Македонија
(Видео) Орбан со поддршка за ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски
Унгарскиот премиер, Виктор Орбан, преку видео порака упати поддршка за ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски за претстојните парламентарни избори.
„Ве поздравувам од Будимпешта. Познато ни е дека Вие сега сте исправени пред донесување на важна одлука се подготвувате за важни избори. И ние ги следиме овие работи бидејќи не ни е се исто со каков ќе биде резултатот на овие избори. Ние со Вас судбински сме поврзани. И покрај тоа што ние сме веќе внатре во ЕУ, а вие се уште надвор од неа историите на унгарскиот и македонскиот народ во минатото често пати беа поврзани.
Можеме многу да помагаме едни на други. Ние на Вас но и Вие на нас. Од таа причина не е се исто на претстојните избори во Македонија каков резултат ќе постигнат нашите пријатели. Не сакам да порекнам дека изборот е на македонскиот народ Вие ќе избирате вие можете за себе да одберете влада која ќе ви дава повеќе од досегашната влада на власт.
Сепак ние тука во Унгарија навиваме за нашиот пријател Мицкоски и би сакале како победник да го видиме ВМРО-ДПМНЕ бидејќи во борбата против миграција заедно со нив изградивме таква соработка базирана на национална гордост, а со цел на одбрана на нашите семејства и слободата, која ни влева доверба по прашањето на иднината.
Веруваме дека ќе имаат добар настап и се надеваме дека вие ќе ги поддржите и Македонија ќе добие влада со која во годините што ни претстојат ние Унгарците добро ќе соработуваме и заедно ќе градиме поубава иднина и на која влада ќе можеме ќе можам и јас лично да пружиме помош со цел што побргу да станете земја членка на Европската Унија“, наведува Орбан во пораката.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Воздухопловните сили на Италија од денеска ќе патролираат над македонското небо
Министерката за одбрана Славјанка Петровска и италијанскиот министер за одбрана Гвидо Крозето во Центарот за обука на пилоти во касарната „Страшо Пинџур“ во Петровец го потпишаа Техничкиот договор со кој Италијанските вооружени сили и официјално се вклучија во НАТО мисијата за воздухопловно патролирање над македонското небо.
Министерката Петровска по потпишувањето истакна дека со вклучувањето на Италија во оваа НАТО мисија, единството во Алијансата го гледаме на дело.
„Често споменуваме дека Алијансата е приказ на сојузништво и единство, но зборовите не можат да го отсликаат тоа што можеме да го видиме на дело – италијански и грчки воени воздухоплови, во координација со македонското воено воздухопловство гарантирајќи ја безбедноста на небото на Северна Македонија“, рече министерката.
Со Италија изградивме вистинско сојузништво и развивме силна соработка, рече Петровска, и додаде дека фактот дека италијански воздухоплови ќе ја гарантираат безбедноста на нашиот воздушен простор е приказ за целосна меѓусебна доверба.
Италијанскиот министер Крозето порача дека со денешното потпишување на овој историски договор, Италија заедно со Грција ја презема обврската за заштита на небото на Северна Македонија и дополни дека сојузништвото во Алијансата значи своите сили да се стават на располагање на други земји кога има потреба за такво нешто.
„Италија има чест што може да даде свој придонес во оваа насока и ѝ благодари на Северна Македонија за довербата“, рече Крозето.
Небото на Северна Македонија со официјалниот почеток на НАТО „air policing“ мисијата во нашата земја во декември 2021 година, и официјално стана дел од колективниот систем на Алијансата за воздушно патролирање. Досега, воздухопловното патролирање беше доверено на грчкото воено воздухопловство, а отсега тоа ќе се врши со воздухоплови на грчките и на италијанските воздухопловни сили, во координација со военото воздухопловство на Армијата на Република Северна Македонија.
Мисијата за воздухопловно патролирање на нашето небо ја раководи Сојузничката воздухопловна команда на НАТО, а тактичката контрола на мисијата е под раководство на Центарот за комбинирани воздухопловни операции во Торехон, Шпанија.
Македонија
(Видео) Шкријељ: Понудата на ДПМНЕ е понуда за блокада на ЕУ, над 80 проценти од листите се истите пратеници
Составот на кандидатските листи за пратеници од ВМРО-ДПМНЕ потврди дека нема никаква промена во оваа партија. Ова е понуда за блокада на европскиот пат на државата, тоа е кристално јасно, истакна на денешната прес-конференција Санела Шкријељ, пратеничка на СДСМ.
„Над 80% од предложените кандидати за пратеници се истите кои досега спроведуваа активна блокада на македонското Собрание.
Освен блокада на европскиот пат на државата повеќе од 2 години Собранието е под опструкции, блокади, кочење, од страна на ВМРО-ДПМНЕ
Наместо за интересот на граѓаните и државата се спроведуваа теснопартиски инетерси а често слушнавме и навреди и омаловажувања кон жените-пратенички.
Во време на криза во Собранието ја блокираа помошта за граѓаните и компаниите.
Беа против минималната плата и раст на платите и против членството на државата во ЕУ.
Тропаа и вревеа со вувузели во парламентот“, вели таа.
Оценува дека граѓаните беа сведоци на одолговлекувања, бесмислени реплики, штанцање илјадници амандмани за блокада на законите, незакажување седници и неставање на дневен ред на клучни закони во парламентарните комисии, предводени од опозицијата.
Со истите лица на листите, Белата палата, според Шкријељ потврдува дека се определува за блокада на европскиот пат на државата. Со ДПМНЕ е можно само враќање назад.
В„о ВМРО-ДПМНЕ нема никаква промена и не можат да донесат никакви промени на подобро, напротив.
Затоа, кристално јасно е.
Изборот пред граѓаните на претстојните избори ќе биде помеѓу надеж и просперитетна европска иднина со СДСМ и безнадежност, враќање 10 години назад со ДПМНЕ далеку од ЕУ“, прецизира пратеничката на СДСМ.
Скопје
В недела посебен сообраќаен режим во Скопје
Министерството за внатрешни работи известува дека на 31.3.2024 (недела), со почеток во 9 часот, поради одржување атлетска трка на 10 км, со траса на движење од долниот паркинг на Средно Водно по регионалниот пат (Р2138) до паркингот на манастирот „Св. Пантелејмон“ и обратно, Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе преземе мерки за посебен режим на сообраќај, при што сообраќајот ќе се пренасочува по околните сообраќајници.
Министерството за внатрешни работи апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите што ги издаваат полициските службеници на сообраќајниците на кои ќе се одвива настанот.