Македонија
(Видео) Пратеникот од СДСМ, Костадин Ацевски, демантира дека ја натепал сопругата
Пратеникот од СДСМ, Костадин Ацевски, ги демантира наводите во медиумите дека ја натепал сопругата. Тој рече дека најодговорно тврди оти се нема случено никакво физичко, психичко, вербално, ниту какво било насилство од негова страна врз сопругата.
„Објавените информации денеска за наводно семејно насилство во мојот дом се кулминација на серијата лажни вести и невистини што одредени медиуми блиски до ВМРО-ДПМНЕ во континуитет ги пласираат за мене и моето семејство. Најостро и целосно ги демантирам и ги отфрлам и осудувам пласираните невистини за наводно семејно насилство во мојот дом или предизвикано од мене. Ова го квалификувам како бесрамна лага, манипулација и злоупотреба на малолетни деца, семејни односи и недоразбирања во дневнополитички цели. Најодговорно тврдам дека се нема случено никакво физичко, психичко, вербално, ниту какво било насилство од моја страна врз сопругата“, рече Ацевски.
Според него, нападите врз него и, како што рече, пласираните невистини, биле изведени синхронизирано од медиуми блиски до ВМРО-ДПМНЕ и рече дека никој не побарал негов став.
„Насилството не е и никогаш нема да биде мој начин на решавање на недоразбирањата. Како одговорна личност, ги повикувам сите надлежни институции уште еднаш да го проверат случајот и да ја информираат јавноста. Ако има вина за какво било постапување, веднаш сум подготвен да поднесам оставка од функцијата и ќе преземам целосна одговорност“, рече Ацевски.
Тој апелира до медиумите невистините да ги заменат со вистини, конструкциите со факти и да престанат да злоупотребуваат лични човечки судбини.
„Исто така, апелирам колешката Благица Ласоска да ги провери фактите и потоа да упати јавно извинување за дадената денешна изјава, во спротивно ќе сметам дека и таа е дел од конструкцијата и пласирањето лажни вести и невистини“, рече Ацевски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Петровска: Судот донесе одлука дека Ковачки неправедно ме клеветел
Министерката за одбрана, Славјанка Петровска објави дека судот донел одлука со која се утврува дека пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Драган Ковачки, неправедно ја клеветел.
„Основниот граѓански суд во Скопје по сите прикажани докази од моја страна донесе одлука со која се утврдува дека тужениот Драган Ковачки искажал невистини и лаги односно неправедно ме клеветел во јавност со цел да ми го наруши угледот и честа во очите на јавноста, Овој е само еден од низата примери на неодговорно, нечесно и валкано однесување на политичката сцена од страна на Ковачки“, пишува Петровска.
Во продолжение таа додава дека не сака пари од нечесник и се откажува од паричниот надомест.
„Секој го прави тоа што најдобро го знае, тие со лагите, јас со труд и одговорна и чесна работа“, додава Петровска.
Македонија
Манолева: По 43 години, болницата во Отешево доби комплетно нов лик, современи услови за третман и медицинска опрема
Заменик министерката за здравство д-р Маја Манолева, вчера беше во посета на ЈЗУ Специјализирана болница за превенција лекување и рехабилитација на хронични респираторни неспецифични и алергиски заболувања ОТЕШЕВО. Оваа јавно-здравствена установа минатата година доби комплетно нов лик со реновиран болнички објект финансиски поддржан од Министерството за локална самоуправа и Владата на Швајцарија во висина од 20 милиони денари.
„Со имплементацијата на овој проект подобрени се болнички услови за третман на пациенти, поставен е нов мебел како донација од Луксембург, а собите се наместени со нов инвентар. Сите амбуланти, лабораторија, дневна соба, ехо кабинет, соба за спирометрија и алерго тестови се позиционирани во реновираниот објект. Како што можевме да видиме од посетата амбулантите веќе функционираат во реновираните простории. Специјализираната болница Отешево нуди современи услови за третман на пациенти и достоинствени услови за работа на здравствените работници“, рече Манолева.
Болницата во Отешево опстојува повеќе од 43 години и ова е прво реновирање кадешто значително се унапредени болничките услови. Во изминатиот период, установата се зајакна и со два апарати за физикална медицина и рехабилитација во склоп на проектот во вредност од 270 илјади денари.
Македонија
Притвор од 48 часа за две лица кои се задржани по убиството на лекарот во Железара
Со оглед на тоа што се уште се преземаат дејствија за обезбедување докази, јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје синоќа до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка краткотраен куќен притвор во траење од 48 часа за две од лицата кои беа задржани во врска со убиството на лекар во скопската населба Железара, извести Обвинителството.
Како што велат од Обвинителството, предлогот е прифатен и бараната мерка е определена.