Македонија
(Видео) Презентиран проектот за брз автобуски превоз во Скопје: Oд Ново Лисиче до Ѓорче Петров за 30 минути
Потребите на граѓаните за користење јавен превоз, трасите по кои ќе се движaт т.н. трамваи на тркала, организацијата на станиците и наплатата на билетите беа главните теми на кои дискутираа експертите по денешната презентација на системот за брз автобуски превоз (БРТ) во Скопје, која се одржа во хотелот „Хилтон“.
На презентацијата присуствуваа градоначалникот Петре Шилегов, помошник-директорот на ЕБОР, Јан Џенингс, сообраќајниот експерт од областа на јавен градски превоз, Никола Крстаноски, сообраќајниот експерт за БРТ, Градимир Стефановиќ, генералниот менаџер на израелската компанија „РОМ транспортејшн“, Моше Хирш, вицепремиерот Љупчо Николовски, претседателката на Советот на Град Скопје, Љубица Јанчева, градоначалници и претставници од невладиниот сектор.
Професорот Никола Крстаноски од Техничкиот факултет во Битола, каде што држи настава по предметите Јавен градски превоз и Урбани транспортни системи, кој магистрирал и докторирал во САД, беше категоричен дека Скопје доцни 40 години да направи квалитетен исчекор во унапредување на јавниот превоз.
„Системот за брз автобуски превоз е нов тип на јавен градски превоз, со физички издвоена траса за автобусите, со станици од затворен тип, со приоритет на сигнализираните крстонсици, информации за патниците во реално време, како и со паметни билети. Наплатата, односно валидацијата на билетите ќе се врши на самата станица што ќе овозможи што е можно пократко задржување на возилата на брзиот автобуски систем на станиците заради влез и излез на патниците“, посочи професорот.
Со БРТ се воспоставуваат две линии со коридори резервирани само за ултраеколошките автобуси – од Ѓорче Петров до Ново Лисиче и од Бутел до Кисела Вода. Трасата со правец запад-исток е во должина од 12,8 км во една насока, со 21 станица, а трасата со правец север-југ е во должина од 10,4 км и 20 автобуски станици.
Професорот Крстаноски нагласи дека делницата од Ново Лисиче до Ѓорче Петров, од крај до крај ќе се поминува за околу 30 минути. Меѓу станиците се постигнува брзина на движење од 50 километри на час.
„Според меѓународната методологија за рангирање на брзите автобуски системи овој систем е бодиран како сребрен стандард, меѓу највисоките стандарди. Во Европа таков систем има уште во Руен, Франција и во предградие на Париз“, објасни тој.
Крстаноски дополни дека физичката издвоеност на трасата во 82% од вкупната должина е со зелен појас, што, како што кажа, е најквалитетен начин на издвојување; во централниот дел – околу 400 метри е пешачка зона во која се допуштени само возила на БРТ, а има и неколку кратки делници како улиците 11 Октомври, ВМРО и Кочо Рацин каде што не е можно одвојување со зелен појас, туку со сепаратори т.н. „армодило“.
Генералниот менаџер на израелската компанија „РОМ Транспортејшн“, Моше Хирш, во своето обраќање пред присустните рече дека нивната мисија е БРТ системот целосно да се интегрира со постојниот автобуски систем кој е стар и треба да се реструктурира.
„Ќе направиме студии за да видиме што им треба на граѓаните на Скопје, каде живеат, каде сакаат да патуваат, во кој временски период и како. Станиците на автобусите од постојниот автобуски превоз и станиците на БРТ ќе бидат најблиску што може“, објасни Хирш.
Според Градимир Стефановиќ, од англиската компанија ГСТЦ ЛТД од Лондон, кој воедно е и активен член на Лајт Реил Комитетот на Меѓународната асоцијација за јавен транспорт околу 200 градови во светот го имплементираат БРТ транспортот.
„Што е БРТ? Тоа е систем. Систем кој наликува на метро или на лесна железница, за патници коишто секојдневно ќе го користат. Тој систем ќе се состои од модерни автобуси со голем капацитет и безбедни коридори по кои ќе се движат, но не премногу брзо“, рече Стефановиќ.
Воведувањето на БРТ во Скопје на двете делници од Ново Лисичи до Ѓорче Петров и од Кисела Вода до Бутел ќе чини 70 милиони евра кои се обезбедени преку заем од ЕБОР.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Скопје
Герасимовски: Конечно Работнички се враќа на шампионските патеки
Градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски вчера вечер присуствуваше на тренингот на КК Работнички во салата Кале. Со кошаркарите разговараа за издигнувањето на тимот и потребите за достигнување на високи резултати и на следните натпревари.
„Сакам да се заблагодарам пред се и на тренерот на цел стручен тим но и на сите играчи за одличните резултати коишто ги имаме годинава. Успеавме со клубот од невозможно да направиме возможно. Клубот којшто го начекавме пред две години на 10то место со 4-5 неисплатени плати и долг од 600 000 евра да го вратиме на победничките патеки. Важно е што во моментов табелата трепка што сме на прво место и се надевам дека тоа така ќе остане и до крај. Јас верувам дека ќе имаме успех оваа сезона и уште поголем успех следната“, им порача Герасимовски на кошаркарите.
При средбата Герасимовски ги извести играчите дека општина Центар го има имотниот лист на салата и успеа да го исполни ветувањето дека ќе ја врати сопственоста на салата под ингеренции на општината.
Општина Центар на крајот на минатата година доби финансиски средства од Владата во вредност од 30 милиони денари наменети за реконструкција на салата, при што Герасимовски ги информираше играчите со процесот и проект планот кој е веќе во изработка за реновирање на матичната сала на Работнички. Конечно Работнички се враќа на шампионските патеки, ви благодарам за тоа, порача Герасимовски.
Македонија
Петровска: Судот донесе одлука дека Ковачки неправедно ме клеветел
Министерката за одбрана, Славјанка Петровска објави дека судот донел одлука со која се утврува дека пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Драган Ковачки, неправедно ја клеветел.
„Основниот граѓански суд во Скопје по сите прикажани докази од моја страна донесе одлука со која се утврдува дека тужениот Драган Ковачки искажал невистини и лаги односно неправедно ме клеветел во јавност со цел да ми го наруши угледот и честа во очите на јавноста, Овој е само еден од низата примери на неодговорно, нечесно и валкано однесување на политичката сцена од страна на Ковачки“, пишува Петровска.
Во продолжение таа додава дека не сака пари од нечесник и се откажува од паричниот надомест.
„Секој го прави тоа што најдобро го знае, тие со лагите, јас со труд и одговорна и чесна работа“, додава Петровска.
Македонија
Манолева: По 43 години, болницата во Отешево доби комплетно нов лик, современи услови за третман и медицинска опрема
Заменик министерката за здравство д-р Маја Манолева, вчера беше во посета на ЈЗУ Специјализирана болница за превенција лекување и рехабилитација на хронични респираторни неспецифични и алергиски заболувања ОТЕШЕВО. Оваа јавно-здравствена установа минатата година доби комплетно нов лик со реновиран болнички објект финансиски поддржан од Министерството за локална самоуправа и Владата на Швајцарија во висина од 20 милиони денари.
„Со имплементацијата на овој проект подобрени се болнички услови за третман на пациенти, поставен е нов мебел како донација од Луксембург, а собите се наместени со нов инвентар. Сите амбуланти, лабораторија, дневна соба, ехо кабинет, соба за спирометрија и алерго тестови се позиционирани во реновираниот објект. Како што можевме да видиме од посетата амбулантите веќе функционираат во реновираните простории. Специјализираната болница Отешево нуди современи услови за третман на пациенти и достоинствени услови за работа на здравствените работници“, рече Манолева.
Болницата во Отешево опстојува повеќе од 43 години и ова е прво реновирање кадешто значително се унапредени болничките услови. Во изминатиот период, установата се зајакна и со два апарати за физикална медицина и рехабилитација во склоп на проектот во вредност од 270 илјади денари.