Македонија
(Видео) Се подготвува инфраструктурата за отворање на граничниот премин Маркова Нога
„Интензивно работиме на подготовка на инфраструктурата за што побрзо отворање на граничниот премин Маркова Нога. Во моментот го санираме свлечиштето на регионалниот пат Макази – Маркова Нога, со што обезбедуваме поголема безбедност на граѓаните и туристите и подобри услови за интензивирање на прекуграничната соработка“, истакнаа министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески, и директорот на ЈП за државни патишта, Зоран Китанов, при увидот во санација на свлечиштето Маркова Нога.
Проектот е со вредност од приближно 1,8 милион евра, а предвидена е санација во должина од 250 метри.
„Нашата Влада и владата на Република Грција интензивно работат на заедничко отворање на граничниот премин Маркова Нога. Со санација на свлечиштето создаваме услови за тоа што побргу да се реализира. Досега се одржаа неколку работни состаноци и, како што сум информиран, патот од грчката страна е веќе тампониран, а ние интензивно работиме на уредување на патната инфраструктура од наша страна. Средствата за изградба и реконструкција на граничниот премин се веќе обезбедени преку Програмата за прекугранична соработка и во моментот работиме на обезбедување на техничките услови и изградба на квалитетна инфраструктура, со цел да овозможиме поинтензивна соработка меѓу пограничните општини и услови за локален економски раст и развој на туризмот. Сакам да нагласам дека ваквите проекти имаат бенефит и за двете држави и овозможуваат подобрување на условите за живеење во пограничните региони, но и продлабочување на пријателските односи меѓу земјите“, изјави министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески.
Директорот на ЈП за државни патишта, Зоран Китанов, истакна дека градежните работи за санација на свлечиштето се одвиваат во неколку фази и со овој проект значително се зголемуваат безбедноста на патот и функционалноста на сообраќајот на делницата од Макази до Маркова Нога.
„Изминатата година, со комплетна рехабилитација и поставување нов асфалт на делницата од раскрсницата до Ресен, решивме еден горлив проблем на граѓаните на општината. Но, не застанавме тука. Инвестициите во патната инфраструктура во овој регион продолжуваат, а безбедноста на граѓаните е наш приоритет. Во моментот, покрај санација на свлечиштето, во тек е проектирање обиколница кај Ресен, со што ќе го решиме движењето на товарните возила низ градот и во голема мера ќе придонесеме за зголемување на безбедноста на жителите на околните места и сите учесници во сообраќајот“, изјави директорот на ЈП за државни патишта, Зоран Китанов.
Градоначалникот на општина Ресен, Живко Гошаревски, истакна дека подобрувањето на инфраструктурата ќе придонесе за поголема безбедност на граѓаните и локален економски раст.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Две лица од Скопје го искинале гласачкото ливче, неколкумина го фотографирале
Во 14 часот е пријавено дека на избирачко место во Штип М.Ш. (23) го фотографирал гласачкото ливче. Се преземаат мерки за расчистување на случајот, по што ќе следи соодветен поднесок, соопшти МВР.
Полициски службеници од СВР Штип го привеле Г.Ј. (34) од с. Тработивиште затоа што го фотографирал гласачкото ливче. Според полицијата по документирање на случајот ќе следи соодветен поднесок.
„Во 15.30 часот е пријавено дека на избирачко место бр. 1680 во с. Сопот Р.А. од с. Сопот го фотографирал гласачкото ливче. Се преземаат мерки за расчистување на случајот, по што ќе следи соодветен поднесок.
Во 15.40 часот е пријавено дека на избирачко место бр. 2880 во Скопје Р.Х. (72) го скинал гласачкото ливче. Р.Х. е приведен и по документирање на случајот ќе следи соодветен поднесок.
Во 15.50 часот е пријавено дека во избирачкото место бр.2783 во Скопје Б. С. (48) го скинала гласачкото ливче. Се преземаат мерки за расчистување на случајот, по што ќе следи соодветен поднесок“, информираат од МВР.
Македонија
Максим Димитриевски: Народот одлучува за иднината на Македонија
Народот одлучува за иднината на Македонија, порача кандидатот за претседател, Максим Димитриевски по гласањето.
„Jас го остварив своето право и гласав. Народот одлучува за иднината на Македонија! Посакувам демократски избори и можност граѓаните самостојно да одлучат!“, рече Димитриевски, споделувајќи фотографии од гласањето.
Македонија
Силјановска: Дојде време, дојде час, да си замине оваа власт
Дојде време, дојде час, да си замине оваа власт, порача кандидатката за претседател, Гордана Силјановска Давкова по гласањето во првиот круг од претседателските избори.
„Јас никогаш не агитирам за себе, граѓаните знаат за кого да гласаат, знаат да си го искористат избирачкото право. Генерации гинеле за негово користење! Споредете и направете го вистинскиот избор!“, додаде таа.