Македонија
(Видео) Санирана и реновирана полициската станица во Валандово
Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, кој денеска ја посети полициската станица во Валандово, рече дека по неколкумесечните градежно-санациски работи, објектот на оваа полициска станица е реновиран, обновен и прилагоден за нормално функционирање.
„МВР од сопствени средства, во висина од 3,1 милиони денари, го финансираше санирањето и реновирањето на овој објект, како што тоа континуирано го прави во изминативе две години реконструирајќи и санирајќи полициски објекти низ државата“, изјави Спасовски.
„Се разбира сето тоа само со една единствена цел: воспоставување квалитетни материјално-технички стандарди за работа на организациските единици при МВР, односно на сите полициски службеници. Впрочем, наша базична интенција беше и останува фактот дека напоредно со реформските процеси на безбедносниот сегмент ние мораме да ги унапредиме условите за работа на полициските службеници со што се унапредува ефикасноста и квалитетот на полициското работење“, рече министерот.
На средбата со градоначалникот на Валандово, Перо Костадинов, беше потенцирана одличната соработка меѓу полицијата и локалната самоуправа, а се разговараше и за проекти кои треба да се реализираат во иднина, во интерес на граѓаните. Во рамки на одбележувањето на 6 Ноември, Денот на ослободувањето на Валандово, делегација на МВР, предводена од министерот Спасовски, положи цвеќе пред споменикот на паднатите борци.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Силјановска-Давкова со 8 прашања, како граѓаните да се решат дали и за кого ќе гласаат на изборите
Во својот говор на синоќешниот митинг во Крива Паланка професорката Горданa Силјановска -Давкова порача дека оваа власт не креира рационални политики, оти да креираше рационални политики, почнувајќи од образованието, здравството, социјалната заштита, меѓународната политика, граѓаните немаше да се чувствуваат понижени.
– Се наоѓате пред многу важен момент, да донесете клучна одлука. Како да го направите изборот? Прашајте се, прво, дали подобро живеете? Дали ви е подобра економијата? Дали ви е подобро здравството? Дали ви е подобра социјалната заштита? Дали се чувствувате посигурни? Дали вие сте горди на оваа власт? Дали мислите дека власта е горда на вас? Дали мислите дека се горди на Македонија ако се плашат да го изговорат тоа име? Дали мислите дека се горди на сите кои гинеле за Македонија ако постапуваат, не според државните и националните интереси, туку според личните и олигархиските интереси?, рече Силјановска-Давкова и додаде „дека часовникот го отчукува заминувањето на оваа делигитимирана власт и дека набрзо ќе го отчука времето на промените врзани со новата власт, како на претседателско ниво, така и на парламентарно.
Македонија
УХМР: Времето викендот променливо облачно со локален дожд
Периодот на променливо облачно време со повремени локални врнежи од дожд продолжува и за време на викендот. Синоптичарите за денеска најавуваат променливо време со сончеви периоди. Попладне во источните делови ќе има повремен локален дожд. Ќе дува слаб до умерен ветер од северозападен, а во западните делови од западен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од 0 до 7, а максималната од 13 до 20 степени.
Во Скопје слично време со слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 2, а максималната ќе достигне до 19 степени.
Во недела и во вторник на повеќе места ќе има врнежи, кои повремено ќе бидат пообилни и поројни проследени со појава на грмежи и засилен ветер. Поради спуштање на постудена воздушна маса во недела на планините врнежите повремено ќе преминуваат во снег и ќе се формира нова снежна покривка.
Македонија
Ковачевски: Со ВМРО-ДПМНЕ повторно ќе ја пропуштиме нашата шанса и ќе заглавиме во изолација
Со ВМРО повторно ќе ја пропуштиме нашата шанса, а Мицкоски за тоа ќе ја обвинува ЕУ бидејќи тој не е човек кој презема одговорност за ништо, рече претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски на митингот на Коалицијата за европска иднина вечерва во Охрид.
-Сега повторно слушаме како ВМРО ДПМНЕ сее страв дека со членството во ЕУ ќе сме ја изгубеле државата. Мицкоски и Силјановска ветуваат некакви алтернативни решенија за членство во ЕУ. Но, верувајте почитувани Охриѓани, тоа е само продавање магла. Такво нешто не постои нигде освен во нивните глави. ВМРО ДПМНЕ на чело со Мицкоски е истото ВМРО ДПМНЕ кое на чело со Груевски 11 години ја зароби државата внатре, а ја изолираше надвор. Тие нема да успеат да ја придвижат државата кон ЕУ. Спремни се Македонија уште 100 години да не влезе во ЕУ. Ние заедно нема да дозволиме да си поигруваат со нашата иднина и иднината на нашите деца, рече Ковачевски.
Вчера, токму тука во Охрид, Мицкоски зборуваше за некакво македонско единство и за мораториуми. За жал, се повеќе и повеќе луѓе сфаќаат дека единствен мораториум во главата на Мицкоски е мораториумот за интеграција на државата во ЕУ. Исто како што го блокираше изминативе две години, тој е спремен да го одложува членството во ЕУ уште 11 години, исто како што правеше неговиот ментор Груевски. Не би ме чудело да е спремен и засекогаш да спушти рампа на патот на Македонија кон ЕУ, додаде Ковачевски.
-Наместо национално единство за мораториум, на Македонија ѝ е потребно национално единство за интеграција во ЕУ и за јуриш кон европската идеја. Тоа е вистинскиот пат за промени и токму тоа е одлуката што вие треба да ја донесете на овие избори. Едната опција се Мицкоски, Силјановска и ДПМНЕ со мораториум за ЕУ, а другата опција се СДСМ и Стево Пендаровски кои нема да се откажат од нашата европска иднина, рече вечерва претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски.