон медиумите, бидејќи новинарите не му се непријатели.
„Како лидер на најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски мора да има и став и да го почитува времето на новинарите. Лидер кој претендира за премиер, кој треба да води 4000 илјади граѓани треба да има чувство за медиумите, без разлика кој како известува. Да не бевме ние, новинарит,е таму, да го бојкотиравме, тој немаше да ја испрати својата порака. Вели дека медиумите имаат брутална кампања, бара дуел, а нема став. Мора да се одвикнат од минатото, да ги избегнуваат новинарите, да не одговараат на новинарски прашања, да нè држат со часови. Засега, се чини, ја немааат научено лекцијата. Се надевеам дека и Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ ќе ја сменат стратегијата, новинарите не им се непријатели, новинарите многу претрпеа претходно, имаше притисоци, јавувања, повеќе од илјада без работа, ние мора да видиме дека ова не е старото ВМРО-ДПМНЕ. Ако сакаат да се модернизираат, нека градат мостови со новинарите, ние не сме им непритјатели“, вели Трпеноски.
На вчерашната прес-конференција, која се одржа еден час пред полноќ, по завршувањето на Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски одржа говор од 18 минути на кој меѓу другото кажа дека ќе остават граѓаните по сопствено убедување да одлучат за референдумот. Откако го исчита напишаниот говор, Мицкоски замина од говорницата со образложение дека прес-конференцијата била обемна и дека во наредните денови ќе одговори на новинарските прашања. Денеска Мицкоски, далеку од новинарите и медиумите, напиша статус на „Фејсбук“ дека неговото мислење за бојкотот ќе го каже на крајот на евентуалниот тв-дуел со премиерот Заев.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Таравари: Земјотресот почна, се надевам дека на 8 мај ќе дојде промената ДУИ да биде опозиција
Масовниот одѕив на гласачите на овие претседателски избори за Арбен Таравари, претседателски кандидат на коалицијата ВЛЕН, е показател дека промените се почнати. На првата прес-конференција по затворањето на избирачките места тој рече дека очекува победа на 8 мај.
„Земјотресот по се изгледа дека денеска почна со масовното учество на граѓаните во изборите, а се надевам дека на 8 мај ВЛЕН ќе победи и ќе дојде долго очекуваната промена ДУИ да биде во опозиција“, рече Таравари.
Тој јавно се заблагодари на граѓаните за масовниот одѕив и изрази надеж дека набљудувачите нема да дозволат злоупотреби на гласовите.
„Сега веќе се знае дека на овие избори имаше многу помасовно излегување на гласање отколку претходните избори што зборува дека промените ни се приближуваат и ни доаѓаат. Ние како ВЛЕН сме пресреќни дека добивме гласови генерално од Албанците. Сега веќе промените се внатре во кутиите кои веќе се отвораат. Се надевам дека нашите набљудувачи ќе ги контролираат и нема да дозволат да има злоупотреби и ќе се гарантира секој глас кој што е даден на демократски начин дека ќе излезе на површина“, рече Таравари.
Македонија
Кузеска: Констатирани се мали прекршувања на изборниот процес, ги очекуваме резултатите и уверени сме дека граѓаните ќе ја поддржат европската иднина
Богданка Кузеска од Изборниот штаб на СДСМ, по затворањето на избирачките места изјави дека изборниот ден бил демократски, а гласањето се одвивало во фер и демократска атмосфера.
„Граѓаните својата волја ја изразија слободно и достоинствено како што доликува на една демократска земја – членка на НАТО со започнати преговори со ЕУ. Констатирани се само неколку многу мали прекршувања на изборниот процес. Сакаме да изразиме благодарност до сите граѓани кои денеска гласаа. Самото гласање е суштински чин кој произлегува од моќта на граѓаните да одлучуваат за својата иднина и иднината на државата. Ги очекуваме изборните резултати и уверени сме дека граѓаните и денеска и на 8 мај ќе ја поддржат европската иднина за Македонија. Иднина во која Македонија е дел од европското семејство и членка на ЕУ“, порача Кузеска.
Повтори дека ги очекуваат изборните резултати и наскоро ќе излезат со точни податоци.
Македонија
Евидентирани 12 случаи на фотографирање гласачко ливче, шест пријави за нудење поткуп и 15 пријави за агитирање, соопшти Тошковски
Според министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денешниот изборен ден поминал во безбедна, мирна и демократска атмосфера.
Како што рече, безбедните избори биле резултат на добрата соработка меѓу полицијата, Државната изборна комисија и сите други чинители кои биле вклучени во спроведувањето на изборниот процес
„Овие избори беа уште еден тест за демократијата и во таа насока сакам да им честитам на граѓаните кои излегоа на гласање и ја исполнија својата граѓанска должност и со тоа уште еднаш го истакнаа демократскиот капацитет на државата и значењето на нивната активна улога во градењето на инклузивно општество“, кажа Тошковски.
Истакна дека биле евидентирани повеќе настани кои се однесуваат на прекршување на изборниот процес.
„На ниво на целата држава евидентирани се 12 случаи на фотографирање на гласачкото ливче, два случаи на кинење на гласачко ливче, шест пријави за нудење на поткуп и 15 пријави за агитирање. На подрачје на СВР Скопје во врска со пријавата за испукана димна бомба од страна на тимот за антитероризам извршена е проверка , подигната е направата и предадена е на претседателот на избирачкиот одбор. Констатирани се шест прекршоци, а ќе бидат поднесени и две кривични пријави, една за повреда на тајност на гласањето и една за повреда на избирачко право“, потенцира Тошковски.
Во Охрид било пријавено јавно гласање пред комисијата а во Тетово биле пријавени упатени навреди кон шеф на штаб на политичка партија.
Во Куманово како што додаде, две гласачки места во село Умин Дол биле затворени а избирачкиот материјал бил вратен во канцелариите на ОИК.
Во Струмица едно лице го покажало гласачкото ливче на набљудувач.