Македонија
(Видео) СДСМ: Со дијалог дa се дојде до решение и да не се дозволи пролонгирање на наставата
Долготраен прекин на наставата може сериозно да го наруши наставниот процес и да им наштети на учениците, предупреди на денешната прес-конференција пратеничката Санела Шкриељ од СДСМ.
Таа посочи дека на негативните последици од прекинот на наставата предупредил и УНИЦЕФ, најголемата меѓународната организација за помош на децата во светот.
„Доколку се продолжи вака, учениците и наставниците ќе се соочат со пролонгирање на школската година или ќе мора изгубените часови да ги надоместат со настава во сабота.
Прекинот на наставата може да им наштети на уписите, на државната матура, но и на речиси петстотини наставници кои треба да полагаат стручен испит.
Затоа, апелираме да продолжи социјалниот дијалог, без уцени, СОНК треба да се врати на разговорите, само така може да се дојде до решение“, истакна Шкриељ, која побара наставниците да се водат од интересите на своите ученици.
Претставничката на СДСМ посочи и дека Владата како никоја претходно покажала слух и разбирање за сите граѓани, за сите вработени.
„Показател за тоа е што за период од четири и пол години платите во образованието се зголемени од 3.200 до 6.400 денари.
Покрај инвестициите во платите, реализиравме многубројни проекти за подобрување на условите за работа на наставниот кадар преку изградба и реновирање на училишни објекти“, рече Шкриељ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сончево и топло време со температура до 27 степени
Времето денес ќе биде сончево и топло со мала локална облачност. Ќе дува слаб ветер од јужен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 9, а максималната ќе достигне од 20 до 27 степени.
Во Скопје сончево и топло со слаб ветер од јужен правец.
Минималната температура ќе се спушти до 5, а максималната ќе достигне до 25 степена, јавува УХМР.
Во наредните денови следува период на сончево и топло време со пораст на температурата кон викендот. Утринските температури ќе бидат постојано над нулата, а поголемо наоблачување со услови за појава на дожд се очекува на почетокот на следната недела и ќе биде проследено со умерено спуштање на температурата.
Македонија
Нема подолги задржувања за влез и излез од државата
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Скопје
Без струја дел од Карпош
Регионалниот центар за управување со кризи на Град Скопје, по добиеното известување од ЕВН, информира дека, поради технички зафати во електродистрибутивната мрежа, без електрична енергија ќе остане дел од Карпош.
Од 9 до 14.30 часот корисниците од улицата Мексичка, улицата Хаванска и дел од улицата Варшавска во општина Карпош ќе бидат без струја.