Македонија
(Видео) Пендаровски засади садници на опожарените места крај езерото Младост
Претседателот Стево Пендаровски во рамки на проектот „Лице в лице со претседателот“, денеска ја посети општина Велес. Воден од заложбата да биде претседател на сите, ќе остварува директни средби со граѓаните коишто на различен начин придонесуваат во нашето општество, односно учители, пожарникари, новинари, граѓански организации, успешни поединци и бизнисмени, хумани лица.
„Идејата на овој проект е, како што порано беше пракса, за жал на некои места и сега е така, граѓаните да доаѓаат и да се поплакуваат на политичките авторитети, вклучително и кај Претседателот, Претседателот да дојде кај нив и да ги праша што им треба, кои се проблемите, како можеме да помогнеме, има ли некоја работа која можеме да ја направиме повидлива за надлежните државни институции да ја решат. И се разбира, во тој концепт, во тие рамки ќе зборуваме и за убавите работи“, потенцираше Пендаровски.
Овој вид на активности, денеска претседателот Пендаровски ги започна од Велес, градот познат по книжевноста, но и по силната граѓанска еколошка свест.
На почетокот на посетата претседателот Пендаровски, заедно со градоначалникот Аце Коцевски, симболично засади садници на опожарените места крај езерото Младост, зафатени за време на пожарите во август годинава. Потоа, претседателот Пендаровски го посети ООУ „Св. Кирил и Методиј“, коешто е изградено во 1857-та година и е едно од најстарите училишта во земјата. Исто така, претседателот Пендаровски ја посети и Територијалната противпожарна единица во Велес. На средбата со командирот на единицата и пожарникарите беше констатирана потребата од инвестиција во човечки капитал и во нова опрема.
„Најприродно е, најлогично е, во секоја демократија тоа се работи – избраните политички претставници на граѓаните и граѓаните на дневна основа да соработуваат, да се слушаат и да работат за заедничко добро“, заклучи претседателот Пендаровски.
Претседателот Пендаровски додаде и дека ваков вид на активности ќе остварува еднаш до два пати месечно во различни градови и села во земјата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Левица: Решението за градба кај болничкиот комплекс „Воена болница“ да се поништи веднаш
„Го повикуваме градоначалникот Стевчо Јакимовски да ги почитува законите и да го поништи Решението за градба на 17-катницата кај Болничкиот комплекс „Воена болница“, истакнуваат од Левица.
Потсетуваат дека политичката партија Левица повеќепати укажа на штетноста од градбата на повеќекатницата на истата локација, паралелно организираше протест на којшто граѓаните јавно го искажаа незадоволството од своеволието на градоначалникот и инвеститорите за противзаконската одлука на истите да почнат со градба на зграда за којашто немаат законска дозвола.
„Од пред неколку дена е правосилно Решението со кое се поништува незаконски позитивното конзерваторско мислење, кое се обидоа да го издејствуваат инвеститорите, а истото, по наши сознанија, е пристигнато во Општината на 21.3.2024 година, по што градоначалникот треба веднаш во законски рок да постапи по истато. За жал, Решението за градба уште не е поништено.
Од општинската администрација не даваат одговори по однос на прашањето по Решението со кое се одбива жалбата на инвеститорите, но успеавме да го добиеме, бидејќи е информација од јавен карактер“, дообјаснуваат од оваа партија.
Го повикуваат градоначалникот Стевчо Јакимовски во пресрет на изборната претседателска кампања да се одважи, како што велат, да ги испочитува законите и да го поништи Решението за градба веднаш, како би докажал пред граѓаните дека, навистина, ги застапува нивните интереси“.
Македонија
Инспектори затекнале диви менувачници на Бит Пазар, но наместо да ги запечатат им дозволиле да си работат
Полицијата поднесе кривична пријава против шест инспектори, вработени во Државен пазарен инспекторат, и тоа: С.Б.(32), Ј.Р.(54), В.М.(47), Б.С.(46),С.С.(61) и Р.Б.(37), сите од Скопје, поради злоупотреба на службена положба и овластување.
Во текот на март и април 2023 година, вршејќи контрола кај три менувачници, лоцирани во близина на Бит Пазар, а за кои што било утврдено дека не биле регистрирани како фирми и не поседувале лиценци издадени од НБРМ за вршење менувачко работење а подолг временски период работеле како менувачници, инспекторите на затекнатите лица во дивите менувачници биле должни да им изречат решение за забрана за вршење на дејност, да им ги запечатат објектите, да им ги одземат предметите, опремата и средствата со кои е направен прекршокот како и да им изречат глоба во износ од 1000 до 20.000 евра во денарска противвредност.
Но, пријавените пазаришни инспектори ги прекршиле сите одредби од наведениот закон и во три извршени вонредни инспекциски надзори на затекнатите лица во сите три објекти како менувачници, ниту им издале решение за забрана за вршење на нерегистрирана дејност, ниту им ги запечатиле просториите каде што ја вршеле противзаконската активност, ниту им ги одзеле средствата, предметите и опремата со кои е направен прекршокот ниту пак им изрекле глоба во износ од 1.000 до 20.000 евра.
Напротив, во сите три извршени вонредни надзори на сите три менувачници на секој од сопствениците им изрекле еднократна парична глоба во износ од 80 евра во денарска противредност и ги оставиле и понатаму менувачниците редовно да работат, со што постапиле спротивно на законот за забрана и спречување на вршење на нерегистрирана дејност и со неизвршување на својата службена должност го сториле кривичното дело „злоупотреба на службената положба и овластување“.
Македонија
Митрески – Бомгартнер: Северна Македонија и Франција имаат одлични односи, меѓусебната соработка и поддршка ќе се продлабочат
Претседателот на Собранието Јован Митрески денес оствари средба со aмбасадорот на Француската Република во Република Северна Македонија, Сирил Бомгартнер.
Изразувајќи задоволство од одржувањето на средбата, Митрески ја констатираше одличната соработка меѓу двете држави и особено соработката на парламентарен план.
Амбасадорот Бомгартнер, честитајќи му го изборот за претседател на Собранието, се сложи со констатациите за интензивираната динамика на меѓусебна соработка. Во тој контекст, ги поздрави средбите на парламентарци од Собранието на Република Северна Македонија и Националното собрание и Сенатот на Француската Република во изминатите години, како позитивен тренд кој треба да продолжи и во иднина.
Информираше за претстојната посета на претседателката на Групата за пријателство од Лилијана Танги на земјата, како дел од набљудувачката мисија на ОБСЕ за претстојните претседателски и парламентарни избори.
Беше посебно поздравено одржувањето на втората едукативна активност во Собранието „Имам став-Млад франкофонски парламент”, во рамките на одбележувањето на март – месец на Франкофонијата, еден исклучителен настан и манифестација која полека прераснува во една убава собраниска традиција.
Двајцата соговорници разменија мислења за актуелните собраниски активности, текот на изборите и конституирањето на новиот парламентарен состав. Беше изразена општа согласност за потребата од унапредувањето на соработката во доменот на културата, економијата, енергетиката и други области од взаемен интерес за двете земји, како и за потребата од зголемување на бројот на француски инвестиции во земјата.