Македонија
(Видео) Пендаровски до Сакеларопулу: Договорите треба да се чуваат и да се почитуваат
Претседателот Стево Пендаровски денеска во Атина оствари тет-а-тет средба со претседателката на Грција, Катерина Сакеларопулу, по што се одржа и пленарен состанок на делегациите на двете држави.
На средбите беше констатиран позитивниот тренд на севкупните билатерални односи помеѓу двете држави, но и дека постои потенцијал за понатамошно зајакнување на соработката на секое поле. Беше изразено задоволство дека двете држави го оставија минатото зад себе и се фокусирани кон иднината. На средбите, претседателот Пендаровски изрази благодарност за поддршката од Хеленската Република која станува еден од најгласните поддржувачи на нашата интеграција во Европската Унија и изрази очекувања дека поддршката ќе се интензивира во наредниот период.
Претседателката Сакеларопулу на тет-а-тет средбата му посака добредојде на претседателот Пендаровски и посочи дека оваа прва официјална посета на претседател на Република Северна Македонија на нивната држава е значајна и ќе придонесе за развојот на односите меѓу двете земји. Сакам да подвлечам дека ние вложуваме во зајакнување на нашите билатерални односи и за вашата европска перспектива, рече претседателката Сакеларопулу.
„ Ќе се согласите со мене дека целосното применување на Преспанскиот договор со добра волја е значајно за развој на нашите односи. Веќе поминаа две и пол години од применувањето на Преспанскиот договор, и треба да признаме дека се направени многу позитивни чекори кон спроведувањето, но сепак постојат доста нерешени прашања. Затворањето на овие отворени прашања ќе придонесе за понатамошен развој на нашите односи.
„Ние од наша страна ги разгледуваме сите страни на Преспанскиот договор и се обидуваме да ги решиме сите отворени прашања за подобрување на нашите односи“, истакна на средбата претседателката на Хеленската Република, Катерина Сакеларопулу.
Претседателот Пендаровски истакна дека оваа посета има историска димензија и е значајна, како прва средба на највисоко политичко ниво меѓу две соседни држави после триесет години.
„Ние и претходно имавме одлична соработка, но од 2018 година наваму ја поставиваме таа политичка и правна рамка наречена Преспански договор, која ни овозможи уште подобро да соработуваме. Сакам да ви кажам еден правен принцип кој вие добро го познавате и до кој ние имаме намера да се држиме во однос на Преспанскиот договор. Тоа е „pacta sunt servanda“, или договорите треба да се чуваат и да се почитуваат”, рече претседателот Пендаровски.
Претседателот Пендаровски додаде дека се согласува со квалификацијата дека многу работи се направени во изминативе две ипол години во имплементација на Договорот.
„Јас би рекол најголемиот, најтешкиот дел се имплементирани, се разбира има уште неколку работи кои треба да се завршат, и ние имаме јасна политичка волја и намера да го спроведеме тој договор до последната буква“, истакна претседателот Пендаровски на средбата со претседателката на Хеленската Република.
Претседателот посочи дека Комисијата за историски, археолошки и образовни прашања и Комисијата за трговските брендови имаат договор за следна средба. „Тие имаа одреден застој во работата, но очекувам сега тоа време да се искомпензира, да се надомести и да почнеме со забрзан ритам да ги решаваме преостанатите прашања кои се на агенда“, додаде претседателот Пендаровски на средбата.
„Преспа нас ни овозможи да влеземе во НАТО Алијансата и следната наша цел за која очекуваме ваша помош и поддршка е да почнеме преговори со Европската Унија и да го заокружиме нашиот европски и евроатлантски сон. Да не заборавиме кој е целиот наслов на Преспанскиот договор. Тој не е само за решавање на проблемот со името, туку и за воспоставување на стратешко партнерство меѓу нашите две држави“, истакна претседателот Пендаровски на тет-а-тет средбата со претседателката Сакеларопулу.
На пленарниот состанок на двете делегации беше потврдена поддршката од Хеленската Република за европската перспектива на Република Северна Македонија и земјите од Западен Балкан и беше реафирмирана подготвеноста за целосно применување на Преспанскиот договор.
Претседателот Пендаровски истакна дека доследното спроведување на Преспанскиот договор ќе биде доказ дека Хеленската Република ги почитува преземените меѓународни обврски.
На состанокот, Претседателот се заблагодари за солидарноста и донираните вакцини, како и за помошта во справување со неодамнешните пожари во Гевгелија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Стоилковски: Разликата е над 150 илјади, обработени се 75 отсто од гласовите
Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски изјави дека разликата е над 150 илјади во корист на кандидатот за претседател Гордана Силјановска Давкова, по обработени над 75 отсто од гласовите.
Тој најави дека во 22 часот ќе има обраќање Силјановска Давкова, а во 22 и 30 ќе се обрати и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
Македонија
Јакимовски призна пораз, ѝ честиташе водство на Сиљановска и ѝ поска среќа во вториот круг
Лидерот на ГРОМ и претседателски кандидат, Стевчо Јакимовски, вечерва призна пораз и ѝ честиташе водство на Гордана Сиљановска-Давкова. Со оглед на поразот, рече дека не е задоволен од изборниот резултат.
„Јас ја одржувам оваа прес-конференција со цел да го признам поразот на овие претседателски избори, а воедно да ѝ честитам на водството на госпоѓата Гордана Сиљановска-Давкова и да ѝ посакам среќа во вториот изборен круг. Дали резултатите се задоволувачки-според мене нормално дека не се задоволувачки. Далеку се од очекувањата. Како и да е битно беше дека граѓаните на Република Македонија имаа избор. Избираа меѓу седум свои кандидати. Дали биле во право за тоа што го избрале, ќе видиме после пет години. Се надевам дека сите ќе бидеме живи и здрави и после пет години ќе констатираме дали изборот бил добар или не“, рече Јакимовски.
За да признае пораз тој не дочека Државната изборна комисија да ги преброи гласовите од сите избирачки места. Се прогласи за поразен со 60 отсто обработени гласови и освоени 4997 гласа.
Според досега обработените гласови во водство е Гордана Сиљановска-Давкова со 197741 глас, повеќе од двојн помалку гласови има актуелниот претседател Стево Пендаровски за кого гласале 97592 граѓани, зад него е Бујар Османи со 81.748 гласови, Арбен Таравари со 9591 гласа, Максим Димитриевски со т42296 гласа и Билјана Ванковска-Цветковска со освоени 23..472 гласа
Македонија
Таравари: Земјотресот почна, се надевам дека на 8 мај ќе дојде промената ДУИ да биде опозиција
Масовниот одѕив на гласачите на овие претседателски избори за Арбен Таравари, претседателски кандидат на коалицијата ВЛЕН, е показател дека промените се почнати. На првата прес-конференција по затворањето на избирачките места тој рече дека очекува победа на 8 мај.
„Земјотресот по се изгледа дека денеска почна со масовното учество на граѓаните во изборите, а се надевам дека на 8 мај ВЛЕН ќе победи и ќе дојде долго очекуваната промена ДУИ да биде во опозиција“, рече Таравари.
Тој јавно се заблагодари на граѓаните за масовниот одѕив и изрази надеж дека набљудувачите нема да дозволат злоупотреби на гласовите.
„Сега веќе се знае дека на овие избори имаше многу помасовно излегување на гласање отколку претходните избори што зборува дека промените ни се приближуваат и ни доаѓаат. Ние како ВЛЕН сме пресреќни дека добивме гласови генерално од Албанците. Сега веќе промените се внатре во кутиите кои веќе се отвораат. Се надевам дека нашите набљудувачи ќе ги контролираат и нема да дозволат да има злоупотреби и ќе се гарантира секој глас кој што е даден на демократски начин дека ќе излезе на површина“, рече Таравари.