Македонија
(Видео) Спасовски – Палмер: Реформите најавуваат позитивна и скорешна одлука на ЕУ за почеток на преговорите
Техничкиот премиер, Оливер Спасовски, на маргините на самитот за Западен Балкан на Европската банка за обнова и развој во Лондон, се сретна со специјалниот претставник на американскиот државен секретар на САД за Западен Балкан, Метју Палмер.
На средбата уште еднаш биле потврдени пријателството и стратешкото партнерство меѓу САД и Северна Македонија, а како посебно беше издвоено лидерството на земјата во регионалната соработка.
Во таа насока Спасовски истакна дека Северна Македонија останува посветена на исполнување на обврските од договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија и на договорот од Преспа со Грција, кои добија признание дека се остварени во духот на европските вредности и дека се светол пример за решавање билатерални спорови во регионот. Специјалниот претставник на американскиот државен секретар на САД за Западен Балкан, Метју Палмер, на средбата ја повтори определбата на својата земја за поддршката на реформите и нивното спроведување во Северна Македонија.
Палмер истакна дека од резултатите од реформите и од нивното спроведување се очекува позитивна и скорешна одлука на ЕУ за почеток на преговорите како логичен чекор и поради исполнувањето на сите критериуми и стандарди за членството во НАТО.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сончево и топло време со температура до 27 степени
Времето денес ќе биде сончево и топло со мала локална облачност. Ќе дува слаб ветер од јужен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 9, а максималната ќе достигне од 20 до 27 степени.
Во Скопје сончево и топло со слаб ветер од јужен правец.
Минималната температура ќе се спушти до 5, а максималната ќе достигне до 25 степена, јавува УХМР.
Во наредните денови следува период на сончево и топло време со пораст на температурата кон викендот. Утринските температури ќе бидат постојано над нулата, а поголемо наоблачување со услови за појава на дожд се очекува на почетокот на следната недела и ќе биде проследено со умерено спуштање на температурата.
Македонија
Нема подолги задржувања за влез и излез од државата
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Скопје
Без струја дел од Карпош
Регионалниот центар за управување со кризи на Град Скопје, по добиеното известување од ЕВН, информира дека, поради технички зафати во електродистрибутивната мрежа, без електрична енергија ќе остане дел од Карпош.
Од 9 до 14.30 часот корисниците од улицата Мексичка, улицата Хаванска и дел од улицата Варшавска во општина Карпош ќе бидат без струја.