Македонија
(Видео) Рама домаќин на Заев: „Односите меѓу двете земји никогаш не биле подобри“
Премиерот Зоран Заев е во официјална посета на Албанија, што ја почна со средба со својот албански колега Еди Рама.
Како што информираат од владината прес-служба на конференција за печат по средбата, Рама го оценил договорот од Преспа како историско достигнување.
„Договорот го отвори патот кон НАТО и ослободи позитивна енергија кон заедничкиот пат во ЕУ-интеграциите. Му благодарам на премиерот Заев за храброста да се отвори патот на хармонија на меѓуетничките односи во државата. Република Албанија во Република Северна Македонија гледа стратешки партнер и на полето на стабилноста на регионот“, нагласи албанскиот премиер.
Заев како гостин им се заблагодари на Рама, на Владата и на граѓаните на Албанија за топлиот пречек.
„Благодарам од име на граѓаните, на Владата на Република Северна Македонија и од мое име што нашиот голем пријател, Република Албанија, беше третата земја членка на алијансата што во брза процедура во парламентот го ратификува протоколот за пристап на Република Северна Македонија во НАТО“, истакна Заев.
Тој ги искажа очекувањата до крајот на годинава државата да се приклучи во алијансата како рамноправна 30-та земја членка на НАТО.
„Паралелно со овие очекувања нашите надежи се фокусирани и на јуни 2019 година за отворање на пристапните преговори со ЕУ. Јуни 2019 година е важен датум за европските перспективи на нашите две држави, како за Република Северна Македонија така и за Република Албанија“, посочи Заев.
Потоа, премиерот се осврна и на важноста на дијалогот во напорите за напредок на државите и на планот на евроинтеграциите.
„Искуството ни покажа дека дијалогот и разумната соработка меѓу сите фактори во општеството, особено меѓу власта и опозицијата, е тоа што ѝ обезбедува на државата пат за напред и сметаме дека тоа е начинот сите држави на Балканот да се движат напред и да ја остварат својата индивидуална европската стратешка цел“, рече Заев.
Тој во своето обраќање зборуваше и за економската соработка во регионот, како нешто што се очекува од Европската Унија.
„Ако бидеме економски посилни држави, тоа ќе биде аргумент плус во европските аспирации на нашите две земји. Ја унапредуваме и билатералната соработка меѓу Северна Македонија и Албанија. Ги мотивираме бизнис-коморите на нашите две земји на уште поблиска соработка. Проектот One stop shop на граничниот премин Ќафасан очекуваме да ја зголеми мобилноста на луѓе и стоки и општо трговијата. А посветено продолжуваме да работиме и на интерконективноста, изградбата на патна и железничка инфраструктура, пред сè, во рамките на Коридорот 8“, изјави Заев.
Премиерот Рама во одговорите на новинарски прашања нагласи дека односите помеѓу двете држави не биле никогаш подобри од денес.
Во рамките на официјалната посета на Тирана, Заев и владината делегација ќе се сретнат и со претседателот на албанскиот парламент, Грамоз Ручи. Премиерот во официјалната посета е придружуван од вицепремиерот задолжен за европски прашања, Бујар Османи, министерот за надворешни работи, Никола Димитров, и заменик-министерот за култура, Владимир Лазовски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Спасовски: Минимална пензија од 20.000 денари и просечна пензија од 30.000 денари
Носителот на листа на кандидати за пратеници од Изборна единица 2, предводена од СДСМ и Коалицијата за европска иднина, Оливер Спасовски, оствари средба со пензионерите од Куманово.
„Во спектарот на еднаквите можности за сите е и грижата за нашите највозрасни граѓани – пензионерите. Токму затоа, не се откажуваме! Продолжуваме со подобрување на животниот стандард на пензионерите. Во следниот мандат предвидуваме минимална пензија од 20.000 денари и просечна пензија од 30.000 денари. СДСМ и коалицијата “За европска иднина” продолжуваат да вложуваат на вистинскиот пат, патот кон Европа каде нашата земја ќе продолжи да се развива со нови работни места, повисоки плати, повисоки пензии и подобар животен стандард за сите”, истакна Спасовски.
Македонија
Спречени 3.000 вработувања и унапредувања предложени од техничката Влада
Управниот суд ги поништи решенијата за вработување и унапредување на над 3.000 вработени во Министерството за финансии и јавниот сектор бидејќи се прекршил Законот за техничката влада, соопшти заменик-министерката за финансии, Елена Петрова.
Како што вели, иако одлуките морало да бидат одобрени со нејзин потпис, како што предвидува Законот за техничката влада, министерот Бесими ги потпишал сам.
„Незаконити се одлуките на министерот за финансии и државниот секретар во Министерството за финансии по спроведените постапки за вработување и унапредување во Министерството за финансии, како и одлуките на министерот за финансии за давање согласности за вработување во јавниот сектор, сите донесени по формирањето на преодната Влада за организирање на изборите. Ова е потврдено со судски одлуки. Вишиот управен суд донесе две пресуди во моја корист, со кои ги поништи како незаконити одлуките на ДИК, кои беа донесени врз основа на барање на Министерството за финансии“, рече Петрова и додаде:
„Со поништувањето на одлуките на ДИК сите наведени акти поврзани со вработување во Министерството, кои не се потпишани со врзан потпис на министерот за финансии и на дополнителниот заменик-министер, не произведуваат правно дејство. Тоа се однесува и на издадените согласности за вработувања по сите основи во целиот јавен сектор, како и почнатите постапки врз основа на тие согласности“.
Македонија
Македонската армија ѝ се заблагодари на Норвешка со знамето на Исланд
Од Армијата на Македонија ги измешаа знамињата на Норвешка и Исланд.
Во благодарноста на „Фејсбук“ триесетина минути стоеше, наместо норвешкото, знамето на Исланд.
„Моторните возила од Кралството Норвешка веќе се на својата крајна дестинација. По нивното распоредување, армиските единици ќе добијат поголема транспортната способност и мобилност“, напишаа од македонската Армија.