Македонија
(Видео) Спасовски ги посети полицајците кои се на обука во Идризово
Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, го посети Центарот за обука во Идризово, каде е во тек селекцијата на пријавените кандидати за полициски службеници на последниот објавен оглас од минатиот месец.
На огласот за прием на 600 извршители на работното место полицаец, согласно пропишаните нормативни критериуми и направените административни проверки по однос на бараната документација, се пријавија вкупно 2.391 кандидат, од кои 1.940 мажи и 451 жени. Сите тие, практично од завчера, во рок од осум дена ќе ги минат задолжителните и стандардизирани физички проверки, по што ќе се продолжи со следните етапи, односно фази на испитување: психолошки проверки, поточно проверки на интелектуалните предиспозиции; општо-образовно тестирање; интервјуа со секој кандидат; потоа безбедносни проверки, како и задолжителни здравствени прегледи.
„По завршувањето на сите овие проверки, ќе биде направено конечното рангирање по кое, согласно Законот за внатрешни работи, 660 избрани кандидати, односно за 10 проценти повеќе од предвидената бројка на барани извршители, ќе бидат упатени на основна обука за полицаец“, рече министерот Спасовски.
Со нив, ќе бидат потпишани договори за основна обука за полицаец во времетрање од една година. Се разбира овие договори нормативно не се договори за работен однос, туку договори со коишто на кандидатите им се овозможува преку три образовни модули од по четири месеци да се стекнат со неопходните знаења за работното место полицаец.
„По завршувањето на секој од тие модули во кои е опфатен период од тромесечна теоретска обука и еден месец практична настава, кандидатите ќе бидат оценувани за постигнатото, така што на крајот, односно со истекот на целата обука ќе имаме конечна ранг-листа по којашто избраните 600 кандидати ќе склучат договори за вработување со министерството на работна позиција приправник полицаец, со обврска најмалку пет години да работат во Министерството за внатрешни работи. На пријавените кандидати им посакувам успех“, рече министерот Спасовски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Патот Штип-Кочани во прекин поради сообраќајка
Од 17:10 часот, поради сообраќајна незгода на патниот правец Штип-Кочани, сообраќајот е во прекин во една насока, информираат од АМСМ.
Македонија
Маричиќ: Имаме план за зелена Македонија во која граѓаните ќе станат акционери на енергетските компании
Секретарот за меѓународна соработка на СДСМ Бојан Маричиќ денес во изјавата за медиуми се обврза дека СДСМ и Коалицијата за европска иднина нема да се откажат од стремежот за енергетска независност и од зелена енергија.
Во своето обраќање посочи дека е време да се сопре со фосилните технологии.
Изјави дека постоечките енергетски капацитети на фосилни горива да ги трансформираме во соларни електрани кои произведуваат зелена енергија.
„Тој процес го продолжуваме со голема новина: Државните енергетски компании ги даваме во рацете на граѓаните! Граѓаните стануваат акционери во енергетските компании. Висок процент од вкупниот број издадени акции во државните енергетски компании ќе се поделат еднакво на граѓаните. Секој граѓанин, вклучително и децата, ќе добие по најмалку 8.000 денари од вредноста на енергетските компании или 500 евра за едно четиричлено семејство.
Нашиот план е производството на енергија да се зголеми за најмалку 70% за да ги задоволиме домашните потреби за струја. Во наредните четири години за 100% да се зголемат капацитете со обновливи извори на енергија да достигне 60% од вкупната потрошувачка во државата.“
Маричиќ во својата изјава потврди дека целта и програмата на СДСМ е иста со онаа на Европската Унија и Европскиот зелен договор кој предвидува нула штетни гасови од фосилни горива до 2050 година.
„Нашата визија е зелена Македонија како здрава животна средина за граѓаните. Чиста вода за пиење во секое населено место, одржливо управување со отпад и расчистување на дивите депонии. Пречистување на отпадните води за здрава почва за здрава храна.“
Македонија
Со полициски хеликоптер пренесен македонски државјанин од Унгарија до Скопје
Денеска (20.04.2024) по добиено барање од ЦУК, со полициски хеликоптер Бел-412 од Одделот за воздухопловни единици, од Сегедин, Унгарија до Скопје е пренесен македонски државјанин кој доживеал мозочен удар на 18 април за време на службен пат во Унгарија. Тој е пренесен на скопскиот клинички центар „Мајка Тереза“.
Oва е втор пат да се извршува ваков вид воздухопловен транспорт од Сегедин до Скопје со хеликоптер на Министерството за внатрешни работи, откако и на 11 април беше успешно реализирана ваква акција.