Македонија
(Видео) Пендаровски на почетокот на проектот „Лице в лице со претседателот“ во посета на Велес
Претседателот Стево Пендаровски, во рамките на проектот „Лице в лице со претседателот“, денеска ја посети општина Велес. Toj заедно со градоначалникот Аце Коцевски засади садници на опожарените места крај езерото Младост. Станува збор за површина од 409 хектари зафатена со пожар кон крајот на август. Во моментот локацијата се расчистува и се подготвува за пошумување.
Идејата на овој вид посети, како што истакна претседателот Пендаровски, e да се види лице в лице со граѓаните, во нивните домови, работни места, во институциите, да поразговара за нивните проблеми, како и за можноста да им помогне.
„Јас знам дека за многу од нивните проблеми немам директна надлежност, меѓутоа, се разбира, можам да зборувам гласно, да ги предупредувам надлежните институции и да апелираме тоа да оди побргу. Бидејќи главната цел нам политичарите ни е да им го направиме животот полесен на граѓаните и мислам дека е добро што ние одиме кон нив и разговараме на дневна основа со граѓаните во државата, а не чекаме тие да ни напишат писмо“, истакна Претседателот.
Претседателот Пендаровски нагласи дека на овој начин им ја дава и својата поддршка на градоначалниците во извршувањето на нивните обврски.
„Се случува некојпат на градоначалниците гласот да не им стига до Скопје, до централната власт и ако има таква мискомуникација меѓу министерствата и некои од општинските власти, можам да помогнам“, рече претседателот Пендаровски, додавајќи дека тоа што тој како Претседател нема директна надлежност во решавањето на проблемите од локална природа, не го спречува да комуницира со општините и да настојува да помогне.
Претседателот Пендаровски го посети ООУ „Св. Кирил и Методиј“, едно од најстарите училишта во државата, основано во 1857 година, во кое учеле видни велешани, меѓу кои Рацин, Брашнаров, Прличко, Манасков. Во моментов е меѓу 10-те најдобри основни училишта во државата.
Во рамки на посетата на Велес, претседателот Пендаровски ја посети Територијалната противпожарна единица во Велес, каде одблиску се запозна со условите за работа. На средбата со командирот на единицата и пожарникарите беше констатирана потребата од инвестиција во човечки капитал и материјални средства. На средбата присуствуваше и пожарникарот, Нихат Бајрович, повреден при интервенција на пожар во Сопот во август.
„Генерално се согласувам дека состојбата со личната заштита и со опремата која ја користат овие единици не е на задоволително ниво, меѓутоа се прават напори во таа насока и јас се надевам и во Велес и во други места каде што тоа е неопходно ќе биде тоа видливо“, истакна претседателот Пендаровски, потенцирајќи ја важноста за овие проблеми да се зборува навремено, а не само кога се случуваат вакви немили настани.
За време на посетата на Велес, претседателот Пендаровски ја посети фабриката за прехранбени производи „Мирана“, каде се запозна со производствениот процес во фабриката. Пред сопствениците на компанијата, претседателот Пендаровски ги претстави своите заложби на економијата да и се даде приоритет.
Претседателот Пендаровски во Велес го посети семејството Богдановски, кои изработуваат виолини. Светозар Богданоски е сликар, самоук изработувач на виолини кој пред повеќе од три децении започнал да го изработува овој инструмент за потребите на неговиот син.
Во рамки на посетата на Велес, претседателот Пендаровски се сретна со претставници на граѓански организации, а ја посети и библиотеката „Гоце Делчев“, каде оствари средба со волонтерите од „Мировен Корпус“ кои помагаат на граѓани од Велес во изучување на англискиот јазик, како и со новинари од локалните медиуми.
Проектот „Лице в лице со Претседателот“ е инициран во изборната програма на претседателот Пендаровски. Целта е преку посети на населените места во Северна Македонија, претседателот Пендаровски да се сретне со што е можно повеќе граѓани, и одблиску да ги слушне проблемите и предизвиците со кои се соочуваат граѓаните, како и идеи за нивно надминување.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Македонската армија ѝ се заблагодари на Норвешка со знамето на Исланд
Од Армијата на Македонија ги измешаа знамињата на Норвешка и Исланд.
Во благодарноста на „Фејсбук“ триесетина минути стоеше, наместо норвешкото, знамето на Исланд.
„Моторните возила од Кралството Норвешка веќе се на својата крајна дестинација. По нивното распоредување, армиските единици ќе добијат поголема транспортната способност и мобилност“, напишаа од македонската Армија.
Македонија
Македонката Светлана Мојсов меѓу 100-те највлијателни личности во светот според магазинот „Тајм“
Македонката Светлана Мојсов, светски познат научник, чие истражување за хормоналните предизвикувачи за производство на инсулин доведе до револуционерни третмани за дијабетес и дебелина, е меѓу 100-те највлијателни личности во светот за годинава, според најновиот избор на американскиот магазин „Тајм“.
Таа се најде во овој престижен избор заедно со уште двајца научници, Џоел Хабенер и Ден Дракер, во сегментот „Пионери“, меѓу други влијателни личности, како Америка Ферера, Лесли Локо, Офелија Дал, Кенеди Одеде и други.
Како што пишува Алис Парк, виш дописник на „Тајм“, во образложението за изборот на Мојсов, Хабенер и Дракер, појавата на ефикасни лекови за слабеење, како што е „вегови“ (Wegovy), е кулминација на долгогодишната тимска работа.
Научниците во Европа и во САД, кои први работеа на лековите за дијабетес, направија критична врска помеѓу инсулинот и инкретините, дел од семејството цревни хормони, познати како глукагони, со што им помогнаа да разберат како да управуваат со нивото на шеќерот во крвта и тежината.
Во годинашната листа на магазинот „Тајм“ во категоријата највлијателни лидери се сопругата на починатиот руски опозиционер, Јулија Навални, кинескиот премиер Ли Џијанг, полскиот премиер Доналд Туск, аргентинскиот претседател Хавиер Милеи и италијанската премиерка Џорџа Мелони меѓу лидерите.
Покрај нив, помеѓу највлијателните лидери се и бразилската министерка за животна средина и климатски промени, Марина Силва, директорот на ЦИА, Вилијам Барнс, и шефот на кабинетот на украинскиот претседател, Андриј Јермак.
Во изборот на највлијателните личности на американскиот весник се најдоа и јапонскиот режисер Хајао Мијазаки, британската пејачка со албанско потекло, Дуа Липа, британскиот актер Дев Пател и австралиската пејачка Кајли Миног.
Македонија
Приведено уште едно лице за кражбата на сефот во Црниче
Приведено е уште едно лице за кражбата на сеф од маркет во Црниче.
Од МВР информираа дека вториот приведен е В. Т. (36) од Скопје.
Претходно, Обвинителството објави дека приведен е 26-годишен скопјанец, кој учествувал во кражбата.
Со тоа, двајцата се сомничат дека на 1 април провалиле во затворен маркет на улицата Востаничка во Скопје, одзеле метален сеф во вредност од 12.000 денари, дневен промет во износ од 228.000 денари и цигари вредни 45.000 денари, или сѐ во вкупна вредност од 285.000 денари.
ОД МВР информираа дека судија на претходна постапка на едното лице му определи мерка притвор.