Македонија
(Видео) Поповски: Целосна поддршка на новинарската професија и почитување на новинарските стандарди во борбата против лажните вести
Министерот за комуникации, отчетност и транспарентност, Роберт Поповски, учествуваше на дебата на тема „Професионална поставеност на новинарската професија – предизвици и компаративни искуства“ што се одржа денеска во организација на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ).
„Владата има обврска да ја почитува слободата на говорот и изразување. Еден од фундаментите, столбовите на оваа Влада е токму тоа, целосна недвосмислена поддршка на слободата на говорот и на слободата на изразување. Тоа значи целосна поддршка на слободата на новинарската професија и почит на професионалните стандарди. Токму затоа постојано велиме дека саморегулацијата ја има нашата целосна поддршка и секогаш ќе стоиме зад она што еснафот, професијата, смета дека е најдобро како решение за било кое од овие прашања. Меѓутоа, исто така Владата има обврска да ги штити правата и интересите на граѓаните“, истакна Поповски.
Поповски ја истакна важноста на изнаоѓање заедничко решение за борбата со лажните вести, нарекувајќи ги новото оружје за масовно уништување. Зборувајќи за концептот Отворена Влада, транспарентноста на институциите, медиумската писменост и Предлог планот за одлучна акција против ширење дезинформации и напади врз демократијата, Поповски најави серија на средби и јавни дебати за креирање на проактивни мерки за борба со ова современо зло.
„Граѓаните, сите ние во оваа земја се наоѓаме под една изразена агресија на неточни, лажни вести, дезинформации, полуинформации, шпекулации коишто се креираат, се создаваат од овде од дома, но доаѓаат и од надвор. Јас отворено кажувам и дури некогаш оваа состојба ја дефинирам како специјална војна која што и се случува на државата. Не сме единствени, многу земји и во Европа и секаде го доживуваат ова, но ние имаме обврска да си ги гледаме нашите состојби и да се обидеме да најдеме одговор, решение на појавата што ја загрозува секоја индивидуа во општеството“, рече Поповски.
Тој ја потенцираше поддршката на Владата за изработка на регистарот на медиуми од страна на Советот за етика на медиумите (СЕММ) во соработка со Здружението на новинари (ЗНМ) и останатите медиумски организации.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Манолева: По 43 години, болницата во Отешево доби комплетно нов лик, современи услови за третман и медицинска опрема
Заменик министерката за здравство д-р Маја Манолева, вчера беше во посета на ЈЗУ Специјализирана болница за превенција лекување и рехабилитација на хронични респираторни неспецифични и алергиски заболувања ОТЕШЕВО. Оваа јавно-здравствена установа минатата година доби комплетно нов лик со реновиран болнички објект финансиски поддржан од Министерството за локална самоуправа и Владата на Швајцарија во висина од 20 милиони денари.
„Со имплементацијата на овој проект подобрени се болнички услови за третман на пациенти, поставен е нов мебел како донација од Луксембург, а собите се наместени со нов инвентар. Сите амбуланти, лабораторија, дневна соба, ехо кабинет, соба за спирометрија и алерго тестови се позиционирани во реновираниот објект. Како што можевме да видиме од посетата амбулантите веќе функционираат во реновираните простории. Специјализираната болница Отешево нуди современи услови за третман на пациенти и достоинствени услови за работа на здравствените работници“, рече Манолева.
Болницата во Отешево опстојува повеќе од 43 години и ова е прво реновирање кадешто значително се унапредени болничките услови. Во изминатиот период, установата се зајакна и со два апарати за физикална медицина и рехабилитација во склоп на проектот во вредност од 270 илјади денари.
Македонија
Притвор од 48 часа за две лица кои се задржани по убиството на лекарот во Железара
Со оглед на тоа што се уште се преземаат дејствија за обезбедување докази, јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје синоќа до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка краткотраен куќен притвор во траење од 48 часа за две од лицата кои беа задржани во врска со убиството на лекар во скопската населба Железара, извести Обвинителството.
Како што велат од Обвинителството, предлогот е прифатен и бараната мерка е определена.
Македонија
„Мицковски е ист како Груевски, злоупотребени децата во Гевгелија“, вели СДСМ
„Христијан Мицкоски е ист како неговиот претходник и ментор Никола Груевски. За врме на посетата на Мицкоски на Гевгелија беа злоупотребени млади лица и ученици, исто како што правеше Груевски, кога се редеа деца за да го поздравуваат“, соопшти СДСМ.
„На ист начин вчера, под палка на локалната власт на ДПМНЕ во Гевгелија беа поставени ученици да му аплаудираат, овој пат на Мицкоски.
Мицкоски е ист како Груевски. Во ДПМНЕ нема никакви промени. Тоа се истите методи на ДПМНЕ и истите ликови.
Мицкоски сака да продолжи каде застана Груевски.
Граѓаните не забораваат како изгледаше кога менторот на Мицкоски, Груевски нѐ заглави и не донесе до дното“, се наведува во соопштението на СДСМ.