Македонија
(Видео) Ристовски ја претвори ИНТЕГРА во секта, изјави Зафировски кој влезе во ВМРО-ДПМНЕ
Поранешниот потпретседател на политичката партија ИНТЕГРА, Воислав Зафировски заедно со дел од досегашни структури на политичката партија, влегува во опозициската ВМРО-ДПМНЕ.
На прес-конференција, Зафировски го обвини претседателот на ИНТЕГРА, Љупчо Ристовски дека ја претворил партијата во секта.
Тој рече дека од ИНТЕГРА во ВМРО-ДПМНЕ преминуваат и меѓународниот секретар на партијата, носителот на изборната листа од петтата изборна единица, координаторот на шестата изборна единица, како и други носители на различни функции во рамки на претседателството, но и лидерските тимови на ИНТЕГРА. Покрај членовите на претседателството, вели Зафировски, во ВМРО-ДПМНЕ преминуваат поголемиот број претседатели и членови во општинските комитети на ИНТЕГРА во Карпош, Центар, Велес, Битола, Ресен, Демир Хисар, Штип, Новаци, Могила, а најава има и од поголем број други општински комитети.
Од партијата ИНТЕГРА, пак, претходно соопштија дека нема преминување на раководството бидејќи тоа било разрешено и оти партијата функционира монолитно. Од ИНТЕГРА истакнаа дека Зафировски бил разрешен минатиот месец поради преминат праг на морална грешка, но Зафировски негира и тврди дека вистинската причина за разрешувањето била негова колумна во која се препознал претседателот на партијата, Љупчо Ристовски.
Зафировски наведе и дека разрешувањето се случило на седница за која тој лично не бил информиран. Го обвини Ристовски дека на изборите одработил за актуелната власт.
„Деспотскиот однос на лидерот на ИНТЕГРА, Љупчо Ристовски и неговата фикција дека тој е пророк и месија пратен од Бога и ќе ја спасува Македонија на посебен начин ги сруши принципите за кои заеднички се боревме. Ја претвори партијата во трговско друштво и секта каде самиот тој е партијата“, рече Зафировски.
На прес-конференцијата се обрати и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски кој истакна дека ВМРО-ДПМНЕ со дел од раководството на политичката партија ИНТЕГРА, изминатите недели биле во интензивна комуникација, пришто имале плодни разговори и пронашле заеднички ставови на теми кои ги засегаат граѓаните.
Мицкоски најави дека деновиве ќе следи процес на окрупнување на опозицискиот фронт со групации, здруженија на граѓани, политички партии и поединци.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Беќаровски навести дека си оди од Токсикологија: Дон Кихот конечно го напушта оклопот
Доктор Нико Беќаровски навести дека ќе си замине од Клиниката за Токсикологија.
Во статус на социјалните мрежи, Беќаровски порача дека е време на приватните клиники да се отвори Одделение за детоксикација и Клиничка токсикологија.
„35 години бев најголем борец за здрав јавен здравствен сектор. Дон Кохот конечно го напушта оклопот. Време е во некоја од приватните болници да се отвори Одделение за детоксикација и клиничка токсикологија. Бројот на консументи на психоактивни супстанции секојдневно расте“, пишува Беќаровски.
Ова се случува откако вчера на прес-конференција заедно со уште пет докторки од Стручниот колегиум на Клиниката за токсикологија јавно ја прозваа економската директорка на Клиниката за токсикологија Бесија Иљази, дека не дозволува вработување на двајца дипломирани биолози и еден болничар. Наместо, тоа, таа инсистира да се вработат осумнаесетмина на кои им истекле договорите за дело, а меѓу нив има лица кои немаат соодветно образование.
Беќаровски кој е раководител на Одделението за интензивна нега на Клиниката рече дека едниот од нив, болничар, вршел притисок врз лаборант- барал урина во која имало наркотици, да биде сменета со урина која е чиста, ама лаборантот не прифатил.
За образованието на Иљази, лекарите не знаат ништо, ниту за познавањето на јазици – со оглед на тоа што македонскиот не го зборува, а Беќаровски се обидел да комуницира со неа на англиски јазик.
Министерот за здравство Илир Демири најави разрешување на медицинскиот директор на Клиниката за токсикологија, д-р Данил Петровски, но не и економската директорка бидејќи немал сознанија за прекршок.
Македонија
Дожд и снег на повисоките места: ЦУК апелира на внимателност поради најавените метеоролошки промени
ЦУК апелира за внимателност заради најавените метеоролошки промени со дожд, со доумерен ветер и со снег на повисоките места.
Кога се оди со возило на планините е препорачливо да се има полн резервоар гориво и да се внимава на лизгавоста и проодноста на патот, велат од ЦУК.
„Сите итни случаи се пријавуваат на Единствениот повикувачки број за итни случаи 112 во ЦУК, особено кога граѓаните имаат животозагрозувачки ситуации“, се наведува во соопштението.
Истовремено, ЦУК информира дека е потребно и корисно да се следат препораките и информациите од медиумите за превенција, а и за реагирање при итни случаи.
„Во реонот на автопатот A2 Кичево-Охрид, што е во изградба, во период од 12 до 16 часот ако се слушнат силни детонации, граѓаните да не се вознемируваат, во повеќе наврати ќе се извршат минирања на теренот“, информираат од ЦУК.
Македонија
Странски новинари, преведувачи: вкупно 942 набљудувачи ќе ги следат претседателските избори
Вкупно 942 набљудувачи, странски новинари и преведувачи се акредитирани за следење на Претседателските избори на 24 април.
Како што е објавено на веб страницата на ДИК, заклучно до 19 април, акредитирани се 342 домашни и 568 странски набљудувачи и преведувачи, од кои најбројни се од ОБСЕ/ОДИХР.
Парламентраните избори во земјава ќе ги следат над 2000 домашни и странски набљудувачи.
Изборите за шеф на државата ќе ги следат и странски новинари.
Седмите претседателски избори во земјава ќе се одржат на 24 април, а евентуалниот втор круг заедно со парламентарните на 8 мај.